За ставот и стравот на наставниците

Никој не смее веќе да се потсмева и да се игра со неговото височество Учителот.

Демократско право на секој работник, а тоа значи и на просветниот, е да се бори за подобри услови и подобар статус во општеството. Македонскиот наставник одамна веќе не е на заслужениот пиедестал во општеството и тоа е уште една причина повеќе за постојано да биде во борба за своето место под сонцето. Колку пак се бори и колку е масовна таа борба веќе е јасно како ден. Се гледа празнотијата на бројните протести организирани од гранковиот СОНК синдикат каде присуствувааат не многу голем број просветни работници, поточно само претставниците на синдикалните организации, претседателите и секретарите кои, сепак, се оние похрабрите, оние што отворено се појавуваат на протестите во име на десетици илјади уплашени наставници за да ја бранат и нивната чест и честа на професијата, барајќи подобар статус и повисока, подостоинствена плата.

Од што се плашат дугите наставници и другите просветни работници? Од повисоки плати или од повисоките државни органи? Кој е ставот на еден наставник за своите права? Како може еден учител да ги советува и поучува своите ученици како со борба да успеат во животот, а самиот тој да биде рамнодушен кон состојбите во кои се наоѓа како јавен општествен работник, згазен токму од оппштеството!? Од каде и до кога тој толку ментален страв и понизност кон државата и кон власта, на учителот чија мисија е да биде „бунтовник со причина“ и храбар водач во секоја битка за просперитет на заедницата, на државата?

Од моите секојдневни средби со колегите знам дека секој наставник има еден куп забелешки за состојбите во образованието, куп забелешки за пренатрупаните административни обврски и куп забелешки за односот на министерството и општеството во целост кон професијата учител, наставник, просветен работник. Исто така, знам дека кај секој од колегите таи истиот став за борба кон подобрување на статусот, но очигледно е прашањето: кој треба да ја води таа борба? Точно е дека тоа треба да бидат избраните претставници на синдикатот, од оние базичните по училиштата, преку оние регионалните, па сѐ до Советот на СОНК и до самиот прв синдикалец Јаким Неделков и до избраните претставници - преговарачи во т.н. социјален дијалог со власта. Но, исто така е точно дека сите овие се многу малку без масовната поддршка на членството, без масовната физичка присутност, особено за време на протестите. Просветните работници мора да бидат поприсутни, значи похрабри и понеуплашени за храбро и гласно да ги бараат своите заслужени права. Наставниците мора да покажат масовност за да им покажат на работодавците, на надлежните државни органи и институции, како и на општеството во целост, дека никој не смее веќе да се потсмева и да се игра со неговото височество Учителот! Учителот има моќ, но ќе ја покаже само ако е обединет со илјадниците други учители, браќа по професија и браќа по маки и страданија. Учителот има моќ само обединет и здружен во заедничката борба за подобро утре!

Учителот мора да се исправи храбро пред државата и да бара од владата да ги исполни неговите и не толку големи барања: пристојна плата за пристоен живот! А пристојната плата е далеку од нашата реалност, од нашите реални потреби! Денешната просечна плата учителска е околу 300 евра или за 100 евра помалку од просечната плата на ниво на држава која изнесува околу 400 евра. Наспроти тоа, една месечна пазарна кошничка е не помалку од 500 евра! Чиста математика и логика според која на еден учител му недостасуваат минимум 200 евра за да го помине нормално месецот од први до први! Со оваа плата која денес ја има македонскиот учител, тој може да се закрпи само од први до втори (да ги плати давачките кон државата!), а од втори до први да мизерува, да прескокнува и ручек и вечера, чекајќи го новиот први, читај новиот петнаесетти во месецот! Ова е веќе доволен показател и аларм за да протестира секој загрозен и загрижен работник. А наставникот кој се воздржува со децении, еднаш мора да се крене, да се подисправи и да викне гласно: доста е веќе! Доста понижувања! Доста обесправеност! Не газете ми на достоинството! Доволно државата ми го урна угледот, нема да дозволиме да ни го згази до земја и достоинството! Ни треба минимум почит и минимум нормална плата за нормален живот! Време е сега да ја најавиме таа битка и да си го вратиме заслуженото кое ни го одзела државата! Време е, масовно, најмасовно, сите како еден, а нѐ има сите десетици илјади, да излеземе на најавениот протест во сабота на осми јуни, да ги поддржиме нашите синдикални претставници и преговарачи со владата; време е и да ги отрезниме и одважиме надлежните министерства и владини преговарачи за безусловно да ги решат најгорливите наши проблеми, да ги исполнат нашите многу реални и оправдани барања! Време е и пет до дваснаесет е одамна минат!

 Да живее нашата синдикална борба! Да живее просветниот работник, наставникот, учителот! За доброто на сите во општеството и за општествен просперитет на нашата држава Македонија!


Проф. Димче Донески,
претседател на СО СОНК Лескоец, Охрид

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе