Зошто некој бара од Македонците да се откажат од својот национален идентитет?

НАТО и ЕУ требаше да им укажат на своите членки Бугарија и Грција дека тоа што го бараат претставува брутално кршење на човековите права.

Ниту еден политичар, дипломат, бирократ или новинар со кој сум се сретнал не ми одговорил потврдно на прашањето дали би се откажале од својот идентитет. Сепак, од мене бараат да се откажам од мојот идентитет. Се обидуваат да ме убедат дека присилното преименување на Македонија, редефинирањето на македонскиот идентитет и буквалното препишување на македонската историја е „голем успех бидејќи со тоа се разрешува еден дипломатски спор“. Со тоа ми кажуваат дека мојата етничка група е помалку важна од нивната.

Во вештачки наметнатиот „спор за името“ - за кој Грција признава дека го измислила со цел да ги избрише Македонците како етничка група - Грците (а подоцна и Бугарите) го блокираа приемот на Македонија во ЕУ и НАТО и бараа Македонија да го смени своето име, идентитет и историја и да се преименува во „Северна Македонија“ населена со „северномакедонци“. Во исто време Грција и Бугарија бараа да можат да го преземат изразот Македонија, зависно од контекстот во кој се користи. Дополнително, македонската историја се фалсификува од грчки и бугарски „исоричари“ со цел да ги отсликува грчките и бугарските анти-македонски ставови. Во случајот на Бугарија, тие бараат дури и ревидирање на еврејската историја (не се шегувам) за да го прикријат своето анти-семитско минато.

Сето ова требаше да стави точка на „спорот“ за името уште на самиот почеток. НАТО и ЕУ требаше да им укажат на своите членки Бугарија и Грција дека тоа што го бараат претставува брутално кршење на човековите права (уште подобро ќе беше да ги исклучеа од членство). Но, НАТО и ЕУ решија да им помогнат во спорот против Македонија, а сѐ со цел да го зголемат своето членство. Гореспомнатите групи политичари, новинари и слични на нив - кои упорно зборуваат дека се заштитници на човековите права, демократијата и владеењето на правото - требаше да ја осудат дволичноста на ЕУ и НАТО.

Ако не можеа да го сторат тоа, можеа барем да се стават на наше место. Дали ќе ликуваа при бришењето на нивната етничка група? Не. Така доаѓаме до заклучокот дека Македонците ги сметаат за нелегитимен народ кој не е рамноправен со нивните. Дали некој од нив конечно ќе ја прифати мојата покана и јавно ќе ми каже зошто го мисли тоа?

Бил Николов, претседател Македонското меѓународно движење за човекови права

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе