Дали Али Ахмети би бил горд и патриотски Горномакедонец?

Две информации последниве два дена најдобро ја илустрираа апсурдноста во која се наоѓаме со етничката поделеност на нашето општество. Прво, полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителот што со спреј испишал „Македонија“ на ѕидот на една џамија, и второ, Али Ахмети вторпат изјавува дека за Албанците е прифатливо името „Горна Македонија“.

Некој на џамијата во Нерези со спреј напишал „Македонија, МКД“ и полицијата сега го гони. Каде е тука прекршокот? Човекот на еден верски објект што се наоѓа на територијата на Република Македонија ги испишал името и кратенката на својата држава. За каков прекршок тука може да стане збор? Хигиенски? Да. Естетски? Да. Ама дали е ова работа за полицијата и дали е за вакво сериозно соопштение дека полицијата трага по сторителот. Колку сторители дневно испишуваат разноразни пораки на разноразни објекти, па никој не трага по нив? Дали овој потег на еден граѓанин ќе беше регистриран во билтенот на МВР ако некој на ѕидот на џамијата напишеше „Албанија е маде“ (Голема Албанија) или „Косова“?

Вчера, пак, медиумите го пренесоа интервјуто на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, најголемата албанска партија во Македонија, за грчкиот весник Катимерини. Ахмети, непосредно по својата средба со шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, уште еднаш кажа дека за него и за „сите Албанци во Македонија“ е прифатливо името „Северна“ или „Горна Република Македонија“.

Не ми се верува дека Ахмети успеал да ги праша баш сите Албанци во Македонија, но ајде, да кажеме дека на најголем дел македонски Албанци можеби додатокот Горна, Северна, Скопска или Марсовска и не би им бил нешто трагично. На Ахмети очигледно му е сеедно. Нему, на Албанецот, никој не му чепка во името.

Но еве, да ја претпоставиме најлудата и прилично идиотска варијанта: дека одредниците „Горна“ или „Северна“ се прифатливи и за Македонците и дека ние сме го смениле името, и сме влегле во ЕУ, и сме членки на НАТО, и зборуваме на горномакедонски јазик, и тревата е позелена, и сите се посреќни.

Дали тогаш Ахмети гордо би изјавувал дека е Горномакедонец или Северномакедонец? Дали на некој горномакедонски спортски натпревар би ја пеел горномакедонската химна со десната горномакедонска дланка на срцето? Дали би им наредил на своите професори од Тетовскиот универзитет на некоја свечена академија да ја пуштат горномакедонската наместо албанската химна? Дали оној најголем дел македонски Албанци за кои името „Горна Македонија“ не е ништо трагично би прифатиле да кажат дека се Горномакедонци или Северномакедонци?

Ахмети во тој случај, како медијатор и предводник на прогресивна Горна Македонија ќе треба да организира уште една свеченост и на јарболот со албанското знаме кај Зајас да постави повисоко и поголемо знаме на Горна Македонија. Горномакедонското знаме ќе мора Ахмети да го стави и во сите партиски канцеларии на ДУИ, во канцелариите на своите министри, во училиштата во западна Македонија, во општините каде што градоначалниците се од ДУИ или од ДПА, ќе мора горномакедонското знаме да го поставува по улиците на „своите“ општини и да го вее на албанските државни празници... На партиските митинзи организирани од ДУИ пред стоковната куќа Илинден во Скопје, наместо албанското знаме, Ахмети ќе мора да го става северномакедонското или горномакедонско знаме и умно загледан во далечината да се гордее што стои под него...

Ако за Ахмети е прифатливо името Горна Македонија, тогаш ќе треба да биде прифатливо и доследното почитување на горномакедонските топоними – на Попова Шапка, на Битола, на Бањиче, на Фалише... Ахмети ќе мора тогаш да им нареди на своите градоначалници сите албански патокази по градските булевари во Тетово и Гостивар што незаконски беа заменети да ги сменат со горномакедонски, ќе мора да ги извади од подрумот и да ги врати бистите на тетовските горномакедонски партизани, тетовската горномакедонска река Пена да не ја прекрстува во Шкумбим, да ја врати таблата со името на Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово...

Ако тоа е прифатливо за Ахмети и ако кон таа, Горна Македонија, тој ја покаже почитта што сега му фали кон оваа, вистинската и единствена можна Македонија, тогаш ајде да разговараме на таа тема.

Само се плашам дека и Ахмети и неговите следбеници исто вака нервозно ќе реагираат и кога некој на џамијата во Нерези со спреј ќе напише „Горна Македонија, ГМКД“. И дека и кон тоа име тој ќе биде исто толку рамнодушен колку и кон ова, вистинското и единствено можно. И токму тоа му го одзема легитимитетот да дава изјави, да оди на преговори и да искажува ставови за името и јазикот на земјава, поими што и досега му беа туѓи и кон кои и досега не покажал ни трошка почит. Па се разбира дека му е сеедно дали ќе се сменат.

Александар Дамовски

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе