Живиот јазик – помеѓу мечтата и историјата

Зошто некој би се мачел да преведува ако станува збор за еден ист јазик?

Една од особеностите на словенската јазична група е дека нема случај два народи да зборуваат еден ист јазик или барем тоа да е официјално признаено.

За мене како писател што цел живот работи на полето на јазикот, за кого јазикот е и основен инструмент и суровина за работа, никогаш немало сомнеж дека помеѓу науката за јазикот и неговата практична употреба постои огромна разлика. Науката за јазикот всушност оди по јазикот, исто така како што историјата и археологијата одат по стапките на тоа што се случило, а не обратно. Не ни може да биде поинаку! Нештата што се случиле се прават од политичари, облечени како власт, а не од историчари. Јазиците се прават од луѓето што ги зборуваат, вклучувајќи ги и писателите и новинарите, за кои јазикот е средство за прехрана, но исто така и од политичарите, за кои јазикот е инструмент за постигнување на определени цели. Дури и кога лингвистите се натоварени со задачата да кодифицираат даден јазик, тие поскоро ја играат улогата на техничари, а реалниот двигател на процесите е политичката волја.

Поинаку речено, додека учениот ги собира, ги регистрира, ги споредува и ги анализира „артефактите на јазикот“, бара врски помеѓу нив, ги истражува процесите што довеле до нивното возникнување, јазиците продолжуваат да се развиваат: мутираат, еволуираат и се разгрануваат во зависност од историската судбина на народите.

Од индоевропскиот прајазик произлегуваат цела една група јазици, меѓу кои и прасловенскиот, од кој возникнала една друга група на јазици, позната како словенска група. Една од особеностите на словенската јазична група, колку што ми е познато, е дека нема случај два народи да зборуваат еден ист јазик или барем тоа да е официјално признаено, независно од тоа колку мали да се разликите помеѓу нив. Чешки и словачки, српски и хрватски, руски, белоруски, украински...

Со мали исклучоци, никој во Македонија нема да разбере книга на бугарски јазик. Тие разлики често пати се натоварени со смисла што некој набљудувач од страна не секогаш ја разбира, но обично, воспитано ги почитува. Кај народите од нашето јазично семејство, самостојното политичко одделување во текот на 19 и 20 век автоматски води и до јазичко одделување. Има држава, има и јазик. Така се случувало историски, а зошто е тоа така, тоа е веќе сосема друго прашање. Тоа може да е резултат на некаква специфична црта во карактерот на тоа гласно и разнолико семејство, на некаква особена завист, вродена зајадливост или комплекси? Вреди да се истражи ова, ако досега не е направено.

Отровен и некорисен спор

Поводот за овие размислувања, како што можеби и сами ќе се сетите, е спорот за македонскиот јазик што повремено се разгорува – отровен, некорисен спор, во чија замка неодамна падна и Бугарската академија на науките (БАН). Напоредно со разгорувањето на страстите, каналот БТВ comedy почна со прикажување на најпопуларната комедија во Северна Македонија – „Преспав“. Како за инает на сувата академска схоластика што со години ги труе односите помеѓу нашите толку блиски народи. Не сакам да бидам погрешно разбран: го почитувам мислењето на моите колеги лингвисти. Самиот јас имам завршено бугарска филологија и знам дека на академско ниво овој разговор би можел да се надгради со многу посложени аргументи. Сепак, во суштина допира до реалноста во која одбираме да живееме. Имам директни, лични искуства на полето на живиот збор, кои можеби вреди да се споделат, иако ризикувам да навлечам многу негативни коментари.

Еден од првите преводи на моја книга во странство беше токму на јазикот што некои овде го нарекуваат „регионална книжевна норма“. Зошто некој би се мачел да преведува ако станува збор за еден ист јазик? Многу просто: затоа што со мали исклучоци никој во Македонија нема да разбере книга напишана на бугарски јазик! Односно, ќе разбере нешто, но не доволно за да може да го восприеми текстот во целост и да му се насладува.

Истото важи и за обичниот бугарски читател. Тој исто така нема да посегне по книга напишана на македонски, затоа што ќе сфати многу малку, независно од квалитетот на текстот.

Се разбира, во секојдневниот говорен јазик, по пазарите, во кафеаните и продавниците, оваа јазична граница е многу тенка, но колку посложено станува нивото на комуникација, толку повеќе се појавуваат нејаснотии и дупки во разбирањето што имаат потреба од дополнително појаснување. На обичен јазик, тоа се вика превод. И тој превод, колку апсурдно и да звучи, понекогаш минува преку англискиот – lingua franca на современиот свет.

По некоја случајност, дел сум од екипата што веќе неколку сезони работи на серијалот „Преспав“.

Освен што е многу забавен, ова е возбудлив интеркултурен експеримент. Заедно со основната екипа, составена од македонски продуценти, автори и актери, во него учествуваат и уште двајца Бугари: популарната актерка Јана Маринова и сценаристката Дељана Манева („Мисија Лондон“), а исто така и доста Албанци и Роми. Решавачка улога за успехот на нашата „соработка“ игра нашата културна и јазична блискост. Во процесот на комуникација јасно се гледаат и разликите – не само јазични, туку и различни аспекти на културата, на погледот на светот, можеби тенки разлики, но суштински. Само оној што ќе ги прифати и ќе ги осознае овие разлики може да тврди дека го разбрал другиот. Ако одбиеме да го направиме тоа, нема да биде можна никаква „соработка“ и никакво разбирање, без разлика на тоа колку сме блиски!

Заситен со свеж незлобен хумор и со многу автоиронија, серијалот ги исмејува стереотипите и културните предрасуди што се вечен сопатник на секоја балканска земја на нејзиниот пат кон членството во ЕУ, клубот на богатите за кој сите мечтаат. Можеби тоа е најубавиот подарок што нашите македонски пријатели го прават за новата година! Се разбира, шоуто се прикажува со бугарски превод, без кој тешко ќе биде разбран од пошироката публика. Но на тој начин, ја имаме и можноста да ја почувствуваме и живата македонска реч како одекнува во нас со сета своја богата палета од асоцијации и нијанси што ги создаваат блиските зборови.

Зборови што му припаѓаат на целото наше словенско јазично семејство, но и зборови специфични, чудни, карактеристични за нашата балканска разгранетост. Зборови, заборавени и повторно најдени. Сленг, архаизми... Зборови што добиле различна смисла и звук во јазичната практика на одделните народи, но сепак зборови што нè навраќаат кон нашите заеднички корени. Не треба да дозволиме тоа богатство да ни биде одземено!

Уште 100 или 1.000 години?

Како било пред 100 или 1.000 години немам намера да зборувам, но денеска граѓаните на Северна Македонија зборуваат на свој јазик, кој го нарекуваат македонски. Ние љубезно се обидуваме да ги убедиме дека тоа е дијалектна форма на бугарскиот јазик. Тие учтиво одбиваат да се согласат (не е потребно да си учел психологија за да предвидиш дека тие ќе реагираат токму така!). Ние продолжуваме да ги убедуваме, веќе не толку љубезно, понекогаш дури и тропаме на масата. Тие си држат до своето. До кога ќе продолжиме така? Уште 100 години? Уште 1.000?

За мене, барем денес, овој јазик е факт. За тоа се погрижиле и државата, но најмногу македонските автори што пишувале и пишуваат на него повеќе од 70 години. Тие создале редица одлични дела во сите жанрови, кои се преведуваат низ целиот свет, вклучително и кај нас. Речиси и нема бугарски издавач што би се осмелил да стави на насловната страница: превод од регионалната книжевна норма на Северна Македонија. И ако на некого му текне да прифати таква наредба и да го стори тоа, едноставно нема да издава книги од македонски автори. А од своја страна, пак, македонските издавачи ќе престанат да издаваат бугарски автори. Штом е „исто“, нека си ги читаат на бугарски! Е, голема работа, ќе рече некој, најважно е да ги штитиме националните интереси. Но откако еднаш ќе се расипат односите (а тоа можеби е најбрзиот и најефективен начин!), откако ќе почнат да се растураат еден по друг разни заеднички проекти, кои немаат ништо заедничко ниту со јазикот, ниту со литературата, вклучувајќи и поголеми бизнис-зделки, но исто така и економските и човечките контакти на секојдневно ниво што ја ткаат невидливата мрежа што ги соединува нашите до неодамна разделени земји – и тогаш ли ќе трубиме дека ги штитиме националните интереси? И кога оваа отровна материја ќе почне да го разјадува дури и нашето општество, ќе почне да црта нови линии што нè разделуваат – небаре овие досега малку ни беа! – ќе ги разгорува страстите до степен ние самите да не можеме да се разбереме, туку да се замеруваме со викања и навреди, повторно ли ќе биде тоа во името на националните интереси? Моето скромно мнение е дека таквото разделување ќе им служи на сосема други интереси. Голема работа, одново ќе рече некој. Нека оди по ѓаволите и Македонија, ќе се снајдеме и без неа.

И оп, ете нè повторно во почетокот, од каде што тргнавме! Не сакам да се случи тоа! Пред сè, поради многуте пријателства што денес ме врзуваат со луѓето од другата страна на Деве Баир, затоа што сметам дека можеме да постигнеме многу повеќе заедно отколку сами, затоа што само иднината може да ни го даде тоа што минатото неповратно го зело. Пријателството задолжително ја вклучува и таа основна демократска норма: заштита на правото на самоопределување! Ете зошто одбирам да ја прифатам реалноста и да не им кажувам на другите што се и на каков јазик зборуваат. Реалноста е многузначна, носи ризик, но отвора и редица можности што ветуваат едно подобро утре за целиот Балкан. Иднина за која вреди да се бориме.

Алек Попов, писател, член-кореспондент на Бугарската академија на науките

* Ставовите изразени погоре во текстот се целосно лични и не ја изразуваат позицијата на раководството на БАН, ниту на академијата во целост.

Преземено од капитал.бг

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Време е да се почне да се размислува што може да значи тоа.

повеќе

Ако сте скијач или бордер, зима, планина, снег, сонце и чист воздух веднаш ве асоцираат на авантура и хедонизам. Физичка активност, радост и умствено опуштање.

повеќе

Која е логиката на Заев и СДСМ со вчерашниот протест што од сега се гледа дека ќе им биде и наративот за целата кампања?!

повеќе