Земјата на вечното сонце користи само 1% сончева енергија

Хрватскиот музичар и кантавтор Дадо Топиќ уште во далечната 1973 година во неговата култна песна „Македонија" ја опиша нашата татковина како „земја каде сонцето вечно сјае".

Оваа композиција подоцна влезе во најдобрите 100 екс југословенски рок музички нумери. Покрај сонцето кое вечно грее на овие простори, Македонија е надалеку позната и по своите природни убавини и бистри води. За жал, во споредба со развиените европски земји, македонскиот туризам и енергетскиот сектор се неразвиени и им е потребен значителен број на инвестиции. За да привлече инвестиции, на владата ѝ треба план за тоа како може најдобро и најефикасно да го искористи потенцијалот на сонцето и водата во нашата земја.

Неодамна, српскиот милијардер Мирослав Мишковиќ одржа прес-конференција во која ги искажа неговите амбициозни планови за регионот. Според него, тој е во контакт со премиерот Заев, изразувајќи го својот интерес за инвестирање во Македонија. Тој има намера да вложува во угостителство, недвижности и земјоделскиот сектор. Исто така, ја повика македонската влада да се фокусира на развивање на предностите кои Македонија ги има. Според Мишковиќ, „Македонија има многу сонце и вода. Треба да знае како да ги искористи најдобро“.

Годишно, според Државниот завод за статистика, Македонија користи само 1% од сончевата енергија. Преку текот на годината, сонцето произведува доволно енергија да ѝ заштеди на македонската економија над 435 милиони американски долари. Со инсталација на 4kW соларни системи на 400.000 домаќинства, секое семејство би заштедило над 550 долари годишно или вкупно 220 милиони долари. Со инсталирање на поголеми соларни системи над 10kW за електрична енергија, греење, ладење и топла вода, домаќинствата би заштедиле над два и пол пати повеќе, постигнувајќи заштеда од 550 милиони долари.

Дополнително, ако 30.000 бизниси во Македонија би инсталирале сончев систем од 20kW, тие би заштедиле 5.500 долари поединечно или 165 милиони долари заеднички во текот на годината. Значителен простор за соларни инвестиции има и во земјоделието. Па така, ако 30.000 фарми би инсталирале соларни системи од 10kW за напојување на системите за наводнување, земјоделците би заштедиле по 1.650 долари годишно поединечно или близу 50 милиони долари севкупно.

Планот за стимулирање на инвестиции во секторот треба да е фокусиран кон повеќе едукативни програми и работилници за да им се помогне на граѓаните да ги разберат придобивките и начинот на кои нивната инвестиција би се исплатила од сончевата енергија. Покрај тоа, владата треба значително да го зголеми бројот на дозволи за производство на соларна енергија и да пружи континуирана поддршка преку стимулативни мерки како што се повластените тарифи. Мрежното мерење е исто така важен фактор за стимулирање на инвестициите затоа што гарантира откуп на вишок електрична енергија. Дури и без мрежно мерење, неодамнешниот напредок во складирањето на електричната енергија во батерии ќе им овозможи на потрошувачите да го ублажат зголемувањето на цените од либерализацијата на пазарот за електрична енергија.

Користењето на реките за производство на електрична енергија се покажа како ефикасно, но застарените истражувања оставија негативно влијание врз екосистемот. Веќе изградените микро хидроцентрали беа изградени според истражување спроведено кон крајот на 1970-тите до раните 90-ти. Климатските промени во последните 20 години придонеле за значително намалување на водата во тие реки, истовремено намалувајќи го производниот капацитет. Од друга страна, природните убавини и бистри води можат да се искористат за привлекување на туристи во планинските региони.

Планот за зголемување на инвестициите во руралните и планинските региони треба да е насочен кон едукативни програми за да им се помогне на граѓаните подобро да ги искористат грантовите и фондовите на ЕУ. Со оглед на големиот број на граѓани што ја напуштаат земјата, потребно е да се стимулираат инвестиции во региони кои се најмногу погодени. Ова вклучува охрабрување на локалното население да започне нови бизниси, поддршка на постојните бизниси, како и привлекување нови инвеститори. Тоа може да се постигне со формирање на консултативен комитет составен од локални претставници на селата, кои ќе ѝ помогнат на владата подобро да ги разбере потребите на руралниот туризам. Силен маркетинг план ориентиран кон големите потенцијални пазари како што се САД, Канада, ЕУ и Австралија ќе помогне за одржлив раст во секторот.

Постојаното менување на стратегии од страна на политичките партии кои се на власт не дозволува да се создаде конзистентност во енергетскиот сектор и туризмот. Вклучувањето на локалните граѓани во процесот на одлучување овозможува креирање политика од народот и за народот. Овој вид политика создава стабилност и понатамошни инвестиции од локалното население во различните сектори кои се клучни за заедницата.

Стефан Вељановски

(Авторот е доктор по економски науки)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе