Џабир Дерала

Замената на демократијата со стабилност ѝ донесе хаос на Македонија

„Многу разочаран поради недостигот од одговорност + лидерство од некои“ – твитна комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, по неуспехот на бриселските преговори меѓу владата и опозицијата за надминување на политичката криза во Република Македонија. 

Да се изјави вакво нешто е, најблаго кажано, неодговорно. На кого мислеше комесарот со „некои"? Многу проблематично е да се каже такво нешто, без да се посочи точно кому му недостига „одговорност + лидерство".

Судејќи по изјавата на премиерот Никола Груевски по неуспехот на преговорите, можеме да заклучиме дека тој е охрабрен и поттикнат. Земјата не може да очекува ништо добро од неговата остра изјава, без ниеден знак дека е подготвен да се симне од власта која толку жестоко ја злоупотребува веќе девет години.

Опозицискиот претставник Зоран Заев не презентираше максималистички погледи и услови на преговарачката маса во Брисел, со посредство на Комесарот Хан. Напротив, тој претстави и бранеше, навистина минимални услови за нормализација на земјата, да ја врати во минимум поднослива состојба и капацитет да спроведе слободни избори.

Владата предводена од Груевски го злоупотреби секој аспект на власта на централно и локално ниво, во политички, општествен и економски контекст. Парламентот е нефункционален, изборите се украдени, медиумите се контролирани речиси во потполност, институциите се тотално партизирани и под контрола на многу тесен круг од партиски моќници, приватниот бизнис е предмет на контрола и изнудување, образованието, здравствениот и социјалниот систем се претворени во алатка за одржување на власта и вработување на партиската пешадија. Енормни суми народни пари се трансферирани во приватни џебови на највисоките претставници на „фамилијата“ како што многумина го нарекуваат најтесниот круг луѓе околу Груевски.

Десетици луѓе се политички затвореници, затворени или во притвор, а некои се под прогон од целосно контролираното судство. Опозицискиот лидер Зоран Заев самиот беше предмет на отворен прогон во изминатите години. Како и десетици други. Листата на политички мотивирани одмазднички акции на кликата на Груевски е долга и не завршува тука.

Груевски и неговата политичка кохорта повеќепати ја доведоа земјата до работ на граѓански немири, па дури и војна, како што е и последната безбедносна криза во Куманово на 9 мај. Сѐ уште се неодговорени прашањата и барањата поврзани со полициската операција и инволвираноста на врвот на власта во оваа криза.

Сето ова, како и многу други криминали, злоупотреби и злосторнички акти станаа повеќе од очигледни откако опозицискиот лидер Заев ги обелодени прислушуваните разговори, кои истекоа од масивната и долгогодишна операција на прислушување и следење спроведена од премиерот Груевски и неговиот братучед, шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Опозицијата бара оставка од Груевски и неговата влада, формирање на преодна влада, ревизија на Избирачкиот список и организирање слободни избори. Аргументите за тоа се претставени во досегашните 36 прес конференции каде фактите и доказите за криминалното практикување на власта се како вистински бомби. Многумина велат дека нормална влада би дала оставка веќе по првата.

Покрај тоа, сите овие „бомби“ се само горчлива потврда на стотиците извештаи од домашни и меѓународни граѓански организации, експерти и институции кои со години се обидуваа да ја алармираат јавноста за отсуството на владеење на правото, кршењето на човековите права и уништувањето на демократијата. Девет години, организациите на граѓанското општество, активистите за човекови права, аналитичари и експерти од различни сфери постојано ја предупредуваа јавноста со своите наводи и заклучоци за ужасно лошите политики и практики кои го прекршија секој можен демократски стандард и предизвикаа масивно и флагрантно кршење на човековите права.

Политичката криза не започна со „бомбите“ на опозицијата. Тоа започна во 2008 година, откако Груевски објави владина криза и спроведе изборен процес полн со нерегуларности и насилство, вклучувајќи еден загинат, неколку повредени и обид за атентат на Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција, кој е етничкиот албански колега и партнер во владата повеќе од осум години. Тоа е времето кога веќе ослабениот политички дијалог во земјата потполно згасна. Општеството не посведочи за политичка дебата од тогаш. Владата организира уште два предвремени парламентарни изборни процеси во 2011 и 2014 година. Локалните избори во 2013 година, како и претседателските и предвремените парламентарни избори во 2014 година претставуваат дрски изборни измами. Структурно насилство, широко распространет клиентелизам и масивна манипулации беа главните супстанции на овие изборни процеси.

На преговорите во Брисел, посведочивме на огромен дисбаланс и неправедни преговарачки позиции. На едната страна на масата беше Заев, опозициски лидер кој го претставува прогресивниот и охрабрен дел на општеството и кој го разобличи престапништвото на моќниците до болни детали. На другата страна од масата, го гледаме Груевски, кој ја претставува авторитарната власт која ја укина демократијата и го подели општеството. Тој е стопан и на двајцата лидери на етничките албански партии чиј кредибилитет е претворен во пепел. И тие се на преговарачката маса. Главната фигура која треба да го олеснува овој процес е, сега го знаеме и тоа, контроверзна индивидуа, Комесарот Хан, кој покажа дека го поддржува Груевски и ги зацврсти неговите преговарачки позиции со изјавата во Вашингтон на 5 јуни, по преговорите во Скопје на 2 јуни. Во изјавата, пак, тој покажа неприфатливо ниво на неинформираност.

По преговорите во Брисел на 10 јуни, ние се наоѓаме исправени пред прашањата дали има уште нешто во сево ова. Недоследностите и настаните поврзани со овие преговори им даваа простор на шпекулации дека Комесарот Хан можеби има финансиски релации со круговите на Груевски, наводно, за неговата конекција со меѓународниот синџир на казино клубови, присутен и во земјава. Тоа е бизнис во кој, сега поранешниот, шеф на безбедноста Сашо Мијалков, има свои матни интереси. Иако овие наводи може да се само шпекулации и озборувања, сепак, Европската Комисија би требало да размисли да го отстрани Комесарот Хан од процесот и да назначи понеутрален претставник.

Накратко, имаме инкриминирана влада на едната страна, неволна да ја напушти власта и да ја ослободи земјата, а на другата страна е опозициски лидер кој воедно го претставува движењето Граѓаните за Македонија, кој бара демократизација на земјата. Притоа, ова се преговори од кои граѓанското општество, легитимна и високо видлива и активна општествена сила, беше грубо отстрането. Со други зборови, преговорите беа осудени на пропаст од самиот почеток.

Времето како темпирана бомба отчукува, а земјата тоне во уште подлабока криза и несигурност. Имајќи го предвид и фактот дека нашата земја може да биде експлозивна и да влијае врз безбедносната состојба и во регионот, решенијата мора да се донесат час поскоро. Но, не на сметка на слободата и демократијата. Долготрајното занемарување на македонските состојби и замената на демократијата со стабилност само ја дестабилизираше земјата и може да донесе уште потешки последици.


Џабир Дерала
 

Овој текст е пишуван првично на англиски јазик за потребите на меѓународната заедница. Преземен е од ЦИВИЛ.

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе