Зошто се угостителите во „паника“ од новите мерки?

Наместо да одиме ниво погоре во однос на хигиената во угостителските објекти, ние сега всушност ќе почнуваме со она што требаше да биде и досега во пракса.

Кога веќе на повидок е стабилизирање на ситуацијата поврзана со пандемијата на корона вирусот и полека враќање во нормала, од повеќе страни и од повеќе институции постојано пристигнуваат предлог пакет мерки и предлог протоколи по кои ќе треба да се работи во угостителските објекти.

Да бидеме реални и објективни, ниту една мерка нема 100% да го спречи ширењето не само на корона вирусот, туку и воопшто на кој било друг. На места со голема фрекфенција на луѓе, со зголемен број контакти помеѓу луѓето едноставно не постои гаранција за целосна заштита на здравјето на луѓето.

Кога човек ќе ги чита сите мерки и протоколи што треба да прави, што не смее, како да се однесува, како не... нормално е истиот тој да се запраша и замисли: "Што воопшто ќе правам во кафе бар/ресторан/хотел со сите овие мерки на претпазливост?! Нека, за сега ќе продолжам со моите излегувања и контакти во парк/кеј/природа".

Да не заборавиме, угостителските објекти се места каде што луѓето одат да се одморат, опуштат, релаксираат со пријателите. Со сето ова тие ќе имаат впечаток дека се во некоја болница, каде чекаат да дојде медицинската сестра да им го донесе лекот и да ги потсетува на она што да прават за да оздрават побрзо. Да, една од предлог мерките е келнерот (под надзор на одговорниот за хигиената и почитување на мерките) да помине по масите и да ги потсети гостите дека треба да си ги дезинфицираат рацете. Како тоа воопшто во пракса ќе изгледа? Дали ќе личи на нешто?

Од сето ова во некоја блага „паника" се самите угостители, како и дали ќе успеат да се справат со ова?

Тука мора да се постави прашањето зошто таа „паника"? Во реалност и во пракса всушност се бара само спроведување на мерки и правила за работа кои требаше да ги има и до сега, да бидат дел од нашето секојдневие. Новитет во сето ова требаше да бидат само заштитните маски и средствата за дезинфекција поставени на масите и на влезовите во објектите.

Во пракса по сите правилници за хигиена (особено се изразени во сета таа обемна документација со имплементацијата на ХАСАП системот) зарем до сега чекаа угостителите дополнителни мерки, на пример кога персоналот треба да ги мие рацете, како правилно да ги мие, после допирање на кои предмети и делови од телото? Зарем до сега не се чистеа детално масите, работните површини, подот, тоалетите... со средства за дезинфекција?

Зарем до сега инвентарот за послужување не се миеше во машина за садови/чаши на 70 степени, и истиот не се чуваше на соодветно место заштитено од прашина и други нечисти работи?

Зошто треба да биде новитет распоредот на масите и растојанието помеѓу нив? Зарем до сега не важеа правилата, на пример на маса со димензии 80Х80 таа да е наменета само за двајца гости (не за 4 како што беше тоа редовна слика по објектите)? Или дека треба растојание од една до друга маса од најмалку 1.5 метри за да има простор за движење. Или дека на една маса при распоредот на столиците од еден до друг стол/гостин треба да има растојание од околу 50 цантиметри.

Понатаму, каква хигиена се водеше до сега по хотелските соби? Нели детално и прецизно се чистеше сѐ и се вршеше дезинфекција? Или оние налепници кои се ставаат во тоалетите во собите дека е сѐ дезинфицирано се местат онака, од што треба да ги има.

Потребно е да се „спушти топката“ и да се размислува трезвено. Нема потреба од никакви „потресувања". Наместо да одиме ниво погоре во однос на хигиената во угостителските објекти, ние сега всушност ќе почнуваме со она што требаше да биде и досега во пракса.

Многу битен момент е  угостителите да направат овие мерки да бидат што  помалку забележливи за гостите за тие да се чувствуваат пријатно и да уживаат во своето кафе/оброк. Во спротивно истите тие гости нема да чекаат „мој термин" за маса во кафе барот или да помине „медицинската сестра" да им даде од „терапијата". Напротив , само ќе ги избегнуваат локалите уште долго време!

Тони Павловски, дипломиран менаџер по туризам и хотелско ресторанско работење

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе