Зошто Русија станува сѐ понервозна

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

Односите меѓу Русија и САД одат кон повторно конфронтирање, особено за позициите во одредени делови во светот.

Во време на промени, ништо не е повеќе променливо од географијата и политиката. Оттука, не само кризата на одредени геостратегии, туку и појавата на желба за доминација кај одредени држави ги прави останатите нервозни, што често пати ги наведува и кон нерационални потези. На ова не се имуни ниту големите и силни држави, а безбедносната дилема која постојано лебди во воздухот е речиси секогаш причината за промените на геополитичката сцена.

Последниве месец дена бевме сведоци на една доста сложена „геополитичка партија шах“ која, може да се рече, навестува турбулентен период на земјите околу Црното Море и Источниот Медитеран. Површински навидум се изгледа дека воените активности на Русија покрај границата со Украина се демонстрација на моќ на Москва со цел да издејствува преговори со Киев и во старт да биде во предност, како и еден вид на порака до бунтовниците во Донбас дека не се незаштитени. Но тоа не е ниту половина од приказната.

Имено, главната причина поради која Москва се одлучи да изврши анексија врз Крим во 2014 година има две димензии – едната е историска, според која Крим историски поголем период бил под руска власт, отколку под украинска; а втората димензија е геополитичка. Анексијата на Крим беше првата етапа од едно поголемо сценарио. Во февруари 2016 година Москва започна со изградба на познатиот Кримски Мост кај Керчкиот Теснец со образложение дека сака да направи спојување на Крим со територијална Русија. Она што е спорно околу изградбата на овој мост е неговата висина, која изнесува 35 метри и претставува проблем(блокада) за поминување на одреден вид на бродови.

Со изградбата на овој мост, Москва во голема мера се ослободи од стравот за можноста на продор на странски сили преку Азовското Море директно во нејзиниот „стомак“. Исто така, Москва во голема мера успеа да го изолира Киев од Керчкиот Теснец, бидејќи по анексијата на Крим тие имаа „валиден“ изговор да речат дека се работи за исклучиво руска територија, што им послужи како изговор за поништување на Договорот од 2003 година, според кој двете земји имаат еднакво право на пристап и вршење патроли во теснецот.

Сепак, во целата ситуација со Крим, Киев сеуште има еден адут против Москва и токму тоа е една од двете причини што ја прави Москва нервозна во спорот со Киев. Адутот на Киев е питката вода. Веднаш по анексијата, Украина одлучи да го затвори Севернокримскиот Канал кој е долг 400 километри. Претходно, преку овој канал се обезбедуваше околу 85 отсто од потребата за вода, која доаѓање од реката Днепар во украинскиот дел. Официјална Москва ваквиот потег го осудуваше како нелегален и се повикуваше на меѓународното право, но ова во ист момент беше навистина иронично, бидејќи самата анексија на Крим беше нелегална. Постојаниот секретар на Русија во ОБСЕ ја окарактеризира блокадата на каналот како „обид за геноцид“, иако според Женевските конвенции одговорноста за снабдување со вода на окупирана територија му припаѓа на окупаторот.

Моменталната ситуација во Крим

Крим е поделен на четири зони – западната и јужната со вода најмногу се снабдуваат преку поголем број на природни акумулации, реки и езера. За разлика од нив, источната и северната зона се најсувите делови од полуостровот и најмногу зависат од Севернокримскиот Канал. Факт кој најмногу говори дека ситуацијата е навистина еколошки загрижувачка е тоа што 2020 година за Крим беше една од најсушните години во историјата. Со затворањето на каналот од страна на Киев, Крим почнува да се враќа во периодот пред 1960-те кога претежно беше со суви степи. Дури и обработливото земјиште драстично исчезнува – од 130 000 хектари во 2013 година на 14 000 хектари во 2017 година.

Од друга страна, по анексијата во 2014 година, населението е зголемено речиси двојно, најмногу со доселувањето на Руси, што апропо на тоа ја дуплира и побарувачката на питка вода и додатно ја усложнува ситуацијата. Меѓудругото, со ваквиот потег Киев ја погоди Москва и економски. За да може да ги задоволи потребите за вода на Крим, Москва секоја година троши огромни финансиски средства. Се очекува до 2024 година Русија да инвестира 48 милијарди рубљи(нешто над 650 милиони американски долари) за решавање на снабдувањето со вода. Ова е првата причина поради која Москва станува нетрпелива.

Колку всушност е значаен Донбас за Русија?

Втората причина за нервозата на Москва е Донбас, а и таа е геополитичка. Во 2014 година изгледа дека во Русија се калкулираше за висината на можните санкции од страна на западните земји, како и заканата од изолација, па се одлучија на чекор да се анектира само Крим, а Донбас веројатно во блиска иднина да биде или анектиран, или да стекне полна автономија па Москва да може да ја обликува надв+орешната политика на Киев или пак да доживее Абхазија сценарио.

Сепак во 2016 година на геополитичката сцена се реинкарнираше идејата за Intermarium преку Three Seas Initiative, веројатно како реакција на рускиот експанзионизам кој беше во замав. Тоа го активираше алармот во Москва. Една од најголемите безбедносни слабости на Русија е рамниот терен од Донбас се до Волгоград и потоа долината на реката Волга се до градот Астрахан – рамен терен кој има облик во вид на процеп. Така, доколку некоја сила би стекнала влијание или контрола врз Украина, би можела прилично лесно да продре и со завземање на Волгоград и Астрахан да го отсече Кавказот од Русија, со што би и бил оневозможен пристапот до Црното Море, како и можноста на непријателската војска да дојде до брегот на Каспиското Море.

Дека ова не е само бујна фантазија или конспиративна теорија говори и фактот дека за време на Втората светска војна, Нацистичка Германија многу лесно успева да стигне на овие територии, а тогашниот СССР од петни жили се мачи да го запре отсекувањето на Кавказот и можноста за понатамошен продор. Тука се одигрува и битката за Сталинград(денешен Волгоград). Исто така, за да се разбере стратешката позиција и важност на овој, да го наречеме појас, во случај на војна, многу добра претстава би ни дале(доколку се погледне на мапа) Операциите Уран и Мал Сатурн од Втората светска војна.

Сето ова ја отсликува потребата на Русија на својата западна граница да има бафер зона, а Three Seas Initiative претставува закана за тој „бафер“.

Three Seas Initiative

Three Seas Initiative (3SI) или во превод Иницијативата Три Мориња (Балтичко, Јадранско и Црно Море) е платформа за соработка меѓу Полска, Хрватска, Австрија, Словенија, Словачка, Унгарија, Чешка, Романија, Бугарија, Естонија, Латвија и Литванија. Идејата е да се развие соработка и развивање на патна и железничка инфраструктура, телекомуникации и енергетика. Во таа насока, обезбедувањето назависност од руската енергија е една од главните цели во областа на енергетиката, при што Полска и Хрватска ја завршија изградбата на постројки за регасификација за увоз на гас, што ќе им обезбеди енергетска независност од моќта што некои од земјите во регионот ја сметаат за закана.

Сепак, ова не е едногласен став во рамките на иницијативата. Унгарија и/или Бугарија се чини дека спаѓаат повеќе во делот на ефтина енергија отколку во енергетска независност. Во исто време, во моментов во фаза на изградба се неколку гасоводи што одат од север кон југ. Водечкиот проект на 3SI ги поврзува пристаништата за регасификација на течен природен гас во Хрватска и Полска преку гасовод што ќе минува низ некои централноевропски земји како Чешка, Словачка или Унгарија. Од друга страна, Романија - честопати изоставена од неколку битни проекти „север-југ“ поради нејзината локација, се одлучи да претстави свои проекти за гас.

Другиот битен аспект на оваа иницијатива е развојот на инфраструктурите за копнен транспорт север-југ, комбинирајќи ги автопатските, железничките и наутичките проекти. Најважниот патен проект е Виа Карпатија, што ќе го поврзе Солун (Грција) со Клапеида (Литванија); во делот на железниците, Виа Балтика ќе ја поврзе Варшава со Хелсинки, што би ја направило Полска водечки транспортен центар во регионот. Исто така, се планираат и разни иницијативи за речен транспорт. На геополитичко ниво, главната е E40 Inland Waterway, што би го поврзало балтичкиот брег во Полска со Црното Море во Романија, поминувајќи низ Белорусија и Украина.

САД не размислуваше многу и веднаш ја поддржа ваквата иницијатива, посебно со инвестирање на 1 милијарда долари во инвестицискиот фонд на 3SI. Исто така, и Германија даде поддршка на оваа иницијатива, иако во голем дел тоа се коси со нејзините интереси. Се чини дека Германија игра опортунистички. Од една страна е подржувач на иницијативата и сака да ги реализира своите интереси и преку неа, но во рамки на политиката на ЕУ, а од друга страна ја користи иницијативата да си создаде подобра положба во преговорите со Русија и Кина.

Ефектите врз земјите на Западен Балкан

Бидејќи Хрватска е еден од иницијаторите на иницијативата, како и проектите кои се планираат во таа земја, тоа со сигурност би пројавило загриженост во Белград, бидејќи тоа ќе ја предизвика улогата на Белград како „лидер во регионот“. Освен Хрватска, тука е и Словенија. Исто така, Белград и да сака нема да може да се впушти во оваа авантура, пред се поради блиските релации со Русија и Кина. Затоа, прашање на време е кога тие би опонирале на оваа идеја. Освен Русија, Белград во опонирањето би можел да најде партнер и во Турција, бидејќи како што стојат работите и на Анкара не би и одговарал ваквиот развој на настаните, првенствено зошто и тие се повеќе дејствуваат во насока на наметнување на своето влијание на Балканот.

Другата ситуација која ја загрижува Анкара е хипотетичка – доколку земјите-членки на 3SI, како и земјите од Балканот успеат да станат целосно или делумно енергетски независни од рускиот гас, евентуалната изградба на нови коридори би ја заобиколила Турција, па со тоа тие ќе бидат помалку вклучени во идните крупни економски проекти и геополитички разврски.

Поради својата географска положба, после Украина, Македонија ќе биде од оние земји кои најмногу ќе се најдат во средината на судирот на интересите. Самата централна положба на Балканот која ја има Македонија е клучна од аспект на патната инфраструктура и поминувањето на евентуални нови енергетски коридори. Со тоа западниот блок на земји би сакал да биде осигуран дека во Македонија нема да имаат „изненадувања“, а оние кои се опоненти ќе сакаат да наметнат свое влијание.

Сепак, САД реши да реагиа и да се позанимава со ова прашање. За САД изгледа е клучно нивните „играчи“ да го контролираат енергетскиот систем во земјава, посебно нафтата и гасот. Тој осигурач, по некоја логика, би требало да биде носењето на фамозниот Закон за ГА-МА. Меѓудругото, Македонија додатно би требало да биде енергетски осигурана преку гасот од Источен Медитеран, исто така поддржан од САД.

На политички план, САД би требало да ја поддржи Македонија во спорот со Бугарија, спор во кој изгледа дека Бугарија е поттикната од некого и спор кој ги нервира САД, бидејќи прави проблеми во јужното крило на НАТО. Неодамнешната изјава за Гласот на Америка на Демократскиот конгресмен од Северна Каролина, Дејвид Прајс го потврдува тоа.

Очекувањата за влез на државата во ЕУ беа поставени пред многу години, а решавањето на спорот со Грција беше гаранција дека тоа ќе се случи. Беа потребни многу години да се реши спорот, и за среќа тоа се заврши. Имаше прашања за целиот процес покренати од Франција и од други држави, и сега оваа серија приговори од Бугарија. Секако и несигурноста дали Бугарија ќе има влада која решително ќе го продолжи ова. Долго време ѝ се давани ветувања на Северна Македонија. Сега да се поставуваат нови препреки е особено фрустрирачки и за нашата држава, и се разбира за Северна Македонија“, изјави Прајс.

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. Како што стојат работите, односите меѓу Русија и САД одат кон повторно конфронтирање, особено за позициите во одредени делови во светот, што би можело да доведе до повторно заладување. Ваков е ставот и на Медведев, што покажува дека целата оваа ситуација е многу посериозна отколку што површно изгледа.

Ова ќе биде разврска во која победникот можеби нема да земе се, ама сигурно ќе се игра како да ќе може.

Виктор Јакимовски

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе