Етносело

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ истакнаа заеднички кандидат за градоначалник на Кичево - Македонец. ДПА и СДСМ се договорија за градоначалник на Струга да кандидираат еден од најпопуларните Албанци во градот.

На централно ниво, македонските и албанските партии се договорија да организираат заеднички чартер-летови за дијаспората од Македонија и тие да можат гласаат на претстојните локални избори.

Сè поголем е бројот на македонските граѓани - Албанци што стануваат членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Демократската партија на Албанците го смени името и отсега ќе биде регистрирана како Демократска граѓанска партија.

Да, ова се измислени информации за политичките активности на македонските партии. Вистинските се дека ДПА и ДУИ се договориле да истакнат само еден кандидат за градоначалничката функција на Кичево. Албанец. ДУИ организирано ја носи албанската дијаспора да гласа на 24 март во Кичево, Струга, Тетово, Гостивар... ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Струга и Кичево истакнаа заеднички кандидати за градоначалничките места на овие општини. Македонци. Прва со реакција се јави пратеничката на ДУИ Ермира Мехмети, која вели дека згрешиле што не зазеле страна во судирот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кој брзо се надминал кога на ред дошле Кичево и Струга. И Рамиз Мерко, сè уште актуелниот градоначалник на Струга веднаш излезе со оценката дека овој договор на македонските партии за Струга лошо ќе влијаел на меѓуетничките односи во, инаку преполната со меѓуетничко разбирање на овој град во периодот кога тој ја водеше општинската администрација. Се јави и Зијадин Села, кандидатот на ДПА за градоначалник на Струга, кој самоуверено рече дека бројките се на нивна страна, дека општината има 64 отсто Албанци и се знае кој тука треба да биде шеф. Логиката на мнозинството едноставно го наметнува тоа, вели Села.

Веќе 20 години зборуваме дека на Македонија ѝ се потребни вистински на граѓанска основа поставени политички партии, дека етничкиот предзнак на политичките партии треба да стане дел од нашата историја, дека политичкото организирање е прашање за граѓаните, а не за етникумите секој посебно. И 20 години потоа ваквата поставеност на работата на политичките партии, секоја да си се обраќа на својот етникум, на своето стадо, продолжува да си функционира. Не само што продолжува, туку и се заострува со ваквиот речник на политичките функционери.

На последните претседателски избори во 2009 година Имер Селмани беше кандидат за шеф на државата на неговата партија Нова демократија. Според неговиот речник и настап за време на кампањата, која ја тераше не само во западна Македонија, туку одржа неколку митинзи и во источна Македонија, што е вистинска реткост во политичките кампањи на партиите, Селмани беше еден од ретките политичари што се обидоа да го урнат стереотипот – македонски глас за македонски партии, албански глас за албански партии. Но за жал, брзо по изборите се покажа дека тоа било само маркетиншки потег, а не вистински обид за промовирање на еден поинаков концепт на перцепцијата за политичките партии во Македонија.

Нешто слично се случуваше и со Демократската алтернатива на Васил Тупурковски при крајот на деведесеттите години на минатиот век, партија што брзо се растури откако излезе од владината коалиција со Љубчо Георгиевски. Социјалдемократите ја имаа таа шанса уште од самиот почеток на политичкиот плурализам во Македонија, но за жал не ја искористија.

Овие мали обиди за промоција на некаков граѓански концепт на функционирање на една политичка партија во Македонија, за жал не оставија плодна почва за развој на една таква политичка ориентација. Напротив, последните реакции на договорите за поделбата на локалната власт во мешаните според население општини, само ја покажуваат ригидноста во функционирањето на најголемите политички партии. Рецептот е едноставен – не ми чепкај во моето стадо. Тие се наши и ние, македонските или албанските политички партии, српските или ромските партии, турските или влашките партии, ќе се разбереме кој за кого да гласа. Сè друго сè уште е невиден политички ерес. Моноетничките политички партии очигледно е дека уште долго време ќе доминираат на балканските простори. Етноцентризмот за сите засега е најбезбеден.

А за информациите од почетокот на текстов, очигледно е дека ќе треба да помине време, многу време, за да можеме така да известуваме и да навиваме и да гласаме.

Александар Дамовски

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе