Зголемување на цените кое ги засега сиромашните

Зголемувањето на цените на храната се случува од причини кои се многу посложени отколку зголемувањето на другите цени, така што справувањето со тие причини бара различни стратегии. 

Сепак, владите на богатите држави недоволно разговараат за истите а тоа доведува до страдање кај оние кои живеат во посиромашните делови од светот.

Прашањето за тоа кој е најдобриот начин да се контролира инфлацијата е прашање кое повторно се поставува на агендата на економската политика, при што мислењата за тоа како да се справиме со неа се поделени. Мнозинството од нив сметаат дека се потребни затегнати монетарни политики а високите каматни стапки и намалената ликвидност ги сметаат за оправдани, дури и тогаш кога тие го попречуваат кревкото економско опоравување кое во моментов се случува во повеќе држави. Други, пак, сметаат дека денешнава инфлација е минлива и е одраз на привремените „тесни грла“ во синџирите на снабдување и на промените кои се случуваат на пазарот на труд, и дека таа наскоро ќе се поправи сама од себе.

Во богатите држави, креаторите на политики и понатаму се потпираат на макроекономските алатки за справување со инфлацијата. Сепак, има еден сет на зголемување на цени кој се разликува од другите – тоа е зголемување на цените на храната. Не само што оваа појава има многу поголемо директно влијание на животите на луѓето, особено во економиите во развој, туку е исто така одраз и на посложени причини за тоа, и справувањето со неа бара целосно поинаков сет од стратегии. За жал, државите недоволно дискутираат за ваквите стратегии.

Ваквото занемарување е длабоко вознемирувачко. На крајот од 2021 година, индексот на цените на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (FAO) беше на своето највисоко ниво во една деценија и е многу блиску до своето претходно максимално ниво од месец јуни 2011 година, кога многумина предупредуваа за глобална криза во врска со храната. Уште повеќе, зголемувањето на овие цени изминатата година се случи одеднаш: во периодот од 2015 до 2020 година, цените на храната беа релативно ниски и стабилни но потоа во 2021 година нагло се зголемија во просек за 28%.

Поголемиот дел од ваквиот пораст беше поттикнат од житариците, при што цените на пченката и пченицата се зголемија за 44% т.е. 31% а пораснаа и цените на другите прехранбени производи: растителното масло достигна рекордно високо ниво во текот на годината, шеќерот се зголеми за 38% а поскапувањата на месото и млечните производи, иако помали, сепак беа двоцифрени.

Инфлацијата на цените на храната во моментов го надминува зголемувањето на вкупниот ценовен индекс и е уште поалармантна со оглед на значителното намалување на приходите од плата на работниците во периодот на пандемија со Ковид-19 - особено во земјите со ниско и средно ниво на приходи. Ваквата опасна комбинација на поскапа храна и пониски приходи е нешто што го поттикнува катастрофалното зголемување на гладта и неухранетоста.

Постојат повеќе можни причини за наглото зголемување на цените на храната. Некои од нив се на системско ниво. Проблемите со синџирот на снабдување (особено во однос на транспортот) беа главен фактор што доведе до зголемување на цените кај многу трговски стоки. Така, цените на житото брзо се зголемија во 2021 година, и покрај рекордното глобално производство од речиси 2,8 милијарди тони.

Цените на енергенсите се исто така важни во определувањето на цената на производство и превоз на храна. Големите зголемувања на цените на нафтата во 2021 година очигледно дека имаа ефект на цените на храната.

Покрај тоа, честите екстремни временски настани го прават понестабилно производството на земјоделски култури и го намалуваат приносот. Некои тврдат дека цените на различни земјоделски производи, како што се бразилското кафе, белгискиот компир и канадскиот жолт грашок (кој сега широко се користи во прехранбената индустрија за производство на замена за месо, од растително потекло) нагло се зголемија минатата година откако временските настани предизвикани од климатските промени имаа негативно влијание на нивното производството.

Во март 2021 година, ФАО предупреди дека сè почестите катастрофи поврзани со климата влијаат на снабдувањето со земјоделски производи. Сушите се најголема закана, која учествува со повеќе од една третина во загубите на земјоделските култури и на добиток во земјите со ниско и ниско-средно ниво на приходи. Но, поплавите, бурите, штетниците, болестите и шумските пожари се работи кои исто така станаа поинтензивни и пошироко распространети, како што можеше да се види во текот на изминатата година.

Можеме да очекуваме многу поголем притисок предизвикан од климатските случувања врз производството на храна во наредниве години, при што најтешко погодени веројатно ќе бидат регионите во развој во Азија и Африка. Заканите за производството на храна предизвикани од климатските ризици ја нагласуваат потребата од поголема меѓународна соработка за справување со глобалното затоплување и со неговите последици. За жал, таквата соработка изгледа малку веројатна.

Но, некои од факторите кои придонесуваат за зголемување на цените на храната се директен резултат на промените во политиките и регулативите. Тие вклучуваат значително зголемување на складирањето (натрупување) количества храна од страна на државите и потрошувачите, што е поттикнато од стравувањата дека новите бранови на пандемијата со Ковид-19 ќе имаат дополнителен притисок врз залихите на храна. Очекувањата за идни покачувања на цените на храната потоа стануваат пророштва кои самите се исполнуваат, поради големата моментална побарувачка.

Во ноември минатата година, ФАО процени дека глобалната цена на увозот на храна во 2021 година ќе биде највисока досега, со повеќе од 1,75 трилиони долари, што е 14% зголемување во споредба со 2020 година и е за 12% повисоко од прогнозата на ФАО која беше објавена само неколку месеци претходно. Ова е лоша вест за економиите со пониски нивоа на приходи, кои можеби имаат поитни потреби за увоз на храна од другите земји а кои би можеле да бидат истиснати од глобалните пазари поради зголемената побарувачка.

Друг важен фактор се финансиските шпекулации на пазарите со храна, кои заживеаја во последно време. Прехранбените производи станаа класа на средства по направената финансиска дерегулација во Соединетите Држави која беше спроведена на почетокот од овој век, и тука има голем број на докази дека таквиот потег имал голема улога во дестабилизирачката нестабилност на цените на храната во периодот 2007-2009 година. Во последниве години, овие производи станаа помалку привлечни за инвеститорите, но тоа се промени за време на пандемијата.

И покрај високата нестабилност, долгорочните аспекти на главните пазари на прехранбени производи беа значајни и позитивни во поголемиот дел од 2021 година, што упатува на тоа дека финансиските инвеститори очекуваат цените да се зголемуваат. Обемот на таквите инвестиции значително се зголеми минатата година и истиот беше овозможен од постојаните регулаторни празнини и од достапноста на евтини кредити за финансиските институции.

За разлика од некои посистемски сили кои влијаат на понудата и на цените на храната на среден рок, креаторите на политики би можеле лесно да ги решат прашањата за складирање на залихи и шпекулациите поврзани со тоа. Но, ова бара државите да прифатат дека станува збор за вистински проблеми и да соберат волја за нивно решавање. Сè додека не го сторат тоа, инфлацијата на цените на храната и понатаму најсилно ќе ги погодува сиромашните луѓе во светот.

Џајати Гош (Jayati Ghosh)

(Авторката е извршна секретарка на International Development Economics Associates, професорка по економија на Универзитетот во Масачусетс Амхерст и член на Независната комисија за реформа на меѓународното корпоративно оданочување.)

 

 
 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе