Благојче Атанасоски

Заев го заболе (за) Стојко!

На тасот на вагата помеѓу гласовите кои би ги изгубил со Стојковото разрешување, или со спротивставувањето на ДУИ, Заев е свесен, или пак некој друг му укажал, дека многу поголема политичка штета ќе има и на претстојните локални, но и на идните парламентарни, ако од својот коалициски и гласачки резервоар ги исфрли гласовите на етничките Албанци.

Четири години не само што се доволни, туку и законски се одредени, да се направи пресек на едно владеење во демократскиот свет. Имено, по крвавите настани од 27 април 2017, со што заврши ерата на владеење на поранешниот премиер, сега пребеган азилант во Будимпешта, Никола Груевски, на власт во Македонија дојде Зоран Заев и СДСМ, после повеќе од еднодецениско тонење во тешка опозиција. Настрана начинот и помошта од меѓународната заедница за доаѓање и преземање на власта (организирањето на Шарената револуција, Пржинската влада, процесот на објавување на „бомбите“, на крајот присилното создавање на коалициска влада со ДУИ, од страна на американската амбасада), првиот човек на тогашната опозиција, покажа неверојатна храброст, дури би рекол и лудост, спротивставувајќи му се со сите сили, алатки и начини на, од многумина нарекуваниот режим на Никола Груевски. И го сруши како кула од карти, за што плати и со раскрвавена глава на настаните од „крвавиот четврток“. На тој фон, по преземањето на власта на 1 јуни, таа година, за само неколку месеци подоцна на локалните избори, Заев направи „џандар збира“, освојувајќи 55 општини, а сведувајќи го дотогаш неприкосновеното ВМРО-ДПМНЕ на само 5.

Заев е „политичка мачка“ со девет животи

Зошто го потсетувам сето ова? Бидејќи во таа пресвртна 2017 година, Заев беше несомнено најголемата политичка звезда (барем во антигруевистичкиот дел од општеството), и де факто му ја заврши грандиозната политичка кариера на докторот по економски науки од УКИМ. На бранот на Шарената револуција, чија парола беше „нема правда - нема мир“, Заев ја доби и  поддршката да расчисти со претходното (криминално) владеење на „фамилијата“. Што се случи во изминатите 4 години? Освен решавање на тридеценискиот спор за името со Грција, и наш влез во НАТО, услов без кој не се можеше, а за кој плативме прескапа цена (сложено име за севкупна употреба), владеењето на Заев на внатрешен план може да се карактеризира како тотално промашување и разочарување, пред сѐ за тие кои му ја дадоа полната политичка и морална доверба. Затоа и резултатот на минатогодишните парламентарни избори за СДСМ  и нејзиниот водач беше за околу 120.000 гласови помалку од претходните избори во 2016 година, и само тотално неинвентивната, антихаризматичната, арогантната и неубедливата понуда на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кон гласачите, го спаси Заев од пораз, и продолжи да владее и управува со земјава. Што се случи изминативе 4 години, Заев толку многу да ја загуби довербата?

Од каде ли само човек да почне: непотизмот и партиските вработувања на синови, ќерки, внуци, снаи и братучеди на високи државни функционери во ЕЛЕМ и слични претпријатија во кои платите се највисоки, патните трошоци на Мира Дизел Стојчевска која ја замени „Бонева Силванева“, „сомнителни“ тендери, кои под будното око на медиумската јавност беа повлекувани, за на крај сето тоа да кулминира со аферата „Рекет“ и урушувањето и крајот на Специјалното јавно обвинителство, најголемата и последна надеж на слободољубивата и правдољубивата јавност од Шарената револуција, дека конечно правдата во Македонија ќе профункционира за сите. Бегството на Груевски беше капак на тоа разочарување. Последните скандали со криминогените и коруптивните јавни набавки на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој веќе е во ефективен притвор, и разрешувањето на Стојко Пауновски, првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, само ја продолжуваат низата „скандали“ со кои се соочува и ќе се соочува Зоран Заев и во иднина, особено во пресрет на локалните избори оваа година.

Изборната математика го „изгоре“ Стојко

Зошто премиерот го разрешува директорот Пауновски, и покрај тоа што огромниот дел од вработените во ДПИ и јавноста застана зад него, поддржувајќи го во намерата дека не може против логиката на нештата да бидат „бутани“ непотребни кадри, распределени од измисленото Министерство за политички систем на Артан Груби, според рамковната квота, токму во овој инспекторат? Зошто и покрај тоа што Заев е свесен дека со постапката на Стојко, тој дополнително ќе загуби гласови од разочараните од него и начинот на неговото владение, пак го разрешува, наместо да застане на неговата страна? Бидејќи не може поинаку, и е ставен пред свршен чин. На тасот на вагата помеѓу гласовите кои би ги изгубил со стојковото разрешување, или со спротиставувањето на ДУИ, Заев е свесен, или пак некој друг му укажал, дека многу поголема политичка штета ќе има и на претстојните локални, но и на идните парламентарни, ако од својот коалициски и гласачки резервоар ги исфрли гласовите на етничките Албанци. Истите тие, кои со неколку десетици илјади во 2016 го приближија до резултатот на ВМРО-ДПМНЕ, и го донесоа на власт, истите тие кои преку коалицијата со Беса на минатогодишните парламентарни избори го задржаа на власт, и истите тие, кои ќе му бидат од суштинско значење на овие избори за општински власти преку неформалната коалиција со ДУИ и Беса на локално ниво. Така што, и покрај тоа што е разочарувачка, одлуката за разрешување на Стојкота, за мене лично беше и очекувана. Не е Заев диктатор, па од его и суета му се одмаздува за „пркосот“ на еден свој директор, туку во игра е политичка математика и изборна комбинаторика за продолжување на ерата и кариерата на шампионот од Муртино.

Благојче Атанасоски, политички аналитичар

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе