Колумна

За Тамара и (не)патриотите

Во последниве денови сум згрозена од негативната енергија на една група од квазипатриоти, кои „удираат и плукаат“ по жена, мајка, сопруга, ќерка, сестра, пријателка... Секој ден се прашувам: можно ли е ова?

Изгледа кај нас сѐ е можно. Ако не те гледаат, те забораваат. Ако те гледаат, да си здрав и жив. Ќе си го добиеш на првата (според нив) грешка. Ќе земат замав како да се единствените, најспособните, најхрабрите, најдобрите, најпатриотите... Не е патриотизам да се ситиш и да си ситен како грашок во говорот на омраза против својот (во стилот „Умри, цркни кучко“, и слични гадости).

Врз основа на сето она што сум го слушнала досега (усно или писмено кажано) најодговорно тврдам дека во најголем дел, таканаречените „патриоти“ се најслабите познавачи на македонскиот јазик (секоја чест на исклучоците).

Не дај боже, од поголем дел од нив, да слушнеш конструкција на реченица. Уште повеќе да прочиташ напишан збор.

За добри и квалитетни нешта, во „плукаторот“ нема да најдете познавач на македонскиот јазик и покрај тоа што се удира во гради дека е патриот и дека е за Македонија. И некако, на деструктивен начин си ја троши енергијата. Наместо да реагира на еден куп неправилности во јавниот говор и јавното пишување на македонскиот јазик, кој е белег на нашата нација, се фаќа за периферни нешта што никако не се напад на македонскиот народ и нација.

Тамара не ги спомнала Гоце, Даме, Питу... Па што? Исчезнаа од нашата историја поради тоа? За последен пат се пееше химната? Ќе исчезнеме како народ поради тоа? Намерно беше? Веднаш следуваше извинување. Ама не, не се есапи тоа. Подолг период немаше на кого да се извади сопствената негативна енергија и сега, пресреќни, најдовте за што и на кого ќе го направите тоа.

Уште повеќе ме згрози чинот на натпревар помеѓу квазипатриотите. Кој повеќе ќе плукне, тој се мисли поголем патриот. Кој ќе ѝ направи поголема штета на една личност, тој е поголем патриот. Можно ли е? Ова ли е мојот народ?

Погрешно сте ги сфатиле работите. Таквите луѓе не се нарекуваат ПАТРИОТИ туку негативци, на кои сите им се виновни зашто се незадоволни од себе и од сопствените неуспеси. Фрлениот бумеранг секогаш се враќа кај тој што го фрлил, а вистинскиот Македонец го чува својот човек. Го штити, го поддржува и не му фаќа за кусур кога нема директна штета ни за него како човек, ни за македонскиот народ. Не видов дека некој од нас Македонците исчезна по пропуштената строфа. Не видов дека тоа ни ја намали вредноста. Сами си ја намалуваме со плукањето по својот. Во што сме поразлични од надворешните ако ги газиме своите? А кого напаѓаме?

Додека ние седевме дома, опкружени со своите, таа што ја плукате беше наш горд претставник на Евровизија и беше далеку од своите најблиски и најсакани. И бев горда што ја имаме таква каква што е: убава, квалитетна, професионална и одлична во својот настап (за заинтересираните, не ја познавам лично Тамара). Ќе ја ценам секогаш поради чувствата што ми ги разбуди кога видов колку убаво нѐ претстави сите. Како вистинска Македонка бев горда како јас да сум таму. И знам дека тогаш и мојот народ ги делеше истите чувства. Луѓе сме, грешиме. Ако не грешевме, немаше да знаеме што е исправно, а што не. Така се учи, така се живее, таков е животот. Ова не е убиство, кражба, дилерство. Ова е човечка ненамерна грешка. И колку побрзо ќе го сфатите тоа, толку побрзо ќе покажеме дека сме и патриоти и вистински Македонци, и луѓе со минато и иднина.

Да се чуваме меѓу себе и да си го чуваме јазикот за да опстанеме како народ, а не омразата, зашто таа е непријателот број еден за нашето опстојување.

Така одиме кон исчезнување и претопување! Не со испуштени стихови...

Ние не сме партии. Ние сме Македонци!!!

Тамара, ти благодарам што си дел од мојот народ.

Матилда Саздова

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе