Коментар

Отпор и бојкот да, ама кон Црвенковски

Со најавата за бојкот на вториот круг лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски се надмина себеси. Просто да не му се верува на човек колку болна може да биде амбицијата да се остане лидер на една партија што тоне само поради тоа што тој ѝ е лидер.

Она што вчера требаше Црвенковски да го каже е дека дава оставка и се повлекува од политиката. Не можам да ја разберам таа негова внатрешна потреба кога се оди во пропаст, да влече надолу сè со себе. Ама тука веќе навлегуваме во некои други сфери, а не во сферата на нормалното, логично политичко резонирање.

Црвенковски пак повика на отпор и бојкот, со услов предвремени парламентарни избори и расчистување на нерегуларностите што беа евидентирани. Да, имаше нерегуларности, тие навистина треба да се расчистат, не заради СДСМ, туку пред сè заради натамошно усовршување на изборниот процес. А за тоа се надлежни државните институции, кои мора тоа да го направат. Но прашањето е колку тие нерегуларности влијаеја на конечниот резултат. И на овие избори е очигледно расположението на поголем дел од народот.

Овојпат соработниците на Црвенковски треба да повикаат на отпор против него, да соберат сила да му се спротивстават, да му се заблагодарат и да го пензионираат. И онака веќе добива пензија како поранешен претседател на државата, па ред е и пензионерски да си ја користи.

Дојде време некој внатре од партијата искрено да му ја прифати тактиката за бојкот, ама не бојкот на избори, со кој ги лишува граѓаните од нивното право на избор, туку бојкот кон неговата погубна политика, која веќе седми пат по ред доживува неуспех на изборен натпревар. Црвенковски навистина веќе нема ни милиметар квадратен простор за манипулација со партиското раководство, кое досега неразумно слепо го следеше. Едно се неговите заслуги за СДСМ, а сосема друго е ова што се случува денес: неговите грешки и неговата доследност предизвикаа неговата партија, и покрај високиот потенцијал, да оди од грешка во грешка и земјава речиси да нема опозиција. Политичката матрица на дејствување што ја дефинира и ја постави Црвенковски веќе не функционира. Веќе не функционира матрицата на постојано креирање кризи, на постојано критизерство, на политички заткулисни игри, на манипулации, политика на наведнат, свиен 'рбет...

Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го направи со својот поранешен претседател Љубчо Георгиевски, тоа одамна требаше да го направи и СДСМ. Се разбира, за тоа на Црвенковски нема да му треба бугарски пасош. Доволно беше синоќа да даде изјава дека се повлекува. И Георгиевски после се премисли и не ги даваше печатите на партијата, па на крај со сила му беа одземени.

Не велам дека такво сценарио е неопходно и во случајот со Црвенковски. Неговата шанса е мајскиот конгрес на СДСМ. Тој конгрес е и шанса за членството на СДСМ, кое ќе мора да се престрои, да се стави на една поинаква патека од досегашната. Мора да ги собере сите свои капацитети и да ги впрегне до максимум, зашто тоа некогаш беше силна партија, интелектуална и достоинствена. Ама беше. Веќе не е.

СДСМ, во име на старите времиња, и натаму останува најсериозната, најсилна опозиција во државата. Ако сакаат да го задржат овој епитет, социјалдемократите ќе мора да раскрстат прво со Црвенковски, а потоа и со сите негови клонови, кои само ја мултиплицираа ваквата политика на терен, па дури и да ја освежат партијата и со ново способно членство.

Конечно, прашањето за постоење на силна опозиција не е само прашање на СДСМ. Тоа е многу сериозно прашање за целокупната политичка сцена на Македонија, за постоење на едно здраво демократско општество, во кое на една политичка гарнитура во ниту еден момент не треба да ѝ се остави удобноста на монополското владеење. Некој на таа гарнитура постојано треба да ѝ дише во врат.

Црвенковски, очигледно, веќе го нема капацитетот за тоа.

Александар Дамовски

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе