За македонско-бугарските дебати, блатото и догмите

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

Историската комисија меѓу Бугарија и Македонија според својот формат и целите кои едната страна отворено си ги поставува е антинаучна. Очигледен факт. Бугарската страна користејќи ја својата политички доминантна позиција се обидува да ја наметне својата национална идеологија формулирана во времето на Тодор Живков и да ја принуди Македонија да ја воведе бугарската национална митологија во своите училишта. Сѐ знаеше однапред и сѐ што се случи во изминатите месеци тоа го потврди. Затоа и скандалот беше и е неизбежен. Немам намера во овој текст да ја коментирам работата на комисијата. Ме заинтересираа некои посвежи моменти во нешто што може и да се развие во дебата меѓу историчари од двете земји надвор и наспроти комисијата, нешто што многу одамна требаше да стане, но не стана....

 

Ги имам во предвид пред сѐ (но не само) текстовите на д-р Љубица Спасковска „Сите нации се модерни конструкти", објавени на МКД.мк на 1 август, одговорот на доцент Наум Кајчев, член на Комисијата, со наслов Дали сите нации се модерни конструкти? објавено на 24 август, како и статијата на Стефан Дечев на порталот Култура, со наслов „Политическият македонизъм и българската политика към Македония“, објавена на 19 септември. Еден македонски и двајца бугарски научници.

Средниот век меѓу национализација и денационализација

Текстот на колешката Спасковска заслужува сериозно внимание – таа елаборира нешто што на оние кои сериозно се бават со историја им е добро познато, меѓутоа истото останува надвор од вниманието како на образовните системи на Балканот, така и на љубителите на историјата овде, бојкотирано и дури саботирано до голема степен од историчарите-политичари и историчарите-националисти. Нациите се современи конструкти со неосновани претензии за древност; средновековната историја треба да се денационализира. Кајчев, познат националист и политички активист од круговите околу ВМРО-БНД се почувствувал доволно погоден од текстот на Спасковска и нашол за неопходно да ѝ одговори. И нема како да не го погоди. Имено таа, не се задржува само на општо-теоретски поставки, туку посочува, исто како и некои бугарски историчари, дека бугарските национални претензии спрема средновековната историја и обидите бугарската нација да се најде во вид на етнос во средниот век се меко кажано несериозни.

Спасковска кажува дека: „постоењето на „средновековен генеолошки идиом“ не значи дека постои логична, непроблематична врска помеѓу денешното поимање на нацијата и средновековието, како што посочуваат многу научници (на пример, Robert Bartlett, Sverrir Jakobsson). Имено, средновековните текстови често ги претставуваат само идеалите и менталитетот на многу мал дел од населението, односно владеачките елити. И во балканскиот контекст, средновековните држави се династички, почиваат на авторитетот на владетелот, но тие никако не се нации-држави. Американскиот професор Џон Ван Атверп Фајн оди и подалеку со тоа што тврди дека средновековието на Балканот не само што е пред-национална (pre-national) историска епоха, туку и пред-етничка (pre-ethnic). Како што посочува Пол Стивенсон во неговата студија Byzantium’s Balkan Frontier: A Political Study of the Northern Balkans, 900 – 1200, и покрај јазот кој постои помеѓу реториката и реалноста во византиските извори, не постојат индиции дека лојалноста кон локални владетели може да се толкува како некој тип повисока лојалност, а уште помалку како чувство на припадност кон некаков апстрактен ентитет како „нација“.

И тоа е сосема во согласност со изворите: во 14 в. управниците на бугарскиот цар се бореле или умирале според зачуваните поменици „за својот господар“, „за верата на својот господар“, „за Христовата вера“, не за Бугарија, ниту за бугарскиот народ, дури не и за бугарскиот цар....

Реакцијата на Кајчев на позицијата на Спасковска е како на секој националист-историчар: може сите нации да се модерни конструкти, освен мојата - мојата е древна, таа е природна, таа е етничка, а не политичка. Оваа песна ја пеат сите националисти-историчари. Забавно е да слушате од некои албански, босански и т.н. историчари, како се согласуваат дека сите останати балкански нации (во тој број и бугарската) се современи политички конструкти, но се разбира не и нивната.

Еластично име без постојана адреса

Кајчев како и повеќето бугарски историчари верува дека во средниот век постоел словенски бугарски етнос во Мизија Тракија и Македонија, каков што всушност воопшто не постоел. Ниту еден извор спротивно на верувањето на Кајчев нема забележано создавањето на таков народ во 9 – 10 в. Единствениот извор што го цитира тој (житието на св. Климент од Теофилакт Охридски) единствено покажува дека имено Византијците а не месното население во втората половина на 11 в. ги изедначуваат поимите „Бугари“ и „Словени“. Но за нив „Бугари“ и не е некоја етничка категорија. Самиот Теофилакт „Грк“ од Евбеја се декларира како Бугарин, а исто така многу јасно декларира дека за него „Бугари“ надвор од неговата архиепископија нема. Во тоа време во неа не влегуваат Тракија и најголемиот дел од Мизија. Т.е. во најголемиот дел од територијата на современа Бугарија според него нема „Бугари“. И не само според него. Во 11 и до пред крајот на 12 в. „Бугари“ во Мизија и Тракија не можат да се најдат. Ги има доста во цела денешна Србија, Косово, поголем дел од Албанија, Македонија и делови од Грција. Така мислат не само Теофилакт и други Ромеи од тоа време, но и крстоносците што поминуваат низ Балканот. Нема никаков релевантен доказ дека овие византиски „Вулгари“ самите себе си се именувале со тоа име. Нема и доказ дека луѓето во Тракија и Мизија во тој период себеси се нарекувале „Бугари“. Уште понепријатна е за бугарските националисти ситуацијата во 13 и 14 в., кога царевите и патријарсите на Второто бугарско царство ги третирале земјата и населението во Тракија и Македонија како „Грчка земја“ и „Грци“, додека според нив „сите Бугари“ живееле во Мизија, која и се јавува за нив „Бугарија“. Забуната и местењето на поимот во времето и просторот биле толку драстични и неспоиви што Никифор Грегора ќе заклучи дека „Бугарите“ прво живееле во Македонија, а потоа Василиј ги преселил во денешна северна Бугарија, додека името останало за Охридската архиепископија само како особен спомен.

Обидите преку комбинирање податоци од средновековни држави, институции и традиции кои го употребувале на различни начини поимот „Бугари“ да се конструира некаков единствен бугарски „етнос“ во средниот век и преку него да се создаде континуитет до денешен ден и до бугарската нација е класичен ретроспективен национализам за кој зборува и колешката Спасковска. Тоа што при своето појавување во 19 в. бугарскиот национализам избра едно славно историско име (како постапија и сите други балкански национализми) не значи дека креираната од него нација поради тоа има право врз појавите кои го носеле името Бугари(ја) во минатото и дека е поврзана со нив. Не многу повеќе од Ромите со Ромеите, Рим и Pax Romana. Нека сепак не забораваме дека првата бугарска држава на Балканот беше создадена од турко-монголски номадски народ (колку и да сакаат некои бугарски колеги да го направат ирански или арјијски) а втората од Власи и Кумани. Популации со кои современата бугарска нација нема скоро никаква врска.

Бугарските царства во средниот век биле имено тоа – царства, империи, кои се изградувале споредувајќи се со единствениот постоен урнек – Византија. Затоа се по дефиниција универзални, над-етнички и де факто мултиетнички држави. Имено таквите формации се именуваат со поимот Бугарија, а жителите потчинети на нејзиниот владетел во соодветниот момент – „Бугари“. Станува збор за политоним а не етноним. Политонимот Бугари во 10 – 14 в. не е повеќе етнички од политонимот Ромеи. Бугарските, ромејската како и други слични традиции се јавуваат општо историско наследство не само на Македонија, Бугарија и Грција, туку и на Србија, Романија, Албанија и т.н. Бугарскиот дел од комисијата се обидува тоа општо-балканско минато да го национализира (или да го искористам омилениот во Бугарија термин – да го украде), затоа и не е чудно што Кајчев реагира остро на повикот на Спасковска за денационализација на средновековната историја.

Во својот обид да ги оспори аргументите на Спасковска, Кајчев игнорирал прости но убиствени за неговата теза факти како отсуство на етаблиран мит за потеклото на тој „бугарски народ“, отсуството дури и на сопствена пишана бугарска историја во средниот век, отсуството на „митомотор“, на елита пренесувач на наводна традиција, дури и на некакво единствено разбирање што е тоа „Бугари“ и Бугарија во средниот век.

Всушност овие моменти можат лесно да се забележат ако се обидеме да одговориме на две меѓусебно поврзани прашања а имено кои и што се „Бугарите“ според средновековните автори и какви луѓе сами себе си се нарекле Бугари. Второто прашање е полесно зашто луѓето кои директно или индиректно но доволно јасно се имаат наречено или асоциирано со овој поим се исклучително малку. Меѓу нив наоѓаме по еден „прабугарин“, “Грк“, “Ерменец“ и “Влав“. Словен не наоѓаме. Од друга страна ако провериме кои популации се именувани „Бугари“, ќе најдеме: „Епиротите наречени Бугари“, „Куманите наречени Бугари“, „Хуни наречени Бугари“, „словенските народи/Словените наречени Бугари“. Надвор од тоа „народите“ со кои се асоциирани „Бугарите“ во средниот век вклучуваат Авари, Котраги, Хазари. Што за етнос е тоа?! Притоа останува отворено прашањето колку воопшто таквите претстави постоеле надвор од соодветните малубројни елити, доколку биле трансферирани низ генерациите и доколку надворешното именување кореспондирало со сопственото. Треба дури да се потцрта дека во средниот век не може сосема коректно да се зборува во еднина за бугарска држава, царство, црква, традиција – зашто се во прашање повеќе такви, различни меѓу себе, некои од кои постоеле паралелно и меѓусебно се негирале, како што е случајот со архиепископите „на цела Бугарија“ наспроти патријарсите „на цела Бугарија“ и „на сите Бугари“.

Кајчев попусто наоѓа утеха во употребата од современи медиевисти на категории како Бугари, Срби, бугарски, српски и т.н. народ и сл. за во средниот век. Оставајќи настрана што во некои случаи тоа може да е инерција од литературата создадена во времето кога примордиализмот доминираше во науката, но во многу случаи тоа не е ништо повеќе од употреба во смисла на луѓето, народот на соодветната држава, а не етничко „тело“ со своја самосвест. Т.е. поново политоним. Исто така е важно да се каже што таквата употреба на современи етноними за во средниот век е критикувана во науката, затоа што ги воведува во заблуда читателите (како што очигледно е случај и со Кајчев) дека современите нации постоеле како народи во Средниот век. За тоа заслужува да се прочита коментарот по тоа прашање на John Fine во When ethnicity did not matter in the Balkans.

Не(с)биднатото заедништво

Кајчев не е медиевист и не е чудно што овие работи му се непознати. Но тој се обидува да пласира слични изветвени идеологеми и за поново време: „за времето пред Балканските војни, немаше дилема за сите европски дипломати дека мнозинството од словенското население во Македонија е бугарско по карактер. Да се бараат вакви извештаи за периодот пред 1913 година би било како да се бараат игли во куп сено, при што „иглите" би биле некаков показател за македонизам и куповите сено се за заедничкото име на христијанското словенско население на Македонија, Одринскиот вилает и на Кнежество Бугарија. Затоа што нашите заеднички преродбеници, како Димитар и Константин Миладиновци, Кузман Шапкарев и Григор Прличев, се всушност класични скорнувачи („awakeners“) кои веќе завршиле значителна работа во градењето на современата бугарска нација.“

Овде имаме и замена на тези и неточни тврдења. Од една страна се извештаите на дипломатите, за кои била важна политичката реалност и лојалност, а не политички ирелевантни сентименти кај населението, и затоа разбирливо ги третирале луѓето во Македонија во зависност од тоа под која пропаганда и национална институција се имаат најдено во одреден момент независно од постојаните промени во таа насока (види подолу). Меѓутоа тоа на некој начин се подменува со тврдењето дека овие извештаи се одраз на национална самосвест на населението, што пак било наводна последица од дејноста на одредени преродбеници. Сноп од невистини и полувистини. Ниту дејноста на овие преродбеници имала некаков сериозен ефект врз населението, ниту пак населението имало некаква општа и цврста бугарска (или друга) национална или етничка самосвест уште помалку „карактер“, а ниту извештаите на дипломатите се одраз на самосвеста на населението.

Дали „Бугари“ било навистина национално име за населението во Македонија во крајот на 19 век? Многу често – не. Какво било нивото на национална и конкретно на бугарска национална свест во Македонија? Ќе се повикам за тоа на бугарски авторитет и познавач на состојбите во Македонија како Атанас Шопов – главен секретар на егзархијата а подоцна бугарски конзул во Солун и запален бугарски националист, кого не можеме да го обвиниме во недостиг на желба да ги претстави и третира луѓето во Македонија како Бугари без разлика дали тие го сакаат тоа или не. Во 1881 г. тој ќе го нарече „факт“ тоа што „до пред последната Руско-Турска војна (т.е. до 1876 б. СС) кај македонските Бугари, скоро и отсуствуваше народносна самосвест и главна улога играше верата, која беше во исто време и народност за Македонците“.

Малку подоцна во 1885 г. веќе станат главен секретар на Егзархијата Атанас Шопов ќе изнесе серија значајни констатации: „Македонските Бугари во повеќето делови на Македонија сѐ уште се во почетокот на својот национален развој, на својата самосвест“; „Поголем дел од Македонците спијат, не се грижат, немаат поим од народност и бугарштина”; водачите на населението во Македонија „кажуваат пред светот, дека во Македонија нема Бугари, дека македонското население не сака бугарски владици и т.н.; тие исти претставници се кои не дозволуваат да се отвораат бугарски училишта во селата, да се учат и молат на бугарски... викаат пред светот, дека во Македонија нема Бугари“; „Треба претходно да ги припремиме Бугарите, треба да родиме во нив народносна самосвесност („народностна самосъзнателност“)“

 

Шопов е убеден дека: „Ако денес владата (турската б. СС) преземе пописи на сите македонски епархии за да реши какви владици да испрати, грчки или бугарски, ние се плашиме, дека повеќето од македонските епархии ќе се најдат со грчко мнозинство или пак со мнозинство кое не сака да ја признава Егзархијата за свое духовно началство“; „... да предизвикаме конечно политичко решение на македонското прашање ... е опасно зашто Македонија ќе потпадне под туѓо владеење. А штом тоа стане поголемиот дел од македонските Бугари за само неколку години ќе ја изгубат и без тоа слабата свест за својата народност“.

Но исто така и дека „Македонија пак ќе биде изгубена за нас, ако ние ја оставиме сама да се бори, сама да се буди и развива.“

20 години подоцна друг одличен познавач на состојбите на теренот - лорд Хенри Ноел Брејлсфорд ќе потврди: „Словените во европска Турција сѐ уште немаат високо развиена национална свест, а и онаа малку што ја поседуваат, е скорешна.“ Тоа е после 20 години поплава од национални пропаганди чии училишта стигнале до неколку илјади! Тие очигледно останале прилично неефективни во национализирањето душите на луѓето во Македонија.

Констатациите на Шопов и Брејслфорд, двајца исклучително добро запознаени современици можат да се потврдат со планина од документи.

Но да ја оставиме таа планина и да ја разгледаме „купата сено“ со употреба на бугарско име за која зборува Кајчев. Наоѓаме две основни врсти од тоа сено. Прво - традиционална употреба на зборот Бугарин во некои делови на Македонија во смисла на селанец, спротивно на Грк - граѓанин. Да му дадам пак збор на Шопов, кој во книгата од своите патувања низ Македонија во 1887 и 1891 многу добро ја опишува таа употреба на зборот: „Смислата на зборовите Грк и граѓанин е еден и ист “; „Бугарин значело селанец. И денес уште во Битолско со зборот булгар разбираат селанец, па бил тој Турчин, Влав или Грк“. Тој наведува серија слични набљудувања од Мелчничко и Серско. Шопов не е единствен во таа констатација – од српска страна имаме слични набљудувања.

Тоа е народната употреба на зборот во Македонија и таа воопшто не била национална.

Потоа доаѓа конфесионалната и институционална – преку Егзархијата, која сите свои припадници по автоматизам ги третира како Бугари (во формуларите на оваа институција народноста е претходно напечатена како бугарска а не се впишува на рака). Меѓутоа во реалност припадноста кон Егзархијата обично нема ништо општо со националната свест на луѓето. Истиот Шопов тоа многу подробно го опишува во 1885: „многу и многу примери имаме, дека Бугарите во Македонија и Одринско се откажувале од грчкиот владика и признавале Егзархијата со само еден услов – дека нема да плаќаат ништо. Тоа е горчлив вистинит факт…“; „Имаме многу и многу примери кога Бугарите го бркале грчкиот учител и учителка поради единствената причина што им се предлага бесплатно бугарски. Пробајте меѓутоа да ги поканите сами да го издржуваат бугарскиот учител и ќе видите, дека ќе покажат спремност да го примат поново грчкиот зашто е без пари”.

Заради вклучувањето во Егзархијата што не било национално мотивирано луѓето биле третирани како Булгар милет, како што и оние кои останале под патријаршијата ги броеле за Рум милет, па соодветно или поточно несоодветно биле етикетирани како Бугари или Грци. Меѓутоа изборот меѓу едно од двете добра (или зла) не зависело од непостоечката кај мнозинството етничка самосвест. Селаните во сиромашка Македонија во неволјата на тешката економска криза оделе таму каде им предлагале подобри услови (бесплатно школо, учител, црква и т.н.). За тоа зборува и Брејслфорд – „Селата си ја менуваа приврзаноста од грчката кон бугарската црква двапати или трипати годишно.“ Овој однос ги доведува до очај Бугарите па тие во времето на Стефан Стамболов ги викале Македонците ќемидадешковци поради фразата „ќе ми дадеш пари ќе се чинам Бугарин“. Бугарски политичари и општественици од крајот на 19 в. (во тој ред и К’нчов) биле многу свесни дека треба да ја побугаруваат Македонија. Бугарскиот премиер Стоилов уште во 1883 г. ќе напише дека „се ќе зависи од тоа, кој ќе биде побрзо на местото и со кого ќе биде населението... А самото население во Македонија.. се разбира, дека е готово да отиде таму каде надежта за една поподнослива иднина му изгледа најблиска и најостварлива...“ Методите користени од бугарската а и од другите пропаганди вклучувале каде што е можно и закана и уцена и поткупување. Како што огорчено ќе констатира Петар Попарсов во 1894 г. „Егзархијата дава пари и купува ветер, зашто: народност со пари не се купува...“.

Ништо од сонот на Кајчев за некаква изградена општа бугарска национална свест и национален карактер кај населението.

Се разбира кој има институции има и многу документи – тие се фабрики за документи. Затоа и Кајчев може да се повика на купови сено, но тоа негово сено не вреди како што гледаме и колку мувлосана слама и како што обично се случува - квантитетот не е квалитет. Бугарските националисти подржани од некои големи сили добиваат институции (и егзархијата и државата Бугарија не би можеле да се создадат без активното заземање на некои големи сили во прв ред Русија) додека македонските не влегуваат во плановите на никоја Голема сила. Затоа и очекувано ќе најдете повеќе документи кои да зборуваат за бугарска припадност и многу помалку за македонска. Тоа меѓутоа не е објективен одраз на реалната состојба или наклонетост на луѓето на терен.

Всушност чудо е што воопшто имаме документи за македонска свест кога нема македонски институции ниту некој заинтересиран истите да ги создава или чува!

Забележително е што наспроти отсуство на институции кои да го продуцираат сепак кај населението во Македонија во 19 в. се набљудува силна раширеност на самоименување како Македонци нешто што секако заслужува посериозно истражување. Во многу случаи тоа е регионално, но дали во сите и дури во мнозинството? Добро е познато дека националната интерпретација на името Македонец е веќе раширена во 1860 – 1870-те, познато како движење на македонистите. Таа идеја според Славејков „многумина сакаат да ја спроведат во живот“. Но јас нема да зборувам овде за тоа, зашто Кајчев и оние што мислат како него ќе ги идентификуваат овие случаи како игли во купа сено. Затоа заслужуваат поголемо внимание документите од американските емигрантски власти – зашто покажуваат дека кај многумина и тоа обични луѓе од Македонија во крајот на 19 и почетокот на 20 в. националната самоидентификација како Македонец е веќе доволно искристализирана, а исто и именувањето на својот јазик како македонски. Тоа е она фаза Б за која зборува Хобсбаум кога националната свест од интелектуалната елита навлегува кај обичните луѓе и тоа во Македонија веќе се случува пред Балканските војни независно од огромниот притисок на пропагандите.

Не после поделбата на Македонија – туку претходно е поставена пошироката основа на македонската нација, макар процесот сеуште да бил далеку од завршен и да постоеле повеќе алтернативи.

Брејлсфорд е исклучително прецизен, дека околу 1903 г. луѓето во Македонија: „Немаат страст за нивната националност, туку за нивната земја. .... Нација на селани што тргнува со вакви конзервативни одлики, бргу ќе развие вистински локален патриотизам. И ова фактички, се случило, наспроти спротивставените околности. Нивните балади за бунт во кои зборот „Македонија“ се јавува во секој рефрен, докажуваат дека тие веќе имаат татковина... “. Имаат страст за нивната земја, за Македонија – немаат страст за националностите кои им ги наметнувале – бугарска, српска и грчка, а очигледно – ниту за Бугарија. Идентификацијата со Македонија станува примарна и емоционална, додека идентификации како Бугарин, Србин и Грк – почесто – не! Сосема спротивно со она во кое сака да верува Кајчев.

Жонглирање со идентитети и политички опции

И тука доаѓаме до друг голем проблем. Луѓето во Македонија во крајот на 19 и почетокот на 20 в. знаеле дека турското владеење се ближи кон својот крај. Меѓутоа тие ни најмалку не биле сигурни што ќе ја замени таа власт, а ниту пак имале полна слобода да бираат опција која искрено ја сакаат. Тие се исправени пред мноштво спротивставени и конкурентни национални опции и полички варијанти за иднината, кон кои може и да немале „страст“ но бракот со кои и не барал љубов, тој би можел да биде и по сметка. Цврстата определба за само една од овие можности се јавува сериозен ризик при победа на друга. Затоа се појавува нешто на кое исто не му е обратено доволно внимание – повеќе-варијантни идентитети или жонглирање со неколку идентитети. Народот дури си имал изработено филозофија за тоа: „Човек мора да знае од каде дува ветерот“, да им ја наведам изреката“ (Брејлсфорд). Во ВМОРО ќе биде популарна изреката „и со ѓаволот ортак станувам само да го минам мостот“. Интересно е дека овој „ѓавол“ во некои случаи е директно идентификуван со бугарската влада, додека поминувањето по мостот секој пат подразбира автономна Македонија.

Така што – да, несомнено, кај дел од елитата во Македонија во крајот на 19 и почетокот на 20 в. се забележува бугарска (или српска, грчка ...) идентификација – што и не е чудно во предвид на навалата на бугарски училишта кои стигнале околу илјада. Кај не-занемарлив дел од нив таа е искрена и изгледа цврста. Но кај мнозина тоа е само една од идентификациите со кои тие ракувале. И се разбира дека од овие паралелни идентитети кај дел од овие луѓе имено бугарската (српската, грчката....) е подобро зачувана во документацијата зашто имало пред кого и зашто да ја истакнуваат, како и кој да ја запише и сочува, додека со македонската воопшто не било така, таа била непожелна за соодветните национални институции и ако е зачувана некаде тоа е само случајно.

 

Сепак заслужува да се замислиме и над прашањето при таква калкулирана поливалентна свест кај добар дел од елитата во Македонија во крајот на 19 и почетокот на 20 в. – дали и кој од овие идентитети бил примарен? Имало ли најприфатливата и посакувана опција од мнозинството дејци, кога би можеле слободно да бираат. Одговорот барем за тоа изгледа релативно сигурен – најпосакувана била слободна Македонија разбрана како посебна држава. Во преференциите македонската држава е на прво место, а сите други опции се комбинираат со условот „цела“. Присоединување кон Бугарија било план Б (и тоа не за сите), но само доколку Македонија притоа остане цела и доколку автономна Македонија е невозможна. За интимните настроенија кај луѓето во Македонија ни зборуваат исто така и имигрантските документи во САД – овие иселеници таму бирале без притисок и без сметка - и гледаме дека многумина избираат Македонија и Македонци, во време кога ниту има таква држава, ниту таква оформена област. Следниот пример забележан во дневникот на Ефтим Спространов тоа исто го илустрира. Спространов предава свој разговор со Крсте Мисирков на 13 ноември 1903 г. во Софија во кој Мисирков му предлага да се работи за посебна македонска црква, јазик и нација и исфрлање на пропагандите. Спространов му рекол: „Веруваш ли ти, дека полесно ќе ја добиеме политичката слобода на начин, по кој кажуваш, т. е. со национален сепаратизам?“ – Мисирков одговорил дека верува. „Добро, заповедувај, немам ништо против, да дојдам да се придружам до таа цел, та по кој пат, исто е“. Гледаме дека овој интелектуалец е готов да се раздели без никакво двоумење од секаква бугарска национална свест во името на слободата на Македонија.

Факт е дека во тоа време османлиските власти стравувале од името Македонија и Македонци и ги забранувале за употреба од администрацијата. Како што покажа колегата Ванчо Ѓорѓиев, Турците стигнале до таму дури да ги цензурираат протестантските преводи на Библијата и да бараат „Македонија“ и „Македонци“ во нив да нема. Не е познато да имале било какви проблеми со поимите Бугари, Срби или Грци.

Обидите да се третира поимот Бугарин како национален, поимот Македонец – како географски, стремежот кон создавање македонска држава - како маневар или само политичка опција поради невозможност да се присоединат кон Бугарија тешко дека има нешто научно во себе. Тие поскоро робуваат на претходни тези и идеолошки мотивирани желби да се докаже дека сме биле една нација и тоа бугарска, нешто што потоа ние Македонците сме го изневериле.

За македонскиот политички национализам

Тука заслужува да се обрати внимание и на спомнатиот текст на Стефан Дечев. Во него тој цитира мноштво позиции на Централистите во ВМРО и нивните приврзаници, како и на нивни претходници во кои се аргументира позицијата за посебна македонска држава на т. нар. „македонски сепаратизам“, кои Дечев ги интерпретира како наднационален неетнички политички македонизам, кој постоел пред 1912 г.

Јас исто сум пишувал на оваа тема – во една статија од 2008 г. („Македонија како татковина и националните колебања на Мисирков“). За што станува збор? Во 1880 – 1912 се има оформено и станува дури доминантно едно разбирање според кое „Македонците“ без разлика како се дефинираат (поретко етнички, почесто мултиетнички) претставуваат „народ“, кој има свои, општи за нив интереси, различни од оние на Бугарија, Грција или Србија. Тие интереси се изразуваат и реализираат преку своја држава – Македонија. Македонците можат, имаат потреба и право на тоа, што ги дефинира како државотворен народ (т.е. на практика – нација). Македонскиот народ си има своја татковина и тоа е имено Македонија. Претворањето на таа татковина во држава се разбира како „ослободување“. Македонија поседува карактеристиките природна целовитост и соодветно неделивост (што ја прави национална татковина, а не географска област). Нејзината целост подеднакво со нејзиното ослободување и претворање во држава се јавуваат првостепен интерес на Македонците. Односот спрема неа е силно емоционален до степен на религиска егзалтација: Македонија е „мајка“ – Македонците се „синови“; таа е „света“, на нејзиниот олтар борците си ги жртвуваат животите, за неа тие живеат и умираат.

За многу од ова зборува и Дечев, нарекувајќи го „наднационален политички македонизам“. Терминот меѓутоа не е соодветен – и тоа е мојата прва забелешка. Во прашање е македонски политички национализам. За појаснување на читателите нациите и национализмите грубо се делат во две групи – политички и етнички. Разликата е во начинот на кој тие сами себе се дефинираат. Политичките се дефинираат преку општиот интерес и волја на населението (такви се Француска, Американска, Швајцарска и сл.), додека етничките – преку општо митско минато и(ли) културни особини (овој тип е карактерен за просторот од Германија на исток). Но и двата варијанти имаат иста цел – создавање национална држава. Всушност начините преку кои национализмите се аргументираат не се од првостепено значење – основното е постоење на идеја за посебност, свој интерес и потреба по своја држава. Тоа ги прави Македонците нација во создавање во крајот на 19 и почетокот на 20 в. при што изгледа „подземната република“ и „држава во држава“ ВМРО игра улога на национална институција, на национална пред-држава. Тоа што немалку од интелектуалците и раководителите на ВМРО сметале дека овој државотворен „македонски народ“ се состои од повеќе националности или народности како Бугари, Срби, Грци и др. во случајот нема толку големо значење. И не само зашто, како што видовме, тоа се новораширени идеи без подлабоки корени, донесени од пропагандите кои и не го имаат опфатено мнозинството од населението. Многу поважно е што - ВМРО си поставува јасната цел истите овие идентификации да ги обезвредни, да ги денационализира, да им ја одземе важноста и да ги надмине во името на својата основна цел: „да ги сплоти во едно цело без разлика на народност сите незадоволни елементи“ со цел „извојување полна политичка автономија“ (ТМОРО, Устав, чл. 1 и слично ВМРО Устав, чл. 1). Во својот Устав од 1905 г. ВМОРО дополнува: „Чл.2 – Организацијата се спротивставува на стремежите за делење и завојување на тие области од било која држава. Чл. 3 За постигнување на оваа цел Организацијата се бори за премавнување на шовинистичките пропаганди и национални кавги, кои го цепат и оставаат без сила населението во неговата борба против општиот враг.“

Имајќи во предвид дека суштински дел од национализмот и нацијата е тоа што идентитетот се јавува генератор и мотиватор за политичка лојалност, активност и емоционална обврзаност во создавање и одржување своја национална држава, тоа реално значи дека свесно или не ВМОРО си поставува за цел денационализација на детерминантите Бугари, Срби и Грци за сметка на национално осмислување и емоционално натоварување на поимот Македонци (и Одринци, макар последното да се покажало без перспектива и да фигурира во документацијата повеќе формално). Имено тоа што се Македонци е она поради кое луѓето во Македонија дејствуваат, тие се лојални на идејата за македонска држава, тоа е нивниот интерес, тука е нивната емоционална обврзаност. Спротивно, тоа што некој се смета за Бугарин, Србин или Грк, не треба и дури не смее да води до политичка лојалност и активност во корист на соодветните нации, држави, политики и доктрини. Во таква смисла спротивставувањето на поими како „етнички Македонци“ наспроти „политички Македонци“ или „етнички Бугари“ изгледа премногу шпекулативно и дури тенденциозно. Ова е мојата втора главна забелешка во врска со овој текст.

Што му е етничкото на етничкото

Што треба да значи „етнички“, кога зборуваме за едни и исти луѓе кои во зависност во која пропаганда се нашле во соодветниот момент дознаваат во училиште дека е „научна вистина“ дека се тие такви или онакви? Самоопределбата ли, која очигледно е менлива категорија, кога се во прашање пропагандите и нивните институции, или самосвеста, која кај мнозинството останува индиферентна, а кај друг дел – релативна и склона кон промени? Или е можеби народната култура. Но како што веќе Брејлсфорд ни сведочи Македонците немајќи страст кон националноста имаат кон својата земја и нејзиното име Македонија се појавува во рефренот на секоја нивна балада за бунт! Бугарија ја нема во македонските песни ниту во преднационалниот период ниту во времето на ВМРО! Така на местото на претходната фолклорна основа од времето на преродбата во која нема национална самоидентификација, нема самоидентификација со поим Бугари, самиот поим е редок исклучок (притоа изгледа неетнички), додека поим „Бугарија“ воопшто отсуствува – доаѓа нов период во кој се појавува идентификација на пејачите со поимот Македонија и Македонци. Не еволуција од Бугари кон Македонци, како што би требало да очекуваме ако нудените од Дечев шеми се точни. Изгледа поимот „Бугари“ како самоидентификација така и не успева да пробие подолу од елитите и во секој случај не успева да стигне до срцето, до емоциите на пошироката популација, тој доаѓа од високо и таму некаде заглавува. За разлика од „Македонија“ и „Македонец“.

Затоа останува загатка за каква бугарска етничка самосвест може да зборуваме особено кога е во прашање народот, а не елитата, кога во фолклорот навлегува масовно имено идентификацијата Македонец, а не Бугарин, кога емигрантите во САД се декларираат Македонци. Дури и за некои припадници на новоформираната елита во Македонија, за кои идентификации со поими како Бугарин, Грк или Србин можеле да бидат „научна вистина“ со која не може да се спори, сепак доволно многу од нив не дозволиле истата да стигне и до нивното срце и да ја мотивира нивната борба, ниту да се претвори во единствена опција. „Простиот“ народ го немал тој проблем – за него сѐ е попросто: тие се Македонци кои се борат за нивната Македонија без некои длабоки анализи и сложени дефиниции. Затоа не треба да забораваме дека категории како „етнички Бугари“ или „етничка бугарска самосвест“ (и останатите слични) за оној период се јавуваат релативни, и носат сериозен ризик да префрлиме современи сентименти и желби назад во времето. Во некои случаи дури е поточно да зборуваме за соодветна „партија“ и партиска припадност и определеност, отколку за етничка самосвест.

Прави впечаток дека постои едно „пренатегање“ и преувеличување важноста на етикетата Бугарин од страна на бугарските историчари и вложување во неа повеќе важност отколку повеќето од носителите воопшто ѝ давале, т.е. истиот грев во кој понекогаш ги обвинуваат своите македонски колеги кога го интерпретираат терминот Македонец. Можеби треба и двете страни да „олабават“.

Маглите на живковизмот и лажни компромиси

Колку настрана од националните славопојки на Кајчев и неговите колеги во комисијата се покажува реалноста во Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 в. Но тој се труди да ни продава и уште од маглата кодифицирана од како што се наметнува главниот национален идеолог на Бугарија (барем по македонското прашање) – Тодор Живков. Така според Кајчев, точно како иза Тодор Живкво во 1963 г. „времето на Втората светска војна, а особено нејзиниот исход, довело до трајно раздвојување на државно-политичката и националната судбина на вардарските/југословенските Македонци од Бугарија“. Претходно очигледно за Кајчев тие се поврзани во заедничка политичка и национална судбина. И забележете – разделбата е само меѓу Бугарија и вардарските Македонци, не со егејските, со оние во Албанија, со .... Го нема овде дури и оној понуден под притисок на фактите компромис кај некои бугарски историчари дека тоа наводно издвојување се случило во Првата светска војна.

Но и тој компромис нуден од малцинството либерални и без политичка тежина бугарски научници исто не стигнува многу далеку и сам по себе не заслужува пофалба. Не дека нема за што да бидат фалени неговите носители, зашто дури и тоа што го бранат бара доста граѓанска храброст во Бугарија и лесно води кон нивно етикетирање како национални предавници. Меѓутоа и компромисот што се нуди по таа линија е фиктивен. Во дебатата меѓу националисти и либерали по македонското прашање во Бугарија по некоја причина и двете групи не излегуваат од основните рамки заложени во времето на Тодор Живков, ниту од основните цели и мотиви кои стоеле зад живковистичките „догмати“. А тоа е дека од една страна македонската нација треба да е со бугарски корени а од друга да нема никаква можност во процесот на формирање на македонската нација да е опфатена Пиринска Македонија или преселниците од Македонија во Бугарија – да нема и да не може да има македонско малцинство во Бугарија. Затоа гледаме дека спорот во Бугарија се сведува до тоа – дали македонската нација започнува да се формира после Првата или после Втората светска војна, додека имаме целосна согласност дека истиот не можел да започне во никој случај и по никоја цена порано, кога Македонија не била поделена - тогаш Македонците задолжително треба да биле Бугари. Ниту пак може да се протега надвор од Вардарска Македонија. Така и македонско малцинство во Бугарија не може да има, напротив, како што ќе декларира Дечев во еден своја статија ( „Да се остави историята на историците, но на кои?“), во стил толку близок до оној од времето на национал-куомунизмот во Бугарија: „за разлика од Вардарска Македонија… населението во Пиринска Македонија е цврсто и непоколебливо во бугарскиот идентитет“.

Се создава мачен впечаток дека зад тоа единство се крие силна емоционална мотивација, слична на онаа некогаш истакната и од Тодор Живков како аргумент за промена на позицијата по македонското прашање, дека половината членови на бугарското политбиро се Македонци. Како за дел од многубројните потомци од македонски емигранти и бегалци во Бугарија како и од населението во Пиринска Македонија, кои се самоопределиле за бугарската национална опција (пред 1912, потоа, или некои дури и после 1963) да изгледа застрашувачко ако македонската нација се развила претходно уште во 19 в. и можноста двете нации да не биле во една оформена и завршена заедница во минатото. Како да се плашат дека тоа може да ги постави во позиција на национални предавници. Да се прифати дека тие се наследници на вистинската, постара и правилна опција од која Вардарци се изметнале, да се негира дека на било кој начин е можно да има македонски идентитет во Бугарија – тоа како да се јавува заштитен инстинкт. Во рамките на образованието што го добиле во бугарските училишта – тоа навистина би можело да се доживее како проблем за многумина од тие луѓе. А не би требало, зашто ништо од тоа што го напишав до овде, ниту фактот на постоење на македонско малцинство и идентитет во Бугарија, на македонска нација пред 1912 г., на никој начин ниту ја обезвреднува нивната самоопределба, ниту го поставува под прашање нивното самосознание, ниту го омаловажува и потценува изборот направен од нивните предци во споредба со изборот направен од моите и на многу други Македонци.

Цинично братство и пријателство

Но тој максимален „компромис“ се разбира нема и да биде понуден во комисијата, тој е за зор-заман, ако ептен заглави работата. Затоа и се заглавува за Гоце Делчев но и за средниот век, а не помалку ќе се заглави и за македонското малцинство во Бугарија. Та нели бугарската влада веќе јасно декларираше преку министрите Захариева и Каракачанов, дека со договорот со Македонија прашањето за тоа малцинство се затвара.

Во комисијата, како што добро тоа го демонстрира Кајчев бугарските научници размислуваат како политичари и националисти а не како историчари. Не е јасно доколку тој самиот е свесен за тоа, но истото е јасно изразено особено на крајот на неговиот текст: „Според мене, одговорност е не само на историчарите, туку и на интелектуалните и општествените елити на нашите две земји, со почит и коректност да се однесуваме кон историските извори кои јасно ги истакнуваат елементите на нашата заедничка историја. Ова сосема не ја елиминира потребата, сите граѓани да направиме напори да го разбереме нашето минато, а не да го менуваме од денешен аспект. На овој начин ќе му помогнеме на европскиот пат на Република Северна Македонија, но и навистина ќе придонесеме за надминување на длабоките проблеми со кои таа постојано внатрешно се соочува.“ Пораката е многу јасна – на Македонија може да ѝ се „помогне“ по патот кон Европа и да ѝ се решат длабоките „внатрешни“ проблеми ако со „почит“ се однесуваме кон историските извори кои јасно ја истакнуваат „нашата заедничка историја“ (но очигледно не и кон оние кои јасно ја истакнуваат нашата различна историја). Прикриена но доволно јасна закана и уцена не само спрема историчарите во Македонија, но воопшто кон интелектуалната и општествена елита во Македонија. И голема дрскост. Македонија нема длабоки внатрешни проблеми поврзани со историјата и националниот идентитет, ниту пак проблеми во евроинтеграцијата, кои се поврзани со историјата, туку Бугарија и Грција истите вештачки и однадвор ѝ ги создаваат и наметнуваат злоупотребувајќи ја својата позиција на членки на ЕУ и моментната геополитичка ситуација. Тоа што бугарската страна се обидува уцената да ја продаде како „помош“, а беспринципиелното условување како поддршка е цинизам. Бугарија нема што да помага за евроинтеграцијата – доволно е да престане да пречи и да си спомни дека ја должи оваа услуга, што Македонија веќе порано во 1998 – 2006 и ја направи.

За жал од бугарска страна многумина продолжуваат да си веруваат дека ако имаше кој да им ја даде Македонија тоа ќе доведеше до целосно наложување на бугарската свест среде Македонците и македонско прашање немаше да постои, зашто нели Македонците отсекогаш според нив би требало да биле Бугари. Во бугарските школски учебници дури догматски е заменето научно прифатениот термин „Македонско прашање“ со „бугарско национално прашање“. Таквите сметаат дека е нивен долг да продолжат да работат да ја вратат „природната состојба“. Но тоа нивно верување е едноставно невистина. И Србите верувале дека Македонците имаат флуидна свест или немаат никаква свест па кој ги земе ќе ги направи какви што сака – само што ништо од тоа не им се оствари после 1913, затоа што темелите на македонската свест беа веќе доволно силно заложени претходно. Слично ќе беше и со Бугарија како што се гледа од тоа што и до денес Софија не успева да ја скроти до крај македонската самосвест на своја територија и дека сеуште во нејзини граници има македонско малцинство 107 години после Балканските војни. Бугарските национални идеолози имаат паднато во најсериозната грешка – да поверуваат во сопствената пропаганда.

 

Политиката и идеологијата навистина треба да ја напуштат историската наука и да се остави таа на историчарите. Добро би било да тргне дебата надвор од Комисијата и слободно од политичките притисоци. Дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики. Премногу долго историчарите од двете земји се гледаат како непријатели на фронтот закопани во своите ровови. Но засега и покрај некои најави таква сѐ уште не успеа да започне. Затоа ќе преговараат и решаваат за историјата... политичарите.

Стојко Стојков

(Aвторот е вонреден професор д-р на историските науки во УГД - Штип, копретседател на ОМО „Илинден“-ПИРИН и заменик главен уредник на весник „Народна волја“)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе