За Расмусен судот во Хаг е чир

Како еден најобичен задрт бирократ, без ни трунка обид за еден поинаков поглед на работите, генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен на македонскиот премиер, по којзнае кој пат му повтори - ново име, па членство во НАТО. Груевски му вели дека има една пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, а овој го тапка по рамото и му вели, ние во НАТО така се договоривме.

Ова не е ништо ново и непознато за нас. Ова сме го чуле стотина пати досега и од Расмусен и од други такви негови колеги од бриселската администрација, кои упорно и упорно повторуваат нешто за кое тие така се договориле. Сè друго е неважно. Тие упорно ја игнорираат пресудата со која Грција беше осудена за прекршување на Приврeмената спогодба. А ако се сеќавате, сите тие пред отворањето на спорот беа упорни во давањето препораки до Македонија дека нема потреба од еден таков процес, дека е тоа бескорисно и излишно.

И, според нивното досегашно однесување беа во право. Што ако на масата има пресуда на еден Меѓународен суд? Тоа за нив ништо и не значи. Тоа било само една препорака, која кој како сака си ја толкува и спроведува, односно неспроведува. Што има тоа врска, кога ние така се договоривме, му шлапна в лице на македонскиот премиер првиот оперативец на НАТО Расмусен.

Кога зборуваме за НАТО, од нивна страна има и едно вакво толкување – па судот е на ОН, тоа нема врска со Алијансата, едноставно јурисдикцијата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг не стигнува до границите на НАТО.

Уште една глупост. Кои се членки на НАТО? Тоа се истите држави кои се членки на ОН и кои треба да се грижат за почитување и спроведување на сите меѓународни договори и пресуди. А токму таква е и пресудата од Хаг. А токму НАТО е организацијата која постојано инсистира на развојот на демократијата, на почитувањето на правото, на правната држава...

А пресудата од Хаг кажа всушност дека во Букурешт беа флагрантно прекршени меѓународните обврски на Грција, произлезени од Привремената спогодба, пресуди дека тука се работи за нелегални одлуки. Пресуда! И на тоа Расмусен одговара – ама ние така се договоривме!

Ова е уште еден аргумент повеќе дека Македонија е навистина исправена пред еден сериозен предизвик за кој мора многу похрабро да делува за да излезе од сегашниот ќор-сокак.

Едно од главните оправдувања за потпишување на таа Привремена спогодба беа безбедносните закани по регионот, образложени од грчка страна. Ако ова оправдување се уште важи тогаш зошто Грција потпиша протокол за соработка во областа на одбраната со Македонија (Талат Џафери и Димитрас Аврамопулос), ако сме толкава закана за регионот.

Заканата за безбедноста останува, ама само по вина на НАТО и ЕУ преку нерешавањето на прашањето со името според меѓународното право и одлагањето на македонската евроатлантска интеграција. Неизбежните внатрешни раслојувања по ова прашање и надворешните влијанија си го прават своето. Од пресудата во Хаг јасно се гледаат обврските на Грција, а и на меѓународната заедница што треба да прави, а не да се договара според нивните интереси.

Александар Дамовски

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе