Зошто да не? Фински искуства и поуки

Ако идниот премиер биде македонски Албанец и ако успее сите граѓани на Македонија да се поклонуваат под едно знаме, тогаш – зошто да не!

Али Ахмети, председателот на политичката партија ДУИ неодамна лансира предизборна кампања под паролата „Зошто да не?”. Содржината на кампањата е на следните парламентарни избори во Република Македонија da биде избран македонски Албанец за премиер на државата. Како кандидат за таа функција ДУИ го лансира политичарот Насер Зибери.
Главниот аргумент на ДУИ е дека ако премиер на државата биде македонски Албанец тоа ќе придонесe за намалување на меѓуетничките противречности и недоразбирања во земјата. 
Од таа гледна точка тука е интересно да се направи една историска споредба со Република Финска која со векови има едно големо шведско малцинство.
Швеѓаните почнуваат да се населуваат во Финска веќе во 12-ти век. Во почетокот на 13-ти век Финска потпаѓа под шведско владеење. Тоа трае цели шест векови сѐ до 1809 година кога Шведска ја изгуби војната против Русија и руското царство го презеде владеењето над Финска за следните сто години. На 6 декември 1917 година, користејќи ги нередите направени со Октомвриската револуција, Финска прогласува независност и формира република со претседател како шеф на државата.
Шведското малцинство, кое беше владеачка класа во Финска сѐ до 1809 година, броеше дотогаш 20 % од вкупното население. Од тие денови па до денес  процентуалниот број на финските Швеѓани постепено се намалува. Таа бројка денес е 5,3 % од финското население или околу 300.000 жители. 
По руското завојување на Финска, финските Швеѓани ги изгубија привилегите на владеачка класа и мораа да бараат нова улога под новиот господар. Некои од нив се преселија во Шведска, но мнозинството остана во тоа што тие го сметаа и го сметаат за своја татковина - Финска. И не само тоа, туку тие активно придонесоа во борбата за независноста на Финска и формирањето на финскиот национален идентитет. Еве неколку примери за тоа.
Авторот на текстот на финската химна е финскиот Швеѓанец Јохан Лудвиг Рунеберг. Текстот е напишан во 1848 година. Оргиналниот текст е на шведски и подоцна е преведен и на фински. Во оргиналниот текст на химната никаде не е спомната Финска. Нејзиниот наслов е Нашата Земја. Тука не се наведени некои локални херои или непријатели, текстот целосно се однесува за убавините на земјата. Во двојазични прилики првиот стих на химната се пее на фински, а вториот на шведски. Во ниту една  официјална манифестација финските Швеѓани не ја пеат шведската химна, ниту пак го истакнуваат шведското знаме. Нивното знаме е занамето на Република Финска.
Гордоста на Финска, композиторот Жан Сибелиус, кој беше фински Швеѓанец изигра голема улога за финското национално будење. Тој во 1899 година ја компонира симфониската поема Финландиа како протест против обидот на царска Русија да ја скрати автономијата на Финска. Делото и ден денес се цени исто, како од финските Швеѓани така и од Финците како одраз за нивната љубов спрема заедничката татковина. 
По прогласувањето на независноста во 1917 година улогата на финските Швеѓани во формирањето на новата држава се зајакнува. Првиот шеф на влада е етнички Швеѓанец, Пер Евинд Свинхувуд. После него доаѓаат низа шефови на финската влада од финско-шведско потекло како Ралф Торнгрен, Карл-Аугуст Фагерхолм и други.
Исто и меѓу претседателите на Финска ќе најдеме низа фински Швеѓани: Карл Столберг, Кристиан Реландер, Јохан Густаф Хелстен. Но посебно место секако зазема финскиот Швеѓанец Карл Густаф Манерхеим кој истовремено беше врховен командант и единствен кој е прогласен за маршал на Финска. Манерхеим ги предводеше финските одбрамбени сили во Финската зимска војна 1939-40 година кога Финска беше нападната од Советскиот Сојуз. Војната против Советскиот Сојуз продолжи сѐ до 1945 година и Манерхеим цело време беше на чело на одбраната на Финска. И не само тој, туку Финците и финските Швеѓани цело време се бореа рамо до рамо, заедно со 8.300 шведски доброволци кои дојдоа од другата страна на Балтичкото море да ја бранат слободата на Финска. 
Финската зимска војна беше многу важен период за крајното сплотување на двата народа.  Шведските доброволци и хуманитарната помош што Кралството Шведска и шведскиот народ ја испраќаа за време на Втората светска војна за Финска, придонесе за збратимувањето меѓе овие две нации. Како пример за тоа може да се наведе дека првата официјална посета што новоизбраниот премиер на владата во Финска ја прави е на Шведска и обратно.  
Шведското малцинство во Финска посетува настава на мајчин јазик сѐ до ниво на високо образование. Финскиот јазик се изучува во сите шведски училишта, а шведскиот јазик е задолжителен предмет во финските училишта во 6, 7, 8 и 9 одделение. Двојазичноста во Финска не само што е важна за финските Швеѓани, туку е многу значајна за самите Финци. Благодарејќи на познавањето на шведскиот јазик тие имаат посебен пристап на шведскиот работен пазар кој хронично страда од недостаток на квалификована работна снага. Финската националистичка партија, Вистинити Финци, пред неколку години бараше укинување на задолжителното изучување на шведскиот јазик, но тоа беше отфрлено од останатите фински политички партии.
Ние можеби нема да најдеме една личност како Манерхеим меѓу македонските Албанци, но без двоумење меѓу нив има личности кои имаат дадено голем придонес за слободата на Македонија. Тука ќе споменеме само двајца: командантот на Четвртата македонско-албанска бригада Нафи Сулејмани и политичкиот секретар на истата, Кемал Аголи. И двајцата беа делегати на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. 
Но, сликата се нарушува со другите албански борбени консталации како Balli Kombеtar,  „SS” –  дивизијата Скендербег и во поново време УЧК кои сите на еден или друг начин имаат дејствувано за формирање на голема Албанија и со тоа отцепување на делови од Република Македонија.
Знамето на финските Швеѓани е знамето на Република Финска. Меѓу македонските Албанци тоа не е така: колку и да бараме македонски знамиња во родното место на Али Ахмети, Зајас, тука од едната и другата страна на патот се веат само знамињата на друга држава - Реублика Албанија. Истото е и пред зградата на ДУИ во Мала Речица. Тука е албанското, американското, знамето на европската унија, но никаде знамето на државата во која Ахмети предлага премиер на следната влада да биде македонски Албанец. Но и ДУИ на крај има дојдено до заклучок дека ако сакаат тоа да го постигнат, треба барем некаде да го вметнат и македонското знаме. Така на постерите за кампањата „Зошто да не?” се гледа македонското знаме, кое е делимично засенчено со знамето на соседната држава.
Во предизборната кампања, кандидатот на ДУИ за премиер, Насер Зибери, ветува дека ќе работи за воведување на задолжително изучување на албанскиот јазик во македонските училишта и промена на химната. Како што гледаме од финските искуства тоа таму е спроведено и двата народи имаат корист од тоа. Но за тоа да е остварливо во Македонија време е, како што неодамна изјави генералот Стојанче Ангелов, македонските Албанци да покажат лојалност кон нивната татковина. Време е, фудбалските натпревари меѓу Македонија и Косово да се играат со публика која без разлика на етничката припадност ќе навива за својата земја. Како што прават и финските Швеѓани – во спортските натпревари меѓу Финска и Шведска тие навиваат за Финска. 
Ако евентуалниот иден премиер биде македонски Албанец тој треба да го информира неговиот колега во Република Албанија дека политичките партии во земјата нема зошто да одат на советување и да потпишуваат декларации и платформи во западната земја. Ако евентуалниот иден премиер биде македонски Албанец и ако успее со задачата сите граѓани на Републиката да се поклонуваат под исто знаме, тогаш – зошто да не!
Јован Христовски, историчар
 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе