Па добро бе, професори... До толку мислите дека учениците се будали?

Не ми е јасно како не помислуваат дека учениците знаат дека ги лажат. Дека знаат дека ги манипулираат, ги притискаат, им се одмаздуваат. Професори, не можете да ги излажете децата и да ги убедите во нешто што го гледаат, го чувствуваат, секојдневно го намирисуваат, а се надевале токму од своите учители да видат нешто друго.

Е па, од нив нема ништо друго. Тие учители, професори, директори на училишта и гимназии ја шират само таа реа. Секоја чест на исклучоците. Не можете, бе, господа директори на гимназии, да лажете дека не сте вршеле никаков притисок врз учениците за маршот на Средношколскиот пленум. Па тие исти деца ве гледаа како влегувате од училница во училница и токму нив ги предупредувавте да не одат на марш, со закани дека ќе добијат укори, неоправдани, кецови... А потоа изјавувате дека такво нешто не се случило. Па тие ве гледаа! И што мислите, каква слика имаат за вас? Мислите дека имате некаков авторитет пред нив? Дека сте успеале кај нив да искамчите и трошка почит кон вас како професори, како воспитувачи, како примери, а да не зборувам за идоли?

Катастрофа е тоа што го правите. Не може бе, господа професори и директори и наставници, да лажете, да манипулирате, да седите по канцеларии залепени за директорското столче, заштитени од полицајци. Мислите учениците не знаат дека одмазднички им ги одземате часовите на професорите што ги поддржале нив? Дека им ги префрлате часовите по други училишта, а кај вас примате нови професори, онака, за инает, за да покажете сила над оние што маршираат заедно со своите ученици и што навистина им се идоли.

Дали некогаш ви текнало дека и вие треба да бидете со своите ученици, дека требаше да отидете на сите нивни досегашни маршеви, а не да им ги заклучувате вратите и да им се заканувате и на учениците и на посовесните колеги. Па вие сте тие што треба секојдневно да ја поттикнуваат нивната желба за слобода, за бунтовништво пред неправдите, за незадоволство, за потрага по подоброто, за постојани барања за промени... Па и историјата ве учеше на тоа. Или сте киднале од таа лекција кога сте биле ученици?

Не знам од каде ви се овие нови лекции за таквото однесување, ама да знаете дека вие, таквите, одамна не сте пример за добро. Станавте предмет на потсмев, пример за лицемери, за страшливци, за камелеони... Кога ќе се пензионирате, ниту еден од овие ваши денешни ученици нема да ве памти по добро, нема да ве поздрави на улица и да ве пофали дека сте ги научиле на нешто добро. Напротив, само ќе свртат глава, згадени од ваквите спомени. Како ќе живеете со тоа, мислете уште од сега.

Се сеќавам на некои мои учители и професори од гимназија за кои и денес со гордост раскажувам какви педагози и учители беа. Беа џинови за вас, за ова што денеска го гледаме и го слушаме.

Еве, да не одиме толку далеку. Пред десетина години со задоволство напишав една колумна за класната на ќерка ми, која тогаш беше како моите стари професори: доблесна, горда, принципиелна, самоуверена, одличен експерт, но уште подобар човек, секогаш во одбрана на учениците, на нивните интереси, на нивните барања... Живееше со нив, се бунтуваше со нив. Тогаш напишав дека такви наставници ни требаат. Денеска за истата таа професорка, сега директорка, го слушам и го гледам сето ова што го напишав погоре.

Да можам, на таа колумна (објавена во весник) денес само би ѝ стиснал – бриши!

Александар Дамовски

(Текстот е одговор на колумната „Сите нации се модерни конструкти" од д-р Љубица Спасковска објавена на МКД.мк, 1 август)

повеќе

На мојот пријател, овчарот Митко му реков: „Дојде време ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава".

повеќе

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе