Заробена правда

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

Нема правда нема мир! Правда  за Македонија! Правда ваму правда таму. Правда за кого? Толкава експлотација на поимот правда за политички цели не сум сретнал досега. За жал, кога еден од основните концепти на кои е изградено едно либерално општество го присвојува политиката мора да биде соголено неговото содржинско значење, сведувајќи го на обична политичка реторика и празна флоскула. Слична е приказната и за човековите права од кои одредени транзициски политичари бегаа како ѓавол од крст во деведесетите, за подоцна да се будат и заспиваат со нив на своите усни. Како сега со правдата.

Се обидов да разберам кој е поимот на правда што доминира во оваа држава. Кој е контекстот и концептот на правда што стои зад паролите „нема правда нема мир“ и „правда за Македонија“. Оној на Аристотел, Платон, Сократ, Аугустин, Аквински, Хобс, Кант, Џон Лок, Раулс? Се прашувам дали негде е запишан и теоретски образложен пред да биде политички експлотиран? Или, онака како и човековите права убаво звучи и го личи за на политички плакат.

Досега не видов и не прочитав ништо за ова, па само може да нагаѓам или да гледам на гравчиња. А, можеби да се обратам на врачарите и врачарките кои богами ги имавме сиве транзициски години низ политикава, или пак да се повикам на интелектуалниот капацитет на современиве македонски аналитичари што имаат одговор за се.

Па, се прашувам, или прашувам: дали правдата во некогашната држава Македонија е изедначена со еднаквоста? Дали концептот на правда кај нас е дефиниран низ природното право на поединецот за слобода и потрага по среќата? Дали низ владата како договор на оние што се владеат, низ правото како место каде правдата и моќта се среќаваат, или низ правда како брана од репресивна власт. За оние што не знаат - ова се главните претпоставки низ кои е дефиниран концептот на правда во американскиот устав под силно влијание на Џон Лок. Со оглед дека ние сме западно ориентирана држава каде довчерашните социјалистички политичари ги искривија вратовите во насока исток-запад, морам да водам сметка за нивното идеолошко клистрирање и секако прозападна наобразба. Барем да објаснеа кој концепт на правда го следат. Зашто ако пијат „кока-кола“ и јадат „мекдоналдс“ не значи дека се прозападно ориентирани. Вискито сепак има друга географска одредница.

Искрено, престанав да го читам Уставот на некогашната држава Македонија. И таму да побарам како и под чие влијание е дефиниран концептот на правда во оваа држава. Зашто не верувам дека и во стариот и во овој новоизменетиот ќе најдам одговори на моите дилеми и поставени прашања. Таму немаше одговор на многу поактуелни правни дилеми што се појавија последниве години, а ги наметна современата политичка реалност во некогашната држава Македонија, а не да барам одговор на теоретско филозофски дилеми околу концепти на кои се положени либералните држави. Искрено се прашувам дали веќе некој го чита ова пиши бриши книжуле и го зема за сериозен правен документ. А, требаше да биде.

Затоа, чисто за потсетување. Не дај боже некој да помисли дека делам памет во државава при толкаво количество интелектуализам и критичка мисла последниве години. Па така, основата на толкувањето на правдата и природниот поредок во западната политичка традиција (кон која се стрмиме и не ја вадиме од уста) е човекот и неговата непроменлива природа, неговата слободна воља да ги направи своите неприсилени избори во неговата потрага по вистината, правдата и среќата. Правдата значи дека поединецот мора да биде слободен во изборот, но и одговорен да ги сноси последици за своите постапки. Исто така, како потсетување за оние што ја повикуваа правдата во државава е дека правдата и неправдата не зависат од позитивното право. Правдата е поширок концепт од законот и обезбедува критериуми за негово креирање. Праведен закон е оној што се базира на, а не е контрадикторен со, природните права. Оние де со кои се раѓаме, а не оние што ни ги даваше државата во времето на социјализмот. Зашто неправдата значи кршење на природните права на човекот.

Правото (земското) ѝ служи на правдата кога е во функкција на обновување на мирот поради нарушените човекови права на поединците. Но, правото за да ѝ служи на правдата мора да биде применливо на еднаков и непристрасен начин за сите. Поточно, правдата мора да биде непристрасно администрирана за сите во општеството. Зашто неправдата се раѓа кога исти или слични случаи се третираат различно. Не дај боже тоа да се случува во некогашната држава Македонија. Секогаш кога размислувате за правда и неправда во државава прашајте се дали во некогашната Република Македонија креиравме правен систем со висок морален авторитет што креира објективни стандарди на правда за сите (Чарлс Колсон)? Или, дали во нашиот правосуден систем доминираат објективни морални теории, како категоричен императив на Кант или, не дај боже, природниот морален закон на Аквински.

Факт е дека правдата е еден од најважните морални и политички концепти на современите општества. Тоа е средство за создавање и одржување на еднаквоста во општеството. Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел. Никогаш, освен декларативно, слободата и правдата не ја поставевме како идеал кон кој ќе се стремиме. Не ја промовиравме правдата како морална доблест на карактерот и посакуваниот квалитет на политичкото општество што го градевме. Ние промовиравме други вредности, затоа сме тука кај што сме денес. Правдата ја зароби политиката и ни ја понуди по потреба во мали дози, како лек против искривената слика за демократијата во оваа држава. Ни ја понуди на политички памфлети, многу малку во реалниот живот, но секако без упатство за нејзина употреба.

                                                                                    Проф. Звонимир Јанкулоски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе