Полемика

За Гологанови и нашата заедничка историја

(Реакција на колумната на Горан Стојанов, „Гологанов: „Ние Македонците немаме толку мака од Турците, колку од Грците, Бугарите и Србите“, 6 септември 2019, МКД.мк)

Јас во мојот напис напишав: „Да се бараат вакви извештаи за периодот пред 1913 година би било како да се бараат игли во куп сено, при што ,иглите’ би биле некаков показател за македонизам, а куповите сено се за заедничкото име на христијанското словенско население на Македонија, Одринскиот вилает и на Кнежество Бугарија“.

Ова многу јасно се однесува на извештаите на странските дипломати за Македонија од пред Балканските војни. Прилозите на ваквите документи се издадени во многу земји, вклучително и во Државниот архив на Република Македонија. Во нив термините „Македонци“, „македонски“ се користат релативно често за да се направи географска регионална спецификација на населението во областа, најчесто од бугарската, но и од другите националности,  или да се означи политичкото револуционерно движење предводено од Внатрешната организација и Врховниот комитет.

Г-н Стојанов избра друг вид извори (тој повеќе зема од неакадемски веб-страници и помалку од научни книги) кои зборуваат за самоосознавањето на оваа популација, за која смета дека е етнички македонска, т.е. македонистичка. Тука сликата е еднаква како и во дипломатските документи. Авторот ги цитира „иглите" како македонистичка посебност во сеното, поточно во морето на изворите што ја покажуваат бугарската национална свест во Македонија. Некои од сведочењата на „иглите“ се автентични и соодветни, како оние на Георги Пулевски, првиот македонски преродбеник кој оставил писмен запис за сопствено македонистичко убедување. Другите пак, се повеќе од сомнителни извори бидејќи произлегуваат од поранешната практика на младата македонска југословенска историографија да се расправа за нова нација, па се прибегнува кон класични фалсификати.

Така на пример, г-дин Стојанов опширно го цитира писмото на Теодосиј Гологанов до архимандрит Дионисиј од 1891 година. Неговата фраза служи и како наслов на неговиот напис. Писмото е преземено од „Документи за борбата на македонскиот народ“ (том I, стр. 288-291), од англиската верзија на неговиот омилен Викиизвор и од други, искрено, неакадемски страници на Интернет. Секаде се тврди дека оригиналот е зачуван во Централниот државен историски архив во Софија, фонд 176, попис 1, архивска единица 595. Дадов сѐ од себе и ја проверив архивата - нема такво писмо! Најверојатно станува збор за уште еден фалсификат на Славко Димевски кој го објави овој „извор“ во литературното списание „Разгледи“ во 1968 година.

Како што неодамна покажа професорот Светлозар Елдаров (види го написот во збирката „70 години од Институтот за историја: 70 години македонска историографија“, Скопје, 2017 година), покојниот Димевски имал редовна практика да поправа, доправа или измислува историски документи.

Што се однесува до самиот Теодосиј, по 1891 година тој продолжи да биде верен службеник на Бугарската егзархија каде држеше разни позиции. Во 1915-1919 година дури и ја предводеше Маронската епархија, опфаќајќи ги регионите Гумуриња и Дедегач во Беломорска Тракија. Семејството Гологанови се типичен елемент на општата историја на нашите две држави: потекнува од селото Турлис, југоисточна Македонија кое дава бројни истакнати личности на бугарското општество. Еден од нив има особено богата судбина - Иван Гологанов (1899–1969) е полковник на бугарската армија, кој по пучот на 9 септември 1944 година, води вооружен одред на отпорот против новата влада, а потоа и како американски соработник, на антикомунистичка основа, организирал дел од бугарската емиграција во странство.

Пропустите на господинот Стојанов како историчар се разбирливи, но не и неговата исправност како јавна личност што се појавува во реномирани медиуми. Користејќи ги наводниците, тој ми ја препишува следнава изјава: „Според вас (т.е. мене, НК), пред 1913 година, христијанското словенечко население во Македонија се викаше Бугари, а може да имало тук-таму по некој (како игла во стог сено) кој се нарекувал Македонец. 

Таква фраза никогаш не сум напишал. Тој ми го забележува и следното: на сличен начин тој ја припишува следната опсервација на Васил К'нчов:„Значи Македонци, а не Бугари. Сами себе се нарекуваат Македонци, без придавки и додавки, без цртки и загради...“. Бугарскиот географ никогаш не користел такви фрази.

Повеќе од јасно е дека во својата недовршена и постхумно објавена книга „Орохидрографија на Македонија“, тој вели дека Бугарите и Власите во Македонија, заедно со своето национално име, се нарекуваат и со регионалното - „Македонци“. Како што е добро познато на специјалистите, има безброј сведоштва за бугарското самоименување на словенското население во Македонија, како од фолклорот, така и од дејците од тоа време, па дури и од првиот базичен текст на македонизмот „За македонцките работи“: „Татко ми, дедо ми, предедо ми, ако се велеле по недоразберија Бугари, то ушче не значит, оти и јас требит да сум као ниф во мрак за мојата народност; ако се велеле овие Бугари, то не значит, оти није ќе требит да престаниме да веруаме во Русите за атар на разни Стамбуловци... (т.е. на народто како Стефан Стамболов – бугарски премиер од крајот на 19 век кој постигнал реална независност на Бугарија од Руската империја)“.

Среде морето на извори што сведочат за нашата заедничка национална свест за таа епоха, ќе си дозволам да истакнам уште три живописни мемоари. Јас би им предложил на граѓаните кои се заинтересирани за историјата на ВМРО да ги прочитаат класичните спомени на првиот креатор на организацијата Христо Татарчев. Поинаков и повеќе женски поглед за тоа време ни го даде делото „Епоха, земја и луѓе“ , мемоари на Царевна, ќерка на самиот Димитар Миладинов. Мојот личен избор е кичевчанецот отец Тома Николов кој искрено раскажува за благородната цел на Бугарската егзархија во Македонија - и на исток, и на запад и на север и на југ.

Според мене, во потрагата по вистината, во приближувањето кон неа, само преку извори и документи, во откривање на емотивниот свет на претходните генерации и во разбирањето на нивното наследство преку современи парадигми, би ја сфатиле заедничката историја на нашите две држави, Бугарија и Северна Македонија. Само на овој начин би биле дел од семејството на европските народи, придружувајќи се кон нивните напори преку избор на вредности да се премостат минатото и сегашноста.

 доц. Наум Кајчев

П.С. Зборот „стог“ е од старословенско потекло и го има на руски, белоруски и други јазици. Исто така е користен и во бугарскиот јазик и овој збор е вклучен во некои стари речници (речник на Наиден Геров од почетокот на дваесеттиот век, „Бугарски толковен речник“ од 1955 година и др.). Сепак, во говорната и писмената практика, овој збор одамна исчезна.

Нашите јужномакедонски дијалекти (Костурско) не го знаат зборот „стог“. Велиме, „куп сено“. Љубопитните и компетентни читатели на МКД.мк можат најдобро да оценат како овој збор влезе во „Толковниот речник на македонскиот јазик“ и други слични публикации: дали како збор што се користи во говорите во Вардарска Македонија или како увоз од српскиот литературен јазик: „Стог – садевен пласт, камара пожњевена жита, сламе, сена; велика, округла, према врху сужена гомила сена, сламе или житног снопља (Речник српскога језика, Матица српска, 2011).

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе