Име

Нимиц се „отвори“ и ги заврши разговорите за името, време е да бараме други варијанти

Не дека и досега не ни беше јасно, ама со последната конференција за печатот на посредникот на ОН Метју Нимиц за проблемот со името на Грција, работите станаа многу појасни – разговорите завршуваат, неговиот мандат кај и да е ќе престане, време е Македонија да ги отвора сите други можни решенија за проблемот.

 

Веројатно гледајќи каде оди работата, Нимиц вчера првпат беше толку отворен во однос на тоа за што разговарал во Атина. Првпат и официјално некој призна дека една географска одредница (најверојатно „Горна“) била прифатлива за двете страни. И само тоа. За сè натаму, каде ќе стои таа одредница (пред Република Македонија или меѓу Република и Македонија), каде ќе се употребува тоа ново име, кои придавки ќе се изведуваат од тоа име... позициите на двете страни се сосема спротивставени. Грците се за само едно име - Република Горна Македонија. Предлогот на Нимиц бил за ограничена употреба на тоа име.

Она што е интересно од вчерашната конференција за печатот е дека Нимиц првпат призна дека ја прифаќа логиката на Грција зошто ние треба да го смениме името. Тој вчера ја повтори логиката за регионот Македонија, за поделбата на тој регион на три држави и за логичната потреба од поинаква идентификација на делот што е македонски. За него, како и за Грците, воопшто не е важно тоа што нашето име е Република Македонија, тоа што тоа име како такво е присутно од 1944 година, тоа што грчките дистрикти Западна, Централна и Источна Македонија сами по себе се веќе одредени, тоа што имињата на тие дистрикти се дадени во 1988 година... Што има тука нејасно во однос на одредниците и границите? Зошто ние треба да менуваме нешто, а не тие? И конечно, од каде некому право да кажува кој како може да се нарекува?

Метју Нимиц во Скопје, откако во Атина конечно му се разјасниле грчките позиции, првпат призна дека двете страни се далеку од решение.

Што станува сосема логично и нормално кога ќе се разјаснат грчките позиции. Тоа беше јасно многу одамна. Грција сака целосен опсег на употребата на нивниот предлог за името (заедно со пасоши, документи, промена на Устав, а богами и на придавките од него). А ние тоа, нормално, не го прифаќаме. Простор за муабет? Нема.

Време е Република Македонија да го сврти листот во однос на овие разговори во ОН. Ако Светската организација може уште од стартот да не си ги почитува сопствените одредби од Повелбата и Статутот за нечиј условен прием во ОН, ако истата таа организација нема проблем со непочитувањето на судските пресуди на судот што таа го основала, тогаш навистина не ми е јасно зошто и натаму да разговараме на темата име. Зошто ние би требало да продолжиме да разговараме?

На оваа тема досега се отворија неколку варијанти за прием на Македонија под уставното име во ОН (преку Генералното собрание, со мнозинство на земјите-членки на ОН што нè признаа под уставното име, преку нов судски процес, преку повикување на претходни одлуки на ОН за прием...). На досегашните разговори на првата и втората страна и на молкот на меѓународната заедница за оваа глупост што ја покрена Грција, а ЕУ, ОН и НАТО ја прифатија, и нивното постојано инсистирање на компромис, при што секогаш прстот го вперуваа кон Македонија, навистина треба да им дојде крајот. Мора да бараме други излези.

Александар Дамовски

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе