ПРЕГОВОРИ ЗА ИМЕТО

Нимиц призна дека ОН не преговара за идентитетот, а што правеше две децении?

Посредникот на ОН после две децении и обиди да најде разни прифатливи варијанти за придавките македонски, македонско, македонска... рече дека во Светската организација никој не преговара за идентитетот. И сега сите ние треба да бидеме среќни за ваквото негово лицемерно признание и да ја прифатиме неговата нова стапица која се наѕира.

Игрите на меѓународната заедница со името на Македонија продолжуваат. Неколку пати досега медијаторот Метју Нимиц се обидуваше да нè убеди дека едно е граѓанска припадност, а сосема друга е национална, дека во пасошите на сите светски држави националност (natiоnality) значело едно, а не тоа што ние сме го подразбирале, дека не е лошо ако македонски се пишува во ваква или онаква транскрипција, дека придавката македонски може да се користи и јужно и источно од нас. За да конечно денеска за првпат кажува дека во ОН за идентитетот не се преговара. Зошто тоа не го кажа пред 20 години?

Зошто тогаш Нимиц сето ова време дозволуваше да се разговара за придавките изведени од Македонија. Кој може да ги заборави сите негови предлози за тоа како да се пишува Македонија и како и каде да се употребува изведената придавка од тоа. Па зарем некој може да заборави дека Нимиц на пример предложил дека за придавката „македонски" (мацедониан) се бара одвојување на прашањето во три сегменти: придавка што ќе ја определи нацијата, идентитетот на етникумот и придавка што ќе го определи јазикот изведени од новото име (северномакедонци; северномакедонски јазик, нација, етникум). Се одеше и дотаму што Нимиц на маса ја ставаше дури и употребата на кодот МК и МКД. Нимиц се согласуваше со предлогот на Грција согласно новото име да се бара промена и на употребата на називите „Маде ин Мацедониа" или "мацедониан продуцт". Грција побара, а Нимиц се согласи да се разговара за целосна замена на употребата на македонските топоними со грчки (на пр. Едеса наместо Воден или Флорина наместо Лерин), како и нивна целосна примена во учебниците, мапите, официјалните документи, метеоролошката прогноза и др.

Ако во ОН не се преговара за идентитетот, тогаш зошто посредникот во своите документи предлагал покрај тројната формула за името во кирилична и англиска транскрипција, во графата националност да нема Македонци, туку „граѓани на РМ“, а за јазикот неофицијално стоело македонски, иако во официјалниот негов документ на англиски јазик стоела нејасната кратенка МЦДС, што подоцна беше објаснето како техничка грешка.

Кога виде дека сето тоа не поминува, сега наеднаш Нимиц како посредник на ОН ни вели дека во ОН никогаш и никој не преговара за иднетитетот. Две децении потоаа. Еден е проблемот со Нимиц, ама многу посериозен е и проблемот со нашите преговарачи кои сите овие предлози ги оставаа на масата за разговори и сериозно ги разгледуваа наместо онака, најбезобразно да му ги вратат или да ги скинат овие хартии пред него.  

Но, еве дојдовме и до таа фаза. Сега сме пред една нова стапица. На ред е еден друг пазар – сменето го името, а ние ќе го гарантираме идентитетот!!! Демек, еве, ние сме добрите, ве разбравме, ги разбравме вашите сериозни и издржани резерви, вие сте на потег. Ова е уште стапица со која нашите дипломати треба да се согласат, да бидат среќни и да ги продолжат преговорите. И што, на крај треба сите да сме среќни што Светската организација и Нимиц ќе нѝ издадат сертификат или гаранција за идентитетот, па секој македонски граѓанин, каде и да оди по белиот свет ќе треба да мавта со тој сертификат и да вика, јас сум од северна Македонија, ама имам тапија дека сум Македонец. Глупости.

И да е така, ваквиот пазар нема шанси да помине и во Грција затоа што за нив во целата оваа папазјанија најбитни им се токму придавките – македонско, македонски, македонска... Се надевам дека овој пазар, под претпоставка да е точен, нашите денешни претставници во разговорите со Нимиц го одбија од прва. Инсистирањето и на шефот на државата и на шефот на македонската дипломатија пред Нимиц да се држиме до меѓународното право и до резолуциите и пресудите на меѓународните институции, очигледно е единствената позиција за која треба да се држиме во овој апсурден спор. А тоа подрзбира напуштање на преговорите и почнување една друга правна битка во рамките на инструментите и правните процедури што ги нуди Светската организација без посредници и медијатори.

Александар Дамовски

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе