Жeд за правда

Сторија за тортурата врз моето семејство. 11 години обвинителството во Тетово молчи за овој случај.

Велат дека времето било лек за сѐ. Се согласувам. Што и да се случи, животот продолжува да тече, но не ист како што бил пред случувањето. Во душата останува неизлечива рана, која постојано крвари. Мојата и раните на моите најблиски крварат долги години.

На денешен ден, пред 11 години, семејството на моите родители се разбуди среќно. Се подготвуваа за домашмата слава - Св.Димитрија. Воопшто не беа свесни дека тој 8 ноември 2007 ќе им биде најтажниот ден во животот. Малку пред пладне, со мојот автомобил тргнав кон нивниот дом во село Подбреѓе за да го оставам моето 7 годишно дете и да заминам на работа.

Кога стасав пред портата на нивниот дом, не можев да поверувам што гледам - 7-8 цивилни лица, возило на ЕВН, скала легната крај бандерата од која земаа електрична енергија и... мојот татко со сметки во раце, како се обидува  да им докаже дека нема долг. Во дворот ја видов мојата 90 годишна баба и снаа ми која беше во 4-от месец од бременоста. Гласно плачеа. Го симнав моето дете од возилото и се упатив кон нив. Од дома излезе и 6-годишното дете на снаа ми. За миг и двете деца почнаа силно да пиштат. Не знаев што да направам. Пријдов кон татко ми. Се вмешав во разговорот кој го водеше со луѓето. Тие не сакаа да ги погледнат сметките кои им ги покажуваше. Повторуваа само дека се пратени да му ја исклучат струјата. Двајца од нив почнаа да ја креваат скалата, насочувајќи ја кон бандерата. Ме обзеде бес и жед за правда. Пријдов и со двете раце ја прегрнав бандерата велејќи: „Немате право да ни го правите ова!“. Истото го извикуваше и мојот татко кој заедно со мене го прегрнуваше електричниот столб. Во неговите очи забележав солзи, гнев и очај. Во тој миг се сетив на неговото кревко здравје (проблеми со срцето и крвниот притисок, дијабетот...), но не ми оставија време да размислам како да му помогнам.

Сѐ се случуваше како по однапред напишано сценарио. До автомобилот на ЕВН молневито се паркираа две полициски возила од ПО Јегуновце. Од нив искокаа десетина полицајци наоружани со автоматски пушки и нѐ зграпчија мене и татко ми. Од дворот слушав силни вресоци на баба ми, бремената снаа и двете дечиња. Двајца од полицајците се обидуваа да ми стават лисици на раце, а останатите го турнаа татко ми на земја и почнаа да го клоцаат по телото. Неговите лелеци ми дадоа сила да се борам. Лисиците ми беа само на едната рака кога успеав да им се оттргнам на полицајците во обид да го спасувам родителот, но ме зграпчи  едно од лицата во цивил. Извади патент-нож и ставајќи ми го под грло низ заби ми рече: „Онаа сега нека ве спаси“, покажувајќи на сликата на тогашна политичарка на СДСМ, која мојот татко ја имаше закачено на ѕидот на балконот на неговата куќа уште од време на изборите во 2006. Во тие мигови ми стана јасно дека се работи за политичка одмазда.

Откако го онесвестија татко ми, го фрлија во едно од полициските возила и тргнаа. Тогаш видов како од еден автомобил се симнуваат докторката и една медицинска сестра од амбулантата од Јегуновце. Се стрчаа во дворот да им помогнат на баба ми и снаа ми кои без свест лежеа на плочникот, а двете дечиња врескаа и се тресеа до нив. Го зедов автомобилот, со лисиците на едната рака и се упатив по полицискиот автомобил во кој беше татко ми. Се молев во себе само да преживее. Го извадија од возилото и со влечење го фрлија на подот во ПО во Јегуновце. Не ми дозволуваа да влезам. Го здогледав поштарот и панично го замолив да викне брза помош, бидејќи полицијата не сакаше да го направи тоа. Додека ги молев, само цинички ми се смееа во лице. И додека силно вознемирена чекав да дојде возилото на брзата помош, еден повозрасен полицаец ме тргна на страна, зад објектот. Не ми зборуваше ништо и покрај моите постојани молби да го видам татко ми. Ми ги тргна лисиците од рака и тогаш само ми рече тивко: „Моли се да ѝ дозволат на брзата помош да го преземе“. За сето време во полициската станица беа присатни двајца високи претставници од ЕВН (во сакоа и машни).

...По околу 6 часа, татко ми се освести во интерното одделение во тетовската болница. Имаше многу повреди по телото. Лекарите рекоа дека е чудо што преживеал. Баба ми, снаата и двете дечиња од страна на роднини, по препорака на лекар беа исто така однесени во болница.

А, електричната енергија? Ја исклучиле и заминале, но по два часа се вратиле и повторно ја вклучиле. Зошто го направиле тоа ако имало долг, како што тврдеа?

Моите писма до внатрешна контрола на МВР, правобранителство, Хелсиншки комитет за човекови права... добија ист повратен одговор - да преземам правни мерки. Не можев да го сторам тоа, бидејки немавме финансиска можност, иако имаше и адвокати кои сами се нудеа да работат на случајот, но не можевме да ги платиме. Одлучив доказите да ги дадам во Јавното обвинителство во Тетово.

До денес, 11 години потоа, Јавното обвинителство не постапи по тој предмет. Обвинителот кој го зеде предметот постојано се криеше кога одев во обвинителството. Потоа почнаа со изговори дека не можат да го најдат предметот, па дека овој или оној е на одмор или боледување... Се обидов и преку медиумите, но во тоа време едни велеа дека ЕВН им е спонзор, а други дека немаат намера да зборуваат за МВР.

Наместо домашна слава, Св.Димитрија во 2007 година беше трагичен ден за моето семејство. Само и само затоа што го поддржувавме и го поддржуваме  СДСМ. Оттогаш наваму, секоја година на овој ден прво се молиме никому да не му се случи она што му се случи на нашето семејство и секако, бидејќи  раните кои ни ги нанесе ДПМНЕ никогаш нема да престанат да крварат. Негуваме силна надеж за правда. Веруваме дека, иако доцни, еден ден правдата ќе биде задоволена.

                                                                  Перса Угриноска-Наумоска, Јегуновце

                                                                                               

           

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе