Димитар Башевски

Зла политика

Господинот Адеми вели дека не се мешал при донесувањето на тие одлуки. Како тоа не се мешал?

На овој начин сакам да ја изразам својата огорченост од одлуките по Конкурсот за проекти од национален интерес во културата за 2019 година и против политиката што ја одразуваат тие одлуки.

Министерот за култура, господинот Адеми, вели дека не се мешал при донесувањето на тие одлуки. Како тоа, не се мешал? Тој назначува членови на комисиите, негова е политиката што треба да ја реализираат тие комисии. Впрочем, како може да не се меша!?! Па должен е да се меша во работи што ги прифатил како должност, во смисла да ги насочува така што да дадат максимални резултати во духот на Стратегијата за културен развој. Тој, меѓутоа, со своето „немешање“ нанесува штета, оневозможувајќи остварување на важни и вредни проекти, за сметка и на недоволно ветувачки проекти, но со јасен етнички предзнак. Вели дека за него не би било проблем да си даде и оставка, ама според она што го рече, а во еден момент и премиерот истото го презеде - требало првин да се види дали можеби во некои од случаите кои завршиле со негативно решение, постоел проблем на несоодветно аплицирање. Со ова еден сериозен проблем се сведува на ниво на административни пропусти.

Не, овде не се работи за административни пропусти.

Овде се работи за многу сериозни работи кои навлегуваат во меѓуетничкото ткиво кое со толку грижа сакаме да го држиме здраво. Со одлуките кои се донесени и објавени и коментирани, Министерот во пракса (повторувам: нека не каже дека тој не се меша!) го оневозможува нормалното функционирање на редица важни „македонски“ културни институции, а ги поттикнува и ги наградува „албанските“. Врз кои критериуми? Еден најбегол поглед покажува дека не се работи за културни вредносни критериуми, туку во игра е политиката на поделба на „наши“, и „нивни“. Тука е она што најмногу боли. Со тоа, Министерот ги потценува и своите албански културни дејци: тој има потреба да се наднесе над нив како патрон.

Се согласувам со она што веќе е речено - дека „Владата на РМ очајно се зафркнала што срамно го потцени фактот што културните работници се јавни личности коишто имаат огромно влијание врз јавното мислење“ (Бужаровска Р.) Ќе додадам: дека тнр. Шарена револуција, во која се залагавме за сосема спротивни нешта од оваа зла политика што се одрази во одлуките по Конкурсот за националните вредности во Министерството за култура, не ќе можеше да се оствари без учеството и поддршката на културните работници и уметници Македонци, Албанци, Турци и сите други.

Сепак верувам, дека она што сега го видовме како политика на министерот за култура во Министерството, е сосема настрана од начинот на мислење и од главните посоки и стратегии на Владата во овој момент. Се работи за разидување кое не трпи компромис! Но, штетата што веќе е направена е многу голема, зашто мора да се знае дека по овој скандал, во кој мораше да интервенира и премиерот, никој поединец и институција од културата во Македонија не ќе сака и не ќе може со радост да соработува со сегашниот министер.

На штета на сите нас!

Димитар Башевски,

писател

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе