Зошто сме толку недоветни?

Уште во 90-тите години ние се откажавме  од поддршката и заштитата на македонските национални малцинства во Грција, Бугарија, Албанија. Денес се самоуништуваме во самата Македонија со тоа што секојдневно отстапуваме пред експанзијата на албанскиот екстремизам.

Во својата неколкуилјадна историја Македонците повеќекратно биле на работ на опстојувањето. И, по некое чудо или по Божја волја, се спасувале себеси и својот идентитет.  Ако Евреите се богуизбран народ во Стариот завет, такви се Македонците во Новиот завет. Затоа апостол Павле вели дека Македонците „се народ за спасение“. Истовремено, тешко ќе се најде народ кој толку многу работел против себе (во случајов и против Господ). Затоа и Гоце Делчев тврди дека не познава друг народ со таков самоуништувачки нагон. Ние сме светски рекордер по пропуштени историски шанси. Да го земеме предвид времето пред Илинденското востание. Познато е дека во 18 и 19 век Русија ја создава бугарската нација и (иако само на хартија) Санстефанска Бугарија. Познато е исто така дека во името на таа бугарска нација Русите прават огромен притисок врз Македонците да се наречат Бугари. Но, по создавањето на бугарското кнежество во 1878 година Русија е разочарана, зашто Бугарија и врти грб и се ориентира кон Запад. Тогаш Русите вртат поглед кон Македонците. Познатиот руски дипломат и државник И. А. Зиновјев во извештај од  март 1898 г. пишува: „Македонија ќе биде многу важен фактор во решавањето на источното прашање во целиот негов обем и затоа нема никаква основа уште сега однапред дефинитивно да ја решиме нејзината судбина. Ако во поблиската или во подалечната иднина се појават околности што би можеле да повлечат промена на сегашните услови во Македонија, и во тој случај нашите напори би требало да бидат, изгледа, насочени кон формирање од неа автономна област, еднакво независна и од Србија, и од Бугарија“. Зиновјев го имам предвид фактот дека тогашната Внатрешна револуционерна организација соработува со бугарската власт и од неа не се еманципирала ниту политички, ниту национално. Во својот Извештај од мај 1901 г. рускиот дипломат В. Машков е уште поконкретен: „Ако оваа девиза (Македонија на Македонците – заб.авт.) беше прифатена искрено, навистина, давањето автономија би можело да се смета за најдобро решение на македонското прашање. За жал, оваа девиза е обична бугарска мистификација“. Понатаму Машков се аргументира: „Оттука, нема никакви основи да се надеваме дека овие фактори, кои треба да бидат претставници и раководители на автономна Македонија, ќе го сочуваат нејзиниот општословенски, или посебно, македонскиот карактер. Нема сомневање дека автономна Македонија, со исклучок на крајбрежјето (каде што преовладува грчкиот или полугрчкиот елемент, а и тој се губи во заедничката словенска маса) ќе добие чисто бугарски карактер и при првиот поволен случај со радосни насмевки на цела Европа, со исклучок на Австрија, ќе влезе во составот на велика Бугарија, со која ќе стане орудие на Западот против Русија“.

Кои се сознанијата на Зиновјев и на Машков така да мислат?Во 1897 г. во Солун било основано „Бугарско револуционерно братство“ на чело со етничкиот Бугарин Иван Гарванов, кое добило директива да ја преземе Внатрешната организација и целосно да ја преориентира кон Бугарија. Во 1900 г. Братството се соединило со Внатрешната организација, а една година подоцна Гарванов застанал на чело на ЦК. Решението за кревање на Илинденското востание е диригирано од Софија. По задушувањето на востанието Русија врши притисок врз Бугарија и Србија да склучат меѓусебен договор (1904 г.) и да ги поделат сферите на влијание во Македонија. Подоцна тоа станало основа за договор за распарчување на Македонија.

Друг пример. До 1941 г. комунистичката партија во Македонија била во составот на комунистичката партија на Југославија. По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија и Италија, ЦК на БРП (к) побарал македонските комунисти да бидат под негова контрола. Секретарот на Покраинскиот комитет на КПЈ во Македонија, Методи Шаторов направил контакт со БРП (к) и било променето името во „Покраински комитет на Работничката партија на Македонија“. Всушност, бугарските комунисти, иако официјално се бореле против фашизмот, биле националисти. Тоа го докажуваат и репресиите врз македонското мнозинство во Пиринска Македонија по 1948 г. И по капитулацијата на Бугарија во 1944 г., некои македонски патриоти, на кои им недостасува политичка зрелост, заигруваат на бугарската карта за „слободна Македонија“ надвор од Југославија.

Така, македонската глупост пред Илинденското востание го осуетила создавањето на автономна Македонија во нејзините географски и етнички граници. Ако не беа македонските комунисти во периодот 1941-1945 г., македонска држава немаше да се создаде ниту на еден мал дел од Македонија. Од осамостојувањето во 1991 г. до денес таа мала по територија Република Македонија е заплашувана со уништување. По 2004 г. територијата на Западна Македонија практично е отцепена од македонската држава. Значи, скратувањето на македонската територија оди со геометриска прогресија, исто како и пропуштените историски шанси.

Во двете последни децинии, чекор по чекор, партијноста ја ликвидира македонската држава. Затоа и државните институции, и македонската надворешна политика се во катастрофална состојба. Практично, уште во 90-тите години ние се откажавме  од поддршката и заштитата на македонските национални малцинства во Грција, Бугарија, Албанија. Денес се самоуништуваме во самата Македонија со тоа што секојдневно отстапуваме пред експанзијата на албанскиот екстремизам. Од 2006 г. досега владејачката ВМРО-ДПМНЕ регистрира серија изборни победи. Само што таа победува тактички, а стратегиски губи. Губи и во однос на албанскиот блок, и во однос на меѓународните фактори, кои ја уценуваат македонската држава и ја туркаат кон самоликвидирање. Нема сомнение дека и на изборите во април ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, но предизборната кампања досега покажува дека тоа ќе биде пирова победа и јалова. Зошто? Затоа што, за разлика од сите македонски партии и нивните лидери, само бившиот албански терорист Али Ахмети води конкретна пропаганда. Пред распуштањето на македонското собрание, ДУИ бараше консензуален претседател, т.е. да го избира претседателот на Македонија. Сега Ахмети веќе бара и консензуален премиер, претседател на Собранието, една третина од државниот буџет за Албанците и албанскиот јазик да биде  официјален во Македонија. Со два збора – бара федерализација на државата. Ниту една од македонските партии, поединечно и заедно со другите, не реагира на тие барања. Наместо тоа, пропагираат илузии – „достоинствен живот“, „соживот меѓу заедниците“, „заемно почитување“ и сл. ВМРО-ДПМНЕ бара мнозинство од најмалку 62 пратеника „за да не биде уценувана од ДУИ“. Но, не кажува што треба да се направи по изборите. А треба да се направи следново:

1.Создавање влада од македонски партии кои ќе ја минимизираат (ако веќе не можат целосно да ја исклучат) улогата на ДУИ и на ДПА во таа влада;

2. Спроведување попис на македонските граѓани:

-ако бројот на македонските Албанци е под 20% да се поништи Законот за територијалната поделба од 2004 г., кој им ја подари на Албанците цела Западна Македонија;

-ако бројот е над 20% (тоа практично е исклучено, зашто реално Албанците се меѓу 13,5 и 18,5 отсто од македонските граѓани), да се направи референдум во Македонија за промена на тој закон.

Пред да се спроведе пописот, треба да се назначи дека тој се однесува само на оние кои живеат во македонската држава, а не со авиони и со автобуси да доаѓаат тука само на неколку дни.

3. Врз основа на пописот (или референдумот) да се поништи Рамковниот договор од 2001 г.

4. Експресно да се изгласа Законот за бранителите, кои се бореа во 2001 г. против терористите.

Нема сомневање дека тие закони ќе предизвикаат остра реакција од страна на македонските Албанци и од САД, кои се залагаат за голема Албанија. Нема сомневање дека и едните и другите ќе се обидат да направат конфликт и војна како таа во 2001 г. Ете, тука треба да се пројави зрелоста и храброста на македонската држава и дипломатија, кои сега се живи мртовци. Сведоштво за тоа е фактот што од една страна Македонија досега не се придружи кон санкциите против Русија, а од друга – гласаше за резолуцијата во ООН, со која се осудува Русија. Тоа е недоветна имитација на политиката на Тито, што покажува дека денешната македонска дипломатија со светлосни години е оддалечена од поранешната југословенска дипломатија. Понекогаш имам чувство дека денешните македонски политичари се зомбирани од Западот, како што пред еден век многу македонски револуционери беа – од Бугарија. И настојуваат својата зомбираност да ја пренесат и на македонските граѓани. Никој од нив не сака да разбере дека евентуално членство на Македонија во ЕУ и НАТО ќе биде катастрофа за државата. ЕУ и НАТО (под диригентската палка на САД) сакаат да ги уништат и македонскиот идентитет, и македонската држава. Тоа е очигледно за целокупниот свет, само не и за нашите политичари. Затоа продолжуваат да се пикаат и во едната, и во другата организација. Членството на Македонија во ЕУ ќе ја претвори во колонијална држава, слично на Бугарија, Романија и останатите бивши соцдржави. Уште пострашно е членството во НАТО. Тоа може да ги одврзе рацете на некои од македонските соседи, членки на тој пакт, да влезе со војска во Македонија. НАТО нема да се вмеша, како што се случи во време на конфликтот меѓу Грција и Турција во 1974 г. Никој од надвор нема да ни помогне, зашто таков конфликт ќе биде третиран како внатрешна работа на НАТО. Може да изгледа чудно, но токму фактот дека Македонија се уште не е член на НАТО ја осигурува нејзината безбедност. Освен тоа, ако македонските Албанци побараат референдум за отцепување од Македонија кој може да ги сопре? САД стојат зад тој проект, а да претпоставиме дека ние сме во НАТО, водени токму од САД. Нашите сили не се доволни, Албанија може да се вмеша, а САД ќе направат притисок врз нашата влада да прифати федерализација или отцепување на Западна Македонија. Тоа значи дека со НАТО ние си го копаме гробот.

Од друга страна, се гледа дека Русија си ги враќа позициите на голема светска сила. Ситуацијата во Сирија и во Украина покажува дека Русија е спремна на моќни контраудари против улогата на САД на светски џандар. Идните чекори на Русија, освен кон источна Украина и Молдавија, ќе бидат кон Балканот. Русија во иднина ќе си ја врати контролата врз нашиот полуостров. Не само економски, туку и воено. Дали преку Србија, дали преку Република Српска во Босна, дали преку Црна Гора (иако таа држава глупаво се присоедини кон санкциите против Русите) – не е важно. А зошто Македонија да не биде државата која ќе има тројна печалба од стратегиско економско, политичко и воено партнерство со Русија? Додека Србија се колеба меѓу Русија и ЕУ, доека Црна Гора прави глупости, а Бугарија и Романија прават воени маневри против Русија во Црното Море, зошто ние да не направиме како што направи Аргентина. Зошто истовремено да не влеземе и во воениот сојуз на државите со Русија, и во царинската унија. Тоа подразбира отворање руска воена база во Македонија и, од друга страна, отворање огромен пазар за македонските индустриски производи. Какви се печалбите од таков пресврт од ЕУ и НАТО кон Русија?

Прво, никој повеќе нема да смее да чепка по македонското име, идентитет, историја, јазик и култура. За тоа ќе се погрижи моќната руска пропаганда.

Второ, ќе се гарантира територијалната целост на државата, а македонските Албанци ќе се смират или ќе бидат присилени да бидат мирни. Зашто против нив нема да биде само Македонија, со која си поиграа во 2001 г., туку и Русија. А сите знаат дека руските војници не се шегуваат. Од друга страна, и македонските соседи – непријатели ќе бидат мирни ако Русија постави нуклеарно оружје во Македонија.

Трето, Македонија ќе заборави што е тоа невработеност. Пример за тоа е Белорусија, каде во моментов невработеноста е само 2%, а просечниот стандард е повисок од тој во Македонија, во Бугарија и во Романија. Тогаш ќе престанеме да се радуваме на странски инвеститори, кои вработуваат по 200, 500 или 2.000 луѓе. Македонија може да ја игра улогата на една Источна Германија од минатото, или на еден Израел денес. Соседите ги мразат Евреите, но во исто време стравуваат од нив. Зашто имат нуклеарно оружје и финансиска поддршка од САД од три милијарди долари годишно. Белорусија има поддршка од Русија од 10 милијарди долари годишно, а ако станеме руски приврзаник на Балканот може да добиваме и повеќе.

Има ли негативности тој план? Некои воени експерти тврдат дека моќта на Русија била трипати помала од таа на САД. Тоа значи дека ако нуклеарното оружје на Русија може веднаш да го уништи светот, оружјето што го имаат САД може да го уништи три пати. Вистина е и тоа дека годишниот воен буџет на САД е 700 милијарди долари, а на Русија – само 80 милијарди долари. Само што оружјата не стрелаат сами. И денес решавачки е човечкиот фактор. Затоа САД ја загубија војната во Виетнам, а Русија и САД – таа во Авганистан. Независно од тоа што располагаа со најсовремено оружје. Токму кај човечкиот фактор, во човековата психа е огромната предност на Русите пред Американците. Со исклучок на граѓанската војна во САД пред повеќе од двеста години, Американците немаат војувано на своја територија. Во последните сто години Американците учествуваа  во повеќе од сто заговори, преврати, воени интервенции во светот. Со исклучок на Втората светска војна, кога загинаа 322 илјади Американци, во другите случаи жртвите се малку повеќе од 100 илјади души. На пример, во Првата светска војна – 117 илјади, во Виетнам помалку, во Авганистан исто над 100 илјади луѓе. Може да се каже дека психолошката граница за дозволени жртви на Американците е меѓу 100 и 150 илјади души. Кога ќе се приближат или или ќе ја достигнат таа психолошка граница САД се повлекуваат. Пример е Виетнам, а сега и Авганистан. Уништувањето на кулите близначки во Њујорк во 2001 г., кога загинаа околу три илјади души, беше огромен психолошки шок за САД.

Обратно, во одбрана на својата држава, Русите се навикнати да војуваат на своја територија и да даваат огромни жртви. Само во времето на Граѓанската војна по Октомвриската револуција имаше 15 милиони жртви. Во Втората светска војна вкупниот број на жртвите (убиени на фронтот, во германски логори и цивилни лица) е повеќе од 30 милиони. Уништени се 1.700 града и околу 70.000 села. Ете зошто, за разлика од САД и Западот, Русија не може да биде уплашена од закана со војна, вклучително и со нуклеарно оружје. И во времето на Наполеон, и во времето на Хитлер, Русите ја видоа Москва и опожарена, и разурната, но Американците не знаат како е да исчезне од лицето на земјата, на пример, Њујорк или Вашингтон.

Последниот обид на САД и на Западот да се уништи Русија ќе пропадне како и сите претходни. Новиот фашизам нема да успее како што не успеа ниту хитлеровиот. Со или без идна светска војна, тежиштето на владеењето со светот ќе се пренесе кон Азија – Кина, Русија, Индија. Да не заборавиме дека почетокот на денешната цивилизација беше таму – во Месопотамија. Понекогаш големите сили може да си дозволат повремени катастрофи. Во моментов Македонија е мала држава и секоја следна недоветност на нејзините политичари ја води кон неповратна катастрофа. Зашто позната е народната мудрост: Бог помага, ама во амбарот не внесува!

Стефан Влахов-Мицов

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе