Зошто Договорот со Грција не е „капитулантски“?

Секое бојкотирање на договорот значи застанување на страната на оние кои немаат сериозни и валидни аргументи за неговата штетност.

Тоа значи застанување на страната на оние кои не сакаат да дадат одговор што ќе се случува со нашата земја ако ја пропуштиме и оваа можност за интегрирање во НАТО и во ЕУ, незвисно од тоа кој е на власт сега.

Откако претседателот Иванов го одржа својот говор на Илинден, во кој искажа куп лаги на сметка на потпишаниот Договор за надминување на спорот за името со Грција, наследниците на Груевски и Мијалков во ВМРО-ДПМНЕ повторуваат една иста реченица, истргната од неговиот говор. Без било какви докази, аргументи и без учество во сериозна дебата тие само повторуваат: „Договорот со Грција е капитулантски и со него не се менува само името на нашата држава туку се менува и нашиот државен и институционален идентитет“. Најмалку три лаги се содржани во таа пропагандна мантра на Иванов, Мицкоски и Јанушев.

Првата е дека сме потпишале некаква капитулација по тешка борба во која само за малку што не сме победиле. Сме прифатиле некаков пораз кој Иванов и ВМРО-ДПМНЕ со неколку свои сателитски партии, како онаа на Јанко Бачев, Иван Стоиљковиќ, Стефчо Јакимовски и Солза Грчева, никогаш не би го прифатиле. И дека, како што тврди Иванов, „сме ја ставиле земјата во положба на потчинетост и зависност од Грција“, што е нешто слично на окупација.

Втората лага е дека сме прифатиле да го смениме името на нашата држава. Тие не кажуваат дека Македонија, со приемот во Обединетите нации под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија, прифати да разговара со Грција за разликата околу името под покровителство на Обединетите нации и дека со Договорот нашата држава го зачувува името Македонија, кое добива само географска одредница Северна, заради избегнување на недоразбирањата со Грција, која името Македонија исто така го користи за дел од својата територија. Не, тие говорат дека се менува името на државата и тоа звучи како да сме се откажале од името Македонија и дека од утре, како што вели еден Босанец, ќе бидеме Јужна Србија, Западна Бугарија или Источна Албанија.

И третата најголема лага е дека Договорот значи бришење на македонскиот национален идентитет, а Јанушев додава и дека се менуваат македонскиот јазик, македонската националност, македонската култура, историјата и традицијата.

Етнички и антички институционален идентитет

Освен овие три големи лаги што тие постојано како пропагандна мантра ги лансираат преку своите соопштенија, видео обраќања во јавноста и говори, а за кое не се подготвени да дебатираат и да ја слушнат другата страна, тие продолжуваат одвреме навреме да ги шират и другите тези на својот идеолог Иванов, искажани по повод националниот празник Илинден и пред странските гости на тој настан.

Едната од нив е дека со Договорот се бришел нашиот „државен и институционален идентитет“ со тоа што сега државата ќе се вика Северна Македонија, а државните институции, институции на Северна Македонија, а не како досега што се мислеше, дека тоа се етнички македонски институции или институции на „цела, па и на античка Македонија“. Од тоа ја изведуваат и претпоставката дека од македонско, се` ќе станело северномакедонско, од името на јазикот до името на нацијата, што е ноторна лага. Во Договорот јасно пишува дека јазикот е македонски, а државјанството македонско.

Втората теза е дека со Договорот се бришел државно-правниот континуитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. Се бришела и 27-годишната историја на независната македонска држава, која беше примена во Обединетите нации само под привремената референца ПЈРМ и, со Резолуција на Советот за безбедност, упатена на решавање на разликата околу името со Грција до целосно меѓународно признавање.

И на крајот, Иванов ги убедил противниците на договорот дека со овој „грчки договор“, како што тој го нарекува во својот говор на Илинден, не се јакне македонскиот идентитет. Напротив, со овој „грчки договор“ правно се укинувал македонскиот народ, а Игор Јанушев додава и дека „со Договорот не само што се откажуваме од Македонците надвор од границите на државата, туку се откажуваме од сето она за кое што се бореле нашите претци и за сето она што ни е дадено да го чуваме во аманет“ (веројатно и од Александар Велики, и од Филип Втори, и од Аминта Трети, па и од Свети Павле).

„Гаранциите“ на Иванов и Мицкоски за членство во ЕУ и НАТО

Еден од клучните аргументи на Иванов и на Мицкоски против Договорот, па и против гласањето „за“ на референдумот е и нивното постојано повторување дека со овој грчки договор не се гарантира членство на Македонија во Европската Унија и во НАТО. За членство во тие организации, велат тие, биле потребни вистински реформи, борба против корупцијата и борба против партискиот елитизам и клиентализам, каква што веројатно тие воделе за време на нивниот 10, односно 11-годишен мандат на власт. Во таа смисла, Иванов вели: „И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам“, а Јанушев додава и дека европските вредности ќе биле достигнати само кога политичари како сегашните на власт, ќе излезеле надвор од политиката, а во неа ќе влезат некои како него, Иванов, Мицкоски, Јанко Бачев, Стефчо Јакимовски и други. И со тоа Јанушев ја кажува клучната поента на противењето на Договорот и на противењето на успех на референдумот кој би ги обврзал да гласаат за промена на Уставот во согласност со Договорот.

Цела деценија откако дојде на власт во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ се држеше до политичкиот став дека нема за што да дебатира со претставниците на опозицијата во земјата. Постојано, за време на својот мандат, опозицијата ја сметаше за „предавничка“ и за некаков „остаток од поразениот режим“. Водеше класична пропаганда и правеше перење на мозоците преку низа рекламни коруптивни кампањи и преку долги „јадења бурек“ во наместени интервјуа и лични обраќања на челниците на партијата преку телевизиите. Предизборните дебати со лидерот на опозицијата за Груевски беа неприфатливи затоа што „тие како народна партија разговараа само со народот“.

А претседателот Иванов уште на самиот почеток, кога беше прашан дали и тој е за постигнување некаков компромис во разговорите со Грција за разликата околу името, рече дека тој е за „разумен компромис“. А на прашањето што е тоа разумен компромис одговори како човек фатен во лага: „Разумен компромис е разумен компромис“. И, им рече на новинарите: „Вие треба да знаете што е разумен компромис.“

Со кој дел од Договорот се укинува македонскиот народ?

Станува јасно дека и денес тие немаат одговори за обвинувањата што ги лансираат и не се способни да објаснат во што се состои тоа „капитулантство“ на сегашната власт пред грчката моќ и пред големите светски сили. За кој и каков македонски национален идентитет тие зборуваат? За сонот на кои наши претци говорат? Со што сме се ставиле во потчинета положба во однос на Грција? Со што се загрозува македонската национална култура, историјата и традицијата? Со што сме се откажале од заштитата на правата на македонското национално малцинство во соседните земји? Со што се укинува државно-правниот континуитет на македонската држава? И како, со кој дел од Договорот се укинува македонскиот народ?

Тие лаги се вистина само за оние на кои Договорот им ја руши илузијата што тие ја ширеа со години за античкиот идентитет на македонскиот народ. Договорот нивните лаги ги прави беспредметни. Договорот ја разоткрива нивната измама која земјата ја изложуваше на срам во светот и ја водеше во се` поголема изолација. И оттука треба јасно да кажат: Кој идентитет е загрозен со Договорот? Кои претци сме ги разочарале? И каков договор за решавање на спорот со Грција околу името тие би постигнале, во кој рок и со кои политички сили во Грција? Или, ако не биде по нивно, можеби не е воопшто важно дали ќе имаме договор со соседите и дали Македонија, покрај тоа што и тие биле проевропски ориентирани, воопшто некогаш ќе стане членка на НАТО и на ЕУ.

Вистина е дека со мировниот (според мене) договор со Грција, Македонија нема по автоматизам да стане членка на НАТО и на ЕУ, но факт е дека со неговото потпишување и ратификување се отстранува најголемата пречка за земјата да ги оствари своите најважни стратешки интереси прифатени од сите парламентарни партии.

Во политиката како и во животот, кога нешто жртвуваш треба да видиш дали го правиш тоа за постигнување некои поважни и повозвишени цели. И она што во еден момент ти се чини како уцена од соседот кој бара од Република Македонија да стане Република Северна Македонија, да го смени Уставот и низа други нешта, со кои тој сосед смета дека ќе го ослободи од стравот дека имаме територијални претензии кон неговата земја или дека ќе ја присвојуваме и монополизираме неговата историја, таа „уцена“ или отстапка, може да ти стане целосно прифатлива во споредба со она што го добиваш со таквиот договор.

Не сакаат да видат што добиваме

Нашата позната писателка по потекло од Егејска Македонија Кица Колбе, која живеее во Германија и се залага за помирување меѓу соседите на Балканот, сосема точно укажува дека Иванов и Мицкоски, па и другите што се против Договорот не сакаат да видат дека тој ѝ обезбедува на Македонија:

  1. Целосно меѓународно признавање на нејзината независност која беше сон на нашите борци за слобода и независност.
  2. Признавање на македонскиот јазик како клучна одредница на македонскиот национален идентитет.
  3. Светска промоција на нашето државјанство како македонско. И дека со членството на Македонија во НАТО и во ЕУ македонскиот народ создава услови за побрз и посигурен развој и зачувување на македонската национална култура и историја.

А еден од најголемите борци за правата на македонското национално малцинство во Грција и претседател на партијата Виножито, Павлос Васкопулус, на оние што цело време тврдат дека сме се откажале од заштитата на македонското национално малцинство во соседните земји, им порачува: Префиксот „Северна“ не значи какво било оспорување на идентитетот. Мислиме дека тоа воопшто не влијае врз националниот идентитет. Ние сметаме дека македонскиот национален идентитет е загарантиран секаде во светот. Цел свет го признава и тоа го знаеме добро. Грција и Бугарија имаат внатрешен проблем со македонското прашање. Кога станува збор за национален идентитет, нема да има никаков проблем, но исто така сакаме да потенцираме дека настојуваме да гледаме напред и да има мир за следните генерации... Во Договорот јасно се наведува македонскиот јазик и ова е голем шок за просечен Грк. Ова е голем продор и прво распукување на националистичката идеологија во Грција и затоа е голем проблем за просечен Грк да прифати македонски јазик. Овие две точки во Договорот, македонската националност или државјанство и македонскиот јазик се проблем за просечен Грк кој не е информиран и едуциран за да знае за што станува збор. Самиот договор во овие две точки е размрдување и удар за грчката националистичка идеологија. Ова им дава предност на грчките либерали и демократи да признаат поинакво поимање на македонштината од она што учат во школите“.

Кој ќе ја преземе одговорноста, ако ја испуштиме шансата?

А да се постигнат овие неколку работи и истовремено да се отвори патот на Македонија за полноправно членство во ЕУ и во НАТО, преку добивањето покана за членство во НАТО и започнувањето на скрининг процесот за членство во ЕУ, не е малку за една земја како Македонија, која беше во чекалната на ЕУ од 2005 година кога го доби статусот на земја кандидат за членство.

Иванов и лидерите на партијата која него го донесе на власт ова можеби не можат да го разберат. Но останува надежта дека ова ќе го разбере членството на ВМРО-ДПМНЕ, сите други граѓани од сите националности и дека Македонија ќе тргне по вистинскиот пат.

На крајот на краиштата, од нас зависи. Зависи од секој поединец и од неговата совест и разбирање на работите. За нас кои сметаме дека е многу поважно да станеме што побргу членка на НАТО и на ЕУ, од обидите за постигнување некаков подобар договор со Грција во некоја далечна иднина. Секое бојкотирање на Договорот значи застанување на страната на оние кои немаат сериозни и валидни аргументи за неговата штетност. Тоа значи застанување на страната на оние кои не сакаат да дадат одговор што ќе се случува со нашата земја ако ја пропуштиме и оваа можност за интегрирање во НАТО и во ЕУ, незвисно од тоа кој е на власт сега.

Дали поуспешно ќе се справуваме и со корупцијата и со криминалот и со развојот на економијата низ овие интегративни процеси или со нивно запирање, преку отфрлање на Договорот? И кој ќе ја преземе одговорноста ако никогаш повеќе како земја не добиеме ваква можност, ако се засили влијанието на Русија и на авторитарните сили во земјата, ако се влошат меѓуетничките односи и ако случајно одново влеземе во вртлогот на разни идеи за промена на границите и размена на територии и население.

Ѓорѓи Спасов

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе