Бившиот амбасадор на сад пак во скопје

Рикер со нов моментум за промена на името

Досегашното почитување на земјите членки на ЕУ на ЕУ-стандардите не му остава големи шанси на моментумот кој високиот американски дипломат го бара преку некаква јавна расправа за последниот предлог на Нимиц. Таа шанса помина. Македонските граѓани се свестија за тоа што всушност значат ЕУ-стандарди, ЕУ-принципи, ЕУ-закони, ЕУ-судови, ЕУ-правда...

Актуелниот и поранешниот амбасадор на САД во Македонија: Пол Волерс и Филип Рикер

Сега е моментумот за заедничко решение за спорот за името. А за ова да се реши треба да се се отвори поширока дебата и меѓу партиите и во јавноста за последниот предлог на посредникот на ОН Метју Нимиц.

Ова денеска ни го порача добриот познавач на балканските прилики, долги години американски дипломат во Македонија, Филип Рикер, денешен заменик-помошникот на државниот секретар на САД. Кој е тој моментум кој Рикер го гледа, а никој тука, во Македонија, а како што изгледа, ниту пак во Грција го видел?

Она што е најинтересно е што никој и не го знае последниот предлог на Нимиц. Ако е она што го објавија некои македонски и грчки медиуми, тогаш тоа е името Горна Република Македонија. За овој предлог први се изјаснија Грците – не за одредница пред Република Македонија, туку само за одредница меѓу Република и Македонија. За Македонија, пак, одредница меѓу Република и Македонија не доаѓа предвид. Ако е така, во што е моментумот кој Рикер го гледа, но не и Македонија, ниту пак Грција. Од друга страна пак, од она како нашиот јужен сосед се однесува во последниот период, јасно е дека за Атина е најдобро ако прашањето за името во овој период никој и не го споменува, а камо ли да ги тера да го решаваат. Грција упорно се обидува проблемот што го измислија и вештачки го наметнаа, сега да го затскријат.

Со оглед дека се работи за висок државен американски дипломат и за човек кој беше амбасадор на САД во Македонија, можно е сепак Рикер да знае нешто повеќе од македонската јавност која треба да почне некаква јавна расправа. А никој не го знае предлогот на Нимиц.

Ако одиме според она што беше пренесено за наводниот последен предлог на Нимиц, тогаш партиите и македонската јавност многу брзо, заради моментумот, треба да почнат да расправаат и за тоа дека името Горна Република Македонија треба да има рок на траење од само 7-8 години се додека траат преговорите за членството на Македонија во ЕУ. Потоа би требало да се оди на референдум за името, заедно со референдум за членство во ЕУ. Наводниот предлог на Нимиц оди понатаму со тоа дека во Уставот на Република Македонија треба да се внесе амандман во кој ќе пишува дека „од денот кога Република Македонија ќе стане членка на Европската Унија, меѓународното име на земјата ќе биде Горна Република Македонија и ќе се употребува erga omnes на сите јазици, освен на официјалните јазици на земјата”. Сите идентитетски прашања би се решавале во рамките на ЕУ-стандардите.

Има уште некој дел од, објавениот по медиумите, предлогот на Нимиц, ама и дотука е доста.

Ако се оди и според досегашното почитување на земјите членки на ЕУ на ЕУ стандардите, тогаш моментумот за ваква јавна расправа беше вчера. Таа шанса помина. Македонските граѓани се свестија за тоа што всушност значат ЕУ стандарди, ЕУ принципи, ЕУ закони, ЕУ судови, ЕУ правда.

Е сега ако Рикер има на ум некаква булдожер дипломатија која денеска меѓу редови можеби отворено им ја најавил на претставниците на македонскиот политички врв, тоа е веќе друг моментум за вистинска јавна расправа. Ако е ова нов ултиматум за капитулација, тогаш од денеска бараме претседателот Иванов и премиерот Груевски отворено тоа да и го соопштат на македонската јавност за да може веќе од утре да почне меѓупартискиот дијалог на оваа тема и, се разбира, расправа помеѓу македонската јавност.

Какво било условување за промена на името длабоко навлегува во промена на македонскиот национален идентитет, предуслов за разнебитување на македонскиот народ. Ако е тоа вовед во почетокот на креирањето на уште еден период во кој македонската јавност треба да се убеди дека нема друг избор, тогаш навистина е и невозможно да се почне некаков дијалог, а уште помалку некаква аргументирана јавна расправа. Тогаш би настапил еден друг моментум, што се вика НЕ во ЕУ.

Александар Дамовски

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе