Заеднички компании со привремено државно партнерство за излез од кризата

Во овие компании формирани помеѓу државата и приватните претприемачи ризикот го преземаат двете страни. Основачкиот влог на државата во компаниите би бил привремен.

Впрочем, зошто и покрај толку ветувања, ниту една досегашна влада не усвоила закон за потекло на имот за СЕКОЈ граѓанин?

Македонија е во незавидна политичка и економска состојба. Според Заводот за статистика  (IV. 2018) бројот на невработени е висок, 185.000 невработени, Бруто домашниот производ (БДП) е низок, 10.029.277.000 евра (4.840 евра по жител), реалниот раст на БДП е 0,2%, степенот на корупцијата висок, судството неефикасно, превработеноста во администрацијата голема...

Пред 27 години, во весникот „Нова Македонија“, во 4 продолженија (22, 23, 24 и 25 август 1992 година), овој автор публикува препораки за транзиција од социјализам кон капитализам, со крајна цел намалување на тогашната голема невработеност (40%) и за раст на БДП над 7%. Моделот бешет безрезервно поддржан од тогашниот претседател на МАНУ, Проф. Др. Ксенте Богоев, но не беше прифатен, а резултатот е познат. За разлика, повеќе паметно водени држави, за 27 години направија огромен исчекор во својот сеопшт напредок. Тука се Кина, Русија...

За промена на сегашната економска состојба во Македонија потребен е креативен модел за напредок и многу напорна работа. Не постои, како што некои заговарат, „загарантиран“ успех од зачленување во НАТО, ЕУ и сл. Било каква туѓа помош од ваквите зачленувања е само привременна и/или пропагандна. „Бесплатен ручек” нема! Примери се Хрватска, Бугарија, Романија и др. Грција е членка на ЕУ и НАТО од Балканот со најдолг стаж, но неодамна сепак беше во пред-банкротна состојба.

Македонија многу заостанува во однос на успешните европски држави и за да им се приближи ќе биде неопходно време и: (а) да завладее правото, (б) расотот на БДП да биде висок. Со методологијата предложена подолу, Македонија за релетивно краток период, сепак, би можела да стане земја што ќе ја реши невработеноста и ќе постигне висок БДП.

Владеење на правото

Сите народи посакуваат да живеат подобро и во благосостојба. Но, ако бидат исклучени земјите со големи природни богатства, зошто тогаш се збогатиле само мал број земји со демократско уредување? Уште пред околу 270 години Монтескје укажувал дека во светот не владее случајот: постојат општи начела (физички и морални) што ја креваат, одржуваат или уриваат државата.

Во случајов, Македонија наместо да чекори кон благосостојба – тоне во сиромаштија. Кои се причините? И може ли Македонија да се извлече од сегашната состојба? Услови за таков пресврт има повеќе, но постои еден круцијален услов што одвреме-навреме се споменува (првенствено во функција на инцидентни дневно-политички потреби), но никогаш не добил третман согласно неговото вистинско значење и не бил промовиран и применуван како круцијален, прв и основен услов за напредок во едно демократски уредено општество. Овој услов е: владеење на правото

Овде мора да се подвлече дека владеењето на правото е conditio sine qua non за економскиот напредок на секоја земја! Не постои стратегија за развој, во едно демократско општество, што ќе обезбеди напредок доколку овој услов не биде исполнет. Заблуда е да се очекува сериозен, значителен напредок да обезбеди оној што нуди „најдобра економска програма”. Економската програма е потребен, но не и доволен услов за успех. Успех ќе обезбеди оној кој, покрај добрата економска програма, ќе го гарантира и ќе го спроведе владеењето на правото во земјата. 

Зошто е тоа така? Па, во демократски уредените општества во кои не владее правото – владее без-законието, владее неред, хаос и корупција. Ваквите општества немаат услови за напредок. Корупцијата ја анулира здравата конкуренција бидејќи не постои правна сигурност. А правната сигурност е предуслов за креативно способните субјекти да креираат напредок. Затоа нема земја што останала сиромашна, а во неа владее правото и нема богата демократски уредена земја во која правото не владее.

Поради овие причини нашите најкреативни, најхрабри, наједјуцирани и најспособни кадри ја бараат својата шанса во странство.

Дали е лесно да се спроведе владеење на правото? НЕ! Владеење на правото е во интерес на граѓаните, но не и во интерес на тие што власта сакаат нечесно да ја користат. Тие се само декларативно за владеење на правото и против корупцијата. Впрочем, зошто и покрај толку ветувања, ниту една досегашна влада не усвоила закон за потекло на имот за СЕКОЈ граѓанин? Со ваков закон ќе бидат спречени бројни манипулации.

Цели на БДП и вработеност

Под претпоставка да владее правото, за што овој автор се залага уште од 1992 година преку медиумите, Македонија за релативно кусо време може да ги реши проблемите со високата невработеност и нискиот БДП. Овде е предложено едно од можните решенија во кое, покрај владеењето на правото, ќе биде неопходно да се обезбедат финансиски, односно инвестициски средства, да се организира сервисна мрежа и да се обезбедат квалификувани кадри со чија помош ќе се креираат бројни извозно ориентирани капацитети.

За Македонија е неопходно што е можно ПОБРЗО да бидат достигнати следните цели:

  • Невработеност под 10%, 
  • Годишен раст на БДП над 10%.

Се подразбира дека не постои магично стапче што преку ноќ ќе ги постигне поставените цели. Потребно е време и нови идеи. Во овој напис станува збор за една од нив.

Невработеноста е најприоритетниот и далеку најгорливиот проблем во Македонија. Таа има импликации во сите општествени сфери. Сегашната невработеност е тешко скротлива за кусо време. Отворање нови работни места за невработените е огромен предизвик дури и за посилни економии.

Но, познато е дека малите и средни компании се, ПРОВЕРЕНО, најдобар генератор за креирање нови работни места, за зголемен БДП и за полнење на државниот буџет. И сега постојат стимулации за отворање нови компании, но усвоените методологии веројатно нема да дадат резултат поради отсуството на претприемачкиот дух во Македонија, а особено поради невладеењето на правото. Огромен број претпријатија се гасат секоја година.

Затоа, вистинското прашање гласи: Што е потребно да се промени за брзо да се омасови отворањето УСПЕШНИ мали и средни компании?

Предлог–концепт за напредок

Македонија е земја со мал број жители, мал пазар, висока невработеност и низок БДП. Ваквата состојба може да биде променета само доколку се изгради силно извозно ориентирано стопанство. Тоа не е невозможна мисија доколку се знае дека денес, во светот, не е проблем нештата да бидат произведени, туку успешно да бидат пласирани.

За развој на ваквото стопанство е потребен организациски концепт, капитал, кадри и мрежа на сервис центри.

Организациски концепт:

Концептот што овде се заговара e Владата агресивно да промовира формирање мали и средни Joint venture/Temporary Partnership компании. Во овие компании формирани помеѓу државата и приватните претприемачи ризикот го преземаат двете страни. Основачкиот влог на државата во компаниите би бил привремен. За ваквиот концепт на формирање заеднички државно-приватни компании некој ќе рече дека е идеолошки некоректен и непримерен за капиталистичките системи. Но, од друга страна, пак, позната е и кинеската поговорка: „Не е важно дали е мачката црна или бела ако лови глувци!”

Според овој концепт потенцијалните приватни претприемачи добиваат сè „на тацна”:

  • Список произлезен од истражувачка студија за избор на област и дејност на компанија (за домашен пазар и/или извоз), со подготвен детален бизнис план,
  • Основачки капитал од Владата за формирање мали и средни Joint venture/Temporary Partnership компании,
  • Домашен и/или странски менаџмент (доколку странскиот менаџмент е потребен) избран во договор со Владата,
  • Обука вршена од странски и/или домашни стручни лица,
  • Евентуални олеснувања за приватните инвеститори.

Ваквите партнерски компании со мешан капитал се од заемна корист за двете страни. Државата ја постигнува поставената цел (зголемена вработеност и повисок БДП), а претприемачите обезбедуваат сопствено вработување, оплодување на вложените средства и зголемена инвестициска сигурност бидејќи ризикот го делат со државата која е суштествено заинтересирана за нивниот успех.

Профитот од вака формираните мали и средни компании го делат државата и приватниот претприемач сразмерно основачкиот влог. Штом компанијата се оспособи за самостојно функционирање – државата го повлекува својот влог и субјектот продолжува да работи како 100 % приватен.

Илустрација за компании од областа земјоделие поделени во две категории:

А) Компании на кои ќе им биде обезбедена технологија за извозно-ориентирани нови високо-профитабилни земјоделски егзотични култури кои се прилагодливи на нашето поднебје (за садење на однапред испитано земјиште најпогодно за културата), проектот би ги понудил на земјоделците;

Б) Компании за финални производи од наши суровини наменети за извоз и/или домашен пазар како на пример производи од ориз. Профитот добиен од суровиот ориз се разликува од профитот на финално преработен ориз. По јапонска лиценца би можело да бидат произведувани Mochi, вкусни ситни колачи од ориз за европски и домашен пазар. Лиценцодавачот би испорачал проект и би обезбедил стручно(и) лица за производство и маркетинг.

Капитал:

За развој на извозно ориентираното стопанство односно за отворање на секоја мала или средна компанија, покрај кадрите, е потребен капитал.

Во развиените земји, особено во САД – земја со развиен претприемнички дух – граѓаните своите заштеди масовно ги инвестираат во стопанството со купување акции на берза. Нивните заштеди во банките, по правило, се минимални. Спротивно на ваквото однесување, според некои проценки, граѓаните во Македонија поседуваат повеќе од 2,5 милијарди евра (според други податоци 4,3 милијарди евра) во вид на заштеди депонирани во македонските банки. Сопствениците на ваквиот „мртов капитал” немаат скоро никаква корист. Тие ја собираат каматата од вложените средства и не размислуваат за подобри опции. Кај нив постои страв од неуспех средствата да ги вложат во бизнис бидејќи се, за жал, неискусни, без знаење и без идеја како овој капитал да го оплодат, а свесни се и за реалниот ризик на секоја инвестиција во земја во која не владее правото.

Доколку, пак, штедачите би биле убедени својот капитал да го инвестираат во стопански дејности и со гаранција дека инвестицијата е исплатива, тие би имале солиден финансиски успех од ваквата инвестиција, македонската економија би имала огромна корист, одливот на кадри би се успорил или запрел, а би можел да почне и процесот на враќање на нашите кадри од странство.

За ваковиот концепт, неопходен е проект што државата ќе треба да го изработи и реализира. Со проектот државата на штедачите ќе треба да им понуди ПАРТНЕРСТВО за формирање извозно ориентирани фирми и гаранција за нивен успех.

Потенцијалните извори на капитал потребен за реализација на пректот се: капитал на штедачите, државен капитал, капитал на банки, на меѓународни фондови за развој и донации, фирми, капитал од дијаспората, странски вложувања и од секој можен друг извор.

Капиталот на штедачите е еден од најсериозните извори на потребниот капитал бидејќи граѓаните во банките располагаат со навистина огромен непродуктивен „мртов капитал“, девизен и денарски.

Овој „мртов капитал”, овој заспан џин, Владата треба да го разбуди. Но, за неговото будење е неопходно да биде пробуден претприемничкиот дух што во Македонија нема традиција. Позитивни примери за претприемништвото сепак постојат, но масовност нема. Поради невладеењето на правото, пак, голем број на успешни компании се рекетирани и принудеи на банкрот. 

Затоа, Владата штедачите мора да ги охрабри и со свое учество во партнерските компании да им понуди сигурност што, пак, ќе биде силен мотив тие да ја прифатат „авантурата наречена претприемништво”, да им помогне и да ги убеди и мотивира штедачите да го вложат својот „мртов капитал” во безбедни бизниси што ќе им носат многу поголем профит од банкарската камата. Ова не е лесно, но е можно ако ВЛАДАТА САКА УСПЕХ И ОДЛУЧИ ДА ГО СПОДЕЛИ РИЗИКОТ СО ПРЕТПРИЕМАЧИТЕ!

Притоа, треба да се нагласи дека сопствениците на вложениот приватен капитал не е неопходно сами да ја водат компанијата во која инвестирале. Менаџментот може да биде составен и од други способни лица.

Доколку Владата има ваков пристап тогаш и дел од дијаспората би инвестирала во татковината, а ваквите претприемачи се и поеманципирани од домашните.

Кадри:

За реализација на Joint venture/Temporary Partnership проектот неопходно е Владата да ангажира (и преку меѓународна помош) повеќе проверени, способни и искусни странски стручни кадри (и стручни пензионери спремни да помогнат) за водење на компаниите. Овие кадри ќе бидат гарант како за успехотот на компаниите, така и за привремено вложениот државен капитал. За ваквите кадри подетално во приложениот напис од 1992 година (стр. 5 до 8): „Како до кадровско преструктуирање?”. Генерално, неопходни се способни и искусни кадри бидејќи тие можат од ништо да направат капитал, а оние другите капиталот го претвораат во ништо. Доказ за ваквата теза е впрочем и пустошот што го остави зад себе криминалната приватизација во средина на 90-те години.

Мрежа на сервисни центри:

Претприемачите ќе бидат оспособувани преку организирани обуки. За секоја средно-голема компанија ќе биде назначен странски менаџер. За неколку компании од иста или слична дејност ќе се грижи по еден странски менаџер. Менаџерите за компаниите ќе бидат групирани во мрежа сервисни центри лоцирани низ Македонија. Задача на сервисните центри ќе биде претприемачите да ги едуцира и да ги помага во сите активности од процесот, почнувајки од изборот на дејност, преку организацијата во фирмата, па сé до пласман на производството и/или услугите.

Исплатата на странските менаџери ќе биде на товар на новоформираните компании. На странските менаџери, како дополнителна мотивација, би можело да им биде понудено и партнерство во фирмите што ги водат.

Завршна забелешка:

Овој текст го прочита мој пријател и ми соопшти дека Кинезите во својот развој примениле сличен или ист концепт. Мене тоа не ми беше познато, но доколку е точно тогаш ми е особено драго бидејќи е поддршка на предложениот модел.

 

Проф. Др. Тома Чакулев

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе

Во време кога пандемијата на коронавирусот и понатаму е вон контрола, најдобар економски исход на кој би можеле да се надеваме е рецесија која ќе биде подлабока од онаа со финансиската криза во 2008 година. 

повеќе