Колумна

Злосторство и казна

Способноста за контролирање на бесот е одлика на луѓето со цврст карактер. За жал, во оваа конфузна реалност, таквите индивидуи се вистинска реткост.

Сепак, за да не ја побиваме Дарвиновата теорија, сите ние спаѓаме во природната група Хомо сапиенс што подразбира дејства поведени од разум, наместо од инстикти. Врз основа на тоа, спонтано се наметнати моралните, а пропишани се и правните норми за дејствување на луѓето.

Пред два дена македонската јавност беше сведок на реинкарнација на Раскољников - (јунакот на Достоевски од неговото силно психолошко дело „Злосторство и казна“), злосторникот кој животот го поминува во измачување на својот ум, барајќи начин да го оправда пред себе злосторството кое го сторил. Слушавме како еден Раскољников раскажува за монструозниот априлски четврток... За да си ја олесни совеста можеби ги посочи сите кои влијаеле на него, ја обзнани вистината за своите постапки и постапките на сите инволвирани во тој крвав пир, на кој македонските граѓани беа сведоци, во неверување од она што тој ден го гледаа на екраните. Дали со ова, Раскољников сам си пукаше во себе? Доколку се земе предвид лозинката „Самурај“, која ја спомена, ова прашање од еден аспект има потврден одговор. Самураите го негувале култот кон војна, претворајќи го во тогашна идеологија, а за сопствениот евентуален неуспех, биле свесни дека треба да извршат харакири.

Единствениот аргумент на одбраната е афект. Епилог од таа емоција се пратеници со раскрварени глави, еден пратеник на работ на смртта и многу повредени - физички и психички. Афектот, како силно чувство, кое доаѓа ненадејно, трае кратко, ја потиснува свеста и резултира со бес, не кореспондира со раскажувањето на Раскољников. Оттука, таа состојба не може да се користи како одбрана. Имено, чувме дека злосторството било планирано.

Покрај  упадот во законодавниот дом и нападот врз пратеници, претходеле низа акции, во кои се планирале уште многу злосторства, а за сето тоа се користеле државни ресурси.

Крвта што се пролеа кобниот 27 април, беше еден вид злосторство од страст, кое, според форензичарите, не е одлика на душевно болни лица. Напротив, тоа се индивидуи кои страдаат од пореметување на личноста (нарцистичко, дисоцијално, гранично и сл.). Свесни се за своите постапки, за кои подоцна, не ретко изразуваат емоција на каење, но од друга страна, психијатриски гледано, повторно можат да направат слично злосторство.

Следствено на сето ова, се наметнува прашањето: дали минатогодишното злосторство може да се прости? „Луѓето кои простуваат, се воздигнуваат над оние кои ги повредиле“ - рекол своевремено Бонапарта. Сепак, ако му простиме на Раскољников, можеби така ќе му ја пропишеме најголемата казна, оти таквите карактери, ако повредат некого, доживотно ќе ги гризе сопствената совест.

Простувањето како казна, во овој случај не смее да биде применето генерално, поради фактот што инволвираните се лица од повеќе категории: сценаристи, режисери, актери, статисти... Правните мерки мора да бидат имплементирани. Санкционирање мора да има. Во спротивно, како општество, би биле изложени на голем ризик во иднина некои повторно да се дрзнат кон грубо кршење на човековите права и слободи, а тоа, не е одлика на еден демократски систем.

                                                                               Перса Наумоска

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, кој го одбележуваме во вторник (18 декември).

повеќе

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија и приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.

повеќе

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе