ПЕРВЕРЗНО

Сите среќни

Скопје загуби една голема шанса - да изгледа како модерна европска или светска метропола. Требаше да се привлече светското внимание кон фактот дека Скопје отсекогаш било меѓународен град. Од времето на Византиската и Отоманската Империја и радикалниот урбанистички план на Пиколомини, до двокатните автобуси од 50-тите години, Кензо Танге и Јанко Константинов од 60-тите и 70-тите години. Тоа е традицијата на Скопје, а не некаков псевдобарок и монструозни воини.

Јоргос Пападакис Изборот на Андреј Жерновски за нов градоначалник на Центар е редок пример за тоа како буквално секој може да се направи среќен.

Тој донесе насмевки, па дури и радост во коалицијата предводена од СДСМ, која инаку беше потресена од исходот на локалните избори. Тој ги охрабри сите Македонци што сметаат дека промената е едно од најважните средства во секое демократско општество. ВМРО-ДПМНЕ исто така може да биде среќно. Тие можат на своите критичари да им го посочуваат својот пораз во главната скопската општина како редок знак на демократијата во Македонија. Сепак, владејачката партија главно може да биде среќна од една друга причина. Таканаречената трансформација на Скопје преку проектот „Скопје 2014“ полека привршува. Сите големи згради и споменици веќе се на место и сега новиот градоначалник може да направи многу малку во однос на нив, и покрај неговата изјава непосредно по победата дека ниту еден сантиметар земја во центарот на Скопје повеќе нема да се користи без согласност од неговите граѓани.

Ова е причината зошто последната голема низа споменици беа бесрамно набрзина поставени само неколку часа по победата на Жерновски; за рацете на новиот градоначалник да бидат што е можно поцврсто врзани. Што и да одлучи тој од сега па натаму, да ги уништи или да ги пресели сите споменици или дел од нив, тоа само може да заврши лошо за него. Тој ќе биде означен како „уништувачот“ во споредба со неговиот претходник, кој макотрпно ги градеше работите во изминатите неколку години.

Дали има губитници во оваа сите-среќни-приказна? Се плашам дека тука имаме еден голем губитник. Тоа е самиот град Скопје. Никој не негира дека на Скопје му беа итно потребни нови згради за да ги вдоми своите музеи, опера, судството, својата култура. Повеќето Македонци, исто така, ќе се согласат и дека беа потребни неколку индикативни споменици во чест на луѓето што придонеле за подемот и просперитетот на македонскиот народ. Јас лично бев воодушевен - како посвоен Македонец од Леринско – кога слушнав дека конечно Васил Чакаларов пристигнал на улиците на главниот град. Но дали знаете колку големи војводи ние имавме во Егејска Македонија? Апостол Петков, Лука Иванов, Тане Николов, Митре Панџаров Влаот, Пандо Кљасев, Лазар Поп-Трајков, Александар Турунџев се само неколкумина од нив... Кога би изградиле споменик за секого од нив, ние во Скопје би имале повеќе статуи отколку луѓе. Не влегувам во дискусија за колосалните Александар, Филип и другите реликвии на антиката, бидејќи тие никому никогаш не му биле навистина потребни, а и не се поентата тука.

За жал, поентата е дека Скопје загуби една голема шанса - најверојатно единствената шанса што ќе ја има во следните 100 години - да изгледа како модерна европска или светска метропола. Ако владата веќе одлучи да потроши толку многу пари за новиот имиџ на градот, тие требаше да го направат тоа на сосема поинаков начин. Како? Така што центарот на градот ќе го направеа динамична лабораторија на меѓународната архитектура, каде што познатите, исто како и младите амбициозни архитекти и скулптори, ќе се натпреваруваа за најиновативните форми и дизајни. Со привлекување на светското внимание кон фактот дека Скопје отсекогаш било меѓународен град. Од времето на Византиската и Отоманската Империја и радикалниот урбанистички план на Пиколомини, до двокатните автобуси од 50-тите години, Кензо Танге и Јанко Константинов од 60-тите и 70-тите години. Тоа е традицијата на Скопје, а не некаков псевдобарок и монструозни воини. Скопје е Калето и Старата чаршија, а не таканаречената Порта Македонија.

Наместо да ги нагласат овие факти и да се обидат да направат нешто што хармонично ќе се вклопи во рамките на линиите на постојните структури (и во нашите очи), владејачката партија и нејзините градоначалници на Скопје и на Центар се одлучија за Дизниленд околу плоштадот Македонија, што ги шокира, па дури и ги плаши старите пријатели на Скопје, а малку е веројатно дека ќе привлече нови долгорочни пријатели. Сега некој веројатно ќе каже дека ангажирањето меѓународно признаени архитекти ќе чинеше повеќе. Најверојатно, но ќе имавме изградено помал број бескорисни споменици, кои нè чинеа и продолжуваат да нè чинат милиони евра.

Друг некој би рекол дека сè е прашање на вкус, а вкусот, како што сите знаеме, е субјективен. „Погледни го центарот Жорж Помпиду во Париз“, ми рече еден пријател пред некој ден, „нели е грд?“ Тој можеби е грд (или убав), но никој не ни помислил да го изгради веднаш до Шанзелизе или до Ајфеловата кула, иако околу овие два споменици има многу место. Еден таков чин би бил злосторство кон Париз, кон неговите граѓани, па дури и кон целиот свет. Се плашам дека ние сме многу блиску до привршувањето на таквиот криминал кон Скопје.

Ова е причината поради која мислам дека наместо да биде најсреќен од сите нас, Андреј Жерновски ќе биде сè позагрижен како што поминува времето. Товарот што тој треба да го носи е огромен. Ако се нурне длабоко во своите либерални корени и ја отфрли демагогијата од страна, тој има добра шанса да ги најде одговорите и да ја намали веќе направената штета. Ако не, ќе биде проголтан од статуите и од нивните господари.

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе