Јана Белчева

Зошто ја напуштив седницата на Советот на Центар за Треска

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

Одговорот на прашањето „Во каков град сакаме да живееме и има ли шанса за Скопје“ треба да ја покаже насоката и целите што сакаме да ги оствариме и да им ги понудиме како решение на граѓаните. Наследивме град врз кој се изживувале политички и бизнис елити, без љубов, а со алчност за сопствените интереси и богатење.

Она за што се борев е да го вратиме достоинството на граѓаните, да го издигнеме јавниот интерес и правото на град на секој жител над интересите на поединци. Одлуките мора да се насочени кон таа цел, кон обезбедување побезбеден, похуман, поспокоен и поквалитетен живот во Центар.

Граѓанските иницијативи, особено ако зад нив стојат голем број самостојни граѓани, но и низа невладини организации што се залагаат за правда, демократија, отвореност и отчетност на институциите, се показател и за растењето на демократијата и за партиципативноста што граѓаните ја сакаат и ја бараат при управувањето на локално ниво. Тоа е показател на зреење на општеството во целост, а Центар го гледам како предвесник на таквите зреења.

Вредностите на ЕУ во однос на локалните политики се темелат на соработка со граѓаните, на нивната вклученост и активна соработка, на доверба, која се гради со отвореност и споделени вредности. Локалната власт е онаа што е најблиску до граѓаните и првиот „шалтер“ каде што некој треба да се обрати за своите проблеми. Локалната власт е одговорна да ги штити јавните интереси за обезбедени комунални услуги, квалитетни социјални и образовни услуги, здрава животна средина и достапно зеленило, безбедна мобилност (особено за најранливите), достапен и квалитетен јавен простор за сите жители, културна понуда, инклузивен и масовен спорт, но и отпорност и безбедност од природни катастрофи и климатски промени.

Урбаното планирање е токму област во која локалната власт мора да докаже дека ќе ги обезбеди овие јавни интереси, а нема да дозволи личната корист и дивото узурпирање да надвладеат и да остават неквалитетни последици за сите. На крајот, планирањето на просторот е техничка, но и политичка функција. Низ неа се гледа дали социјалдемократските или неолибералните вредности се споделени низ одлуките за просторот.

Конкурсот како инструмент за натпревар на креативни идеи е можност да се докаже дека општината навистина ги штити јавните интереси. Бараниот Конкурс за Треска е крик на граѓаните дека просторот во кој живеат не е по нивна мерка, дека им недостига некој да ги чуе и да ги разбере и да им ги врати спокојот и убавината во секојдневието. Затоа важноста на прифаќањето да се решава конкурс за Треска требаше да биде доказ дека локалната власт го слуша овој крик.

Жал ми е што административните бариери беа пречка за прифаќање на граѓанската иницијатива, иако бариерите се поставени токму од власта и таа треба да ги отстранува за да ја охрабри соработката со граѓаните. Но најмногу жалам што градоначалникот смета дека има дискреционо право да одлучува за Комисија, за финансирање и за дефинирање на барањата. Неговите предлози за тоа како и кој ќе ги дефинира влезните параметри по кои ќе се работи конкурсот, барањата што мора да бидат задоволени во решението, но уште повеќе како и преку која програма ќе се финансира конкурсот, отвораат простор за задоволување на интересни групи, а на штета на јавниот интерес и граѓаните.

Моето залагање и не е за конкурс како легално/технички параван за да се изигра интересот на граѓаните за сметка на политичко-бизнис интересни спреги, како што беше случај впрочем и со Скопје 2014, проект што „победи” на конкурс. Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните.

Дел од советниците се натпреваруваа во гласност и се истакнуваа да се произнесат колку е важен приватниот интерес и правото на сопствениците, можеби и додворувајќи им се на некои од инвеститорите присутни на седницата, најпрво во задните, а потоа во првиот ред, веднаш до градоначалникот. Тоа ми отвори сомнеж во чесните намери да се пристапи кон решавање на овој простор во градот и повторно да влеземе во игри каде што формалниот конкурс би можел да се искористи како параван, а не да биде суштинска промена во планирањето на градот во партнерство со граѓаните, стручните лица и локалната власт, водени од иста цел.

Ненаоѓањето компромис и желба за дијалог преку кој ќе се зајакне начинот на заштита на јавниот наспрема приватниот интерес, ми беше аргумент да ја напуштам седницата. Самиот назив Конкурс не значи и квалитет, па ни одлуката ЗА конкурс не значи решение по мерка на граѓаните. Ги повикувам граѓаните на будност и барање транспарентност во целокупниот понатамошен процес на реализација.

Јана Белчева Андреевска,

претседателка на Советот на општина Центар

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе

Државниот врв на Србија, вклучително и група лекари кои ја предводат борбата против ширењето на вирусот корона, во најмала рака го игнорираа влошувањето сè додека не заврши гласањето.

повеќе