За македонцко-бугарските работи

Ние од Достоинство, ја разбираме потребата од дипломатски одговори на Денко Малески, но сепак не се согласуваме со него.

По повод реакциите кои се појавија околу интервјуто на г-динот Денко Малески дадено за една бугарска телевизија, aпелираме до македонските граѓани, посебно Македонците, да покажат малку повеќе национална самодоверба. Неспорно е дека ние сме Македонци од северниот, вардарски дел на Македонија, кои зборуваат и пеат на македонски јазик, слушаат македонски песни и имаат посебен македонски идентитет, па дури и табиет.

За потврда на овој непобитен факт нам нѐ ни се потребни никакви документи ниту договори, но сепак, ги имаме и нив. Меѓу другите, и со договорот од Преспа е утврдено дека во нашата држава, Република Северна Македонија, држава која е призната од целиот свет, живеат Македонци кои зборуваат на македонски јазик.

Кога будно ќе се ислуша целото интервју на г-динот Денко Малески кое патем трае околу 17 минути, се добива малку поинаква перцепција отколку онаа која се добива кога се слушаат само неколкуте негови реченици кои одвоени од целината, како две минутна изјава, висат, одвоени од нивното целокупно значење.

Земено во целина, ние од Достоинство, ја разбираме потребата од неговите дипломатски одговори, но сепак не се согласуваме со него, бидејќи сме убедени дека Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев биле Бугари онолку колку што се Бугари денешните Македонци кои имаат бугарски пасош. Впрочем и Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев потекнуваат од две места кои денес се наоѓаат на територијата Македонија во Република северна Грција, нам позната и како Егејска или Беломорска Македонија.

Едноставно, во одреден историски период, па дури и во денешницата, борбата за Македонија, борбата за човекови права, борбата за егзистенција или борбата за подобар живот принудила одреден број Македонци, делумно или целосно, повремено или постојано, да се изјаснат како Бугари.

Како прво, Гоце Делчев бил дел од најтесното раководство на МРО (МАКЕДОНСКА револуционерна организација) подоцна преименувана во ТМОРО (Тајна МАКЕДОНСКА-ОДРИНСКА револуционерна организација). Како второ, самото име на организацијата ни кажува дека се борела за Македонија и во одредена фаза и за Одринско (Одрин или Едрење). Во различни фази од нејзиното постоење дискутабилно е дали се борела за автономна или за самостојна, но неспорно е дека организацијата сепак се борела за Македонија. Македонија, а не Бугарија.

Дипломатите и врвните политичари од власта мора да внимаваат на она што ќе го кажат без разлика на тоа што го мислат. Но тоа не важи и за обичните граѓани. За да се погледне вистината, понекогаш не треба многу. Ниту некоја особена вештина, ниту храброст, ниту мудрост. Доволни се пасош, возило и неколку илјади денари, да се тркне до Благоевград или до кое било друго населено место во Пиринскиот дел на Бугарија (порано познат како Пиринска Македонија) и да се позборува со тамошните жители. Можеби не сите, но добар дел од нив, на јазик ист како нашиот, со мали разлики типични за нашите дијалекти, ќе ви кажат дека се Македонци кои зборуваат на македонски јазик и пеат македонски песни. Повеќето од нив ја обожаваат песната за болниот Миле Поп Јорданов кој „за народ загина, за Македонија“, но не и за Бугарија.

Истото ќе се случи доколку отидете и во областа Македонија во северна Грција со тоа што, како резултат на геноцидот врз Македонците како и населувањето на немакедонско население, во таа област бројот на Македонци таму денес е значително намален, но сепак ги има доволно, постојат, живеат и се размножуват, некои од нив во етнички хомогени македонски средини.

Како и да е, Република Бугарија е наш сосед и голем пријател, а Бугарите се наш братски народ. Злосторставата кон Македонците направени низ историјата не се злосторства на братскиот бугарски народ, туку се злосторства на тогашната бугарска власт и не го отсликуваат реалниот однос на бугарскиот народ кон нас Македонците. Негирањето на Македонците и македонскиот јазик денес е дело на одредени политички, историски  и други сфери на влијание, но не и на целиот бугарски народ.

Затоа, нашите врвни политичари кои имаат обврска да ја водат државата напред треба да внимаваат на нивните изјави, по потреба и да попуштаат онолку колку што тоа е можно, за да не го загрозат нашиот пат кон Европската Унија. За нас останатите тоа не мора да важи. Ние слободно можеме да тркнеме на кафе, чај, пиво или ракија во некој убав етно ресторан во Пиринскиот дел на Бугарија, каде со останатите гости може да размениме некој убав збор на нашиот убав македонски јазик и на крај да запееме некоја убава македонска песна.

Генерал Стојанче Ангелов

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе