За Договорот за соработка и добрососедство со Бугарија

Определуваќи се за европските вредности на демократијата се наоѓаме пред историска шанса која не треба и не смее да се пропушти не само во односите со Бугарија.

Тито и Живков,Белград 1967 година

Изминува времето кога политичките партии во својот политички, а не ретко и политикански, маркетнг го интрументализираa Договорот за соработка и добрососедство помеѓу Р. Македонија и Р. Бугарија и доаѓа време кога, по усвојувањето од страна на македонското Собрание кога неговата имплементација станува актуелна.

Имајќи предвид дека станува збор за комплексен договор кој ги опфаќа скоро сите области на политичкиот, економскиот, културниот, научниот живот и кој бара ангажирање на многу институции организации и органи, краткорочно и долгорочно се наметнува потребата од донесување на план на организирање, односно програма со која ќе се обезбеди поттикнување, координирање и пред сѐ обезбедување на потребните ресурси за остварувањето и следењето на активностите, секако повеќе од аспект на организиран и координиран пристап во остварувањето на целите на Договорот.

Во тој контекст би укажале на некои аспекти од Договорот без претензии на сеопфатност туку повеќе од апект на потенцирање на нивното значење и потребата од динамична и добро координирана активност.

Така, иако на прв поглед членот 2 од Договорот делува декларативно, сепак станува збор за суштински член со кој двете страни се обврзуваат да соработуваат во рамките на стандардите на ООН кои обврзуваат членките да ги почитуваат одредбите на Повелбата и другите резолуции со кои се гарантираат правата на малцинските народи на сопствен национален идентитет како и други права. Во иста насока се и конститутивните акти на Организацијата за безбедност и соработка на Европа, на Советот на Европа, а кога станува прашање за членство во НАТО и со НАТО е утврдена одредба во Договорот дека членките се должни да постапуваат   согласно со одлуките на врвот на НАТО. Притоа, треба да се има во вид дека за овие организации не е спорен македонскиот државно-правен и национален идентитет.

Исто така посебно е значајно што државно правниот идентитет е утврден и со Повелбата на ООН каде Македонија како федерална единица на ДФЈ (СФРЈ) е потписник по два основа, и како нација и како држава. Како таква, таа со потписник на Повелбата на ООН (Емануел Чучков во име на Н.Р. Македонија), заедно со другите републики, и како таква е примена како независна држава која ги исполнувала сите услови по распаѓањето на СФРЈ.

Точно е дека во Повелбата на ООН не се споменуваат прашањата за правата на малцинствата. Но, во Повелбата се бара стимулирање и развој на основните човекови права независно од раса, пол, јазик и религија. На темата унапредување и заштита на човековите права на националните, етничките и други малцинства беше организиран меѓународен семинар на ООН во Охрид од 25 јуни до 8 јули во 1974 година.

Вреди нашата дипломатија и наука да се навратат на полемиката по тој повод на Д. Беловски со бугарскиот претставник Јулиј Бахнев.

Според тоа, согласно со горе наведениот член соработката, помеѓу Р. Македонија и Р. Бугарија по сите прашања вклучувајќи ги и т.н. отворени прашања, според нашето мислење добиваат нова димензија бидејќи проблемот на признавањето на државно правниот и национален идентитет излегува од рамките на билатералата и станува составен дел на меѓународните договори, стандарди, вредности и институции. Така, прашањата сврзани со националниот идентитет на македонскиот народ и т.н. македонско прашање кои до сега беа третирани како исклучително билатерални, но не ретко и како меѓупартиско прашање (посебно во периодот на еднопартискиот систем во двете држави), со приемот во ООН и европските организации стануваат проблем, пред сѐ на заштита од страна на ООН и ЕУ, како нивни темелни вредности. Во современите меѓународни односи идентитетските прашања се едни од суштинските и секако темелни  вредности на човековите права врз кои се градат односите, посебно кога станува збор за ЕУ.

Од таму македонската дипломатија со ратификацијата на Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија се соочува со сериозен предизвик да ги гради и зацврстува позициите на Р. Македонија во овие организации и институции, а со тоа и позициите на Р.Македонија во билатералната и регионална соработка. Времето на Калимеро дипломатијата во која некој друг е виновен за сите наши пропусти или пак отсуство на визии, одамна е поминато. Партизацијата на дипломатијата како и отсуството на систематско, научно истражување на регионалната политика на Р. Македонија ги проблематизира капацитетите на македонската дипломатија и на другите субјекти на македонската регионална политика.

Македонија нема ниту една научна институција, за разлика од соседите, која систематски се занимава со регионалните односи и регионалните политики. Регионалната политика на Р. Македонија, не ретко, базира на моменталните, прагматични, оценки на политичарите, многу често како реакција на моментални и често испровоцирани настани или пак провокации на закоравен национализам со кој е оптоварен целиот регион.

Вториот комплекс на прашања кои предизвикуваат и најмногу сензитивност посебно во односите со Бугарија се сврзани со членот 8 во кој, покрај општата декларација дека двете договорни страни ќе ја поттикнуваат активната и непречена соработка во областа на културата, образованието, здравството, социјалнана грижа и спортот (зачудува зошто е испуштена науката каде овие определби се посебно актуелни). Посебно со ставовите 2 и 3 на овој член договорени се и конкретизирани две обврски-формирање на заедничка, мулти дисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, а со ставот 3 - организирање на заеднички чествувања на историски настани и личности врз заемна согласност.

Не е првпат да се предлага основање на заедничка комисија со задача да ги анализира и предлага решенија по отворените прашања. Така било при бројните средби на Тито со Живков, на К.Црвенковски со Т. Живков, на средбите К.Глигоров- со Т. Живков, Л.Мојсов-Т.Живков или пак С.Доланц – Т. Живков... Тоа беше посебно елаборирано во предлог текстот на заедничката изјава која како нацрт е усогласувана по повод средбата која требаше да се одржи помеѓу Тито и Живков во 1976 година, но која пропадна заради тврдиот став на Живков по македонското прашање. Македонија нема причина да се плаши од формирањето на комисијата. Напротив интерес е на Македонија да се расчистуваат спорните прашања. Македонија никому не му должи. Ниту пак македонското национално движење се градело врз антибугарска, антисрпска, или пак антигрчка или анти албанска идеологија. Заради тоа, се чини дека предизвикот ќе биде поголем за бугарските историчари. Тие се соочуваат со проблемот да ги признаат трите национални катастрофи кои ги доживеа бугарскиот народ во текот на XX век во кои, водечките политички структури на Бугарија, упорно манипулираа со македонското национално прашање и од кои секогаш излегуваа поразени и со многу жртви. За бугарските историчари, отворено е и прашањето за валоризирање на вредностите остварени во билатералната соработка во периодот на Отечествено фронтовската Бугарија кога беа отворени многу културни и образовни институции во кои се негуваше македонскиот јазик или пак наставата во основните училишта во Пиринска Македонија се одвиваше на македонскиот јазик, се отворија културни и други институции на македонски јазик и сл.  И не само тоа. Тоа, како и позицијата на Бугарија во Втората светска војна се проблеми пред сѐ за бугарската историографија  и тоа не само заради односите со Македонија, туку и за регионалната, европската и светската историја на антифашистичката борба. Бугарската војска е окупатор не само на Македонија, туку и на делови на Србија, учесник е во крвавите борби на Сутјеска, а заедно со германските орди, како што се наведува во опширното писмо на Тито до Георги Димитров изнесувајќи ги злосторствата кои се вршени на окупираните територии. Бугарија е потписник и на Мировниот договор (како поразена страна) со Сојузниците меѓу кои е и ФНРЈ од 10 февруари 1947 година со кој, Бугарија е обврзана да им ги обезбеди на сите лица под бугарска власт, без разлика на раса, пол, јазик или вера, уживање на правата на човекот и основните слободи. Подразбирајќи ја тука и слободата на зборот, печатот и публицистиката, вероисповеста, политичкото убедување и собирање.

Со овој Мировен договор се предвидува законодавството на Бугарија да  ја исклучи дискриминацијата меѓу бугарските граѓани по сите основи. Проблемот е многу поширок и ги надминува билтералните односи помеѓу двете држави.

Секако дека и македонските историчари исто така ќе мора да се соочат со предизвикот на разјаснување на поделбите и на улогата на нивните носители, внатре во македонското национално движење кои предизвикувале трагични последици ставајќи ги автентичните интереси на македонското национално движење во служба на големо-националните проекти посебно на Бугарија во Баканските војни, Првата и Втората светска војна.

Во вртлогот на сите тие црнила, постепено и со многу жртви се пробивало автентичното македонско национално движење се до АСНОМ 1944 год.

Создавањето на модерните држави на Балканот секогаш било соочено со контроверзите и митовите за обнова на средновековните држави оптоварени со доминантното влијание на конфесионалното наспроти граѓанското што е темелен принцип на конституирањето на европските држави.

Време е на Балканот да се градат односи надвор од идеолошките матрици на големо националистичките проекти, како што во еден разговор во Софија се искажа сега покојниот претседател на Бугарија Жељу Желев (Аз сам против сите големи проекти на Балканите). Историјата не е само прост редослед на настани и личности, туку процес на градење на сегашноста и иднината. Таа не е ниту алманах на митови од кој се напојуваат балканските национализми секогаш кога треба да се повампират старо-новиите аспирации. Или како што укажува францускиот историчар Лисјен Февр: Ако сакате да се бавите со историја тогаш одлучно свртете плеќи на минатото и почнете да живеете... Науката не се прави во кула од слонова коска, туку во животот. Ја прават живи луѓе нурнати во сегашноста (цитирано според  текст на Л. Перовиќ на тема „Помирување меѓу Србите и Хрватите и меѓу Србите и Албанците“. 

Договорот, со членот 9, исто така ја става Р. Македонија во активна позиција за остварување на присуство во информативниот простор на Р. Бугарија. Секако и обратно. Прашање кое е актуелно и во односите со другите соседни држави. Тоа е посебно значајно ако се има предвид дека секое општество, па и бугарското е слоевито како социјално, така, што е уште позначајно и идеолошки и политички структуирано. Нема монолитни општества, ниту порано, а посебно денес во услови на глобализација чија моќ лежи на неограничените можности на информацијата и досега невиденото придвижување на народите.

И во минатото и денес на Балканот, наспроти националистичките владеечки структури, делувале и делуваат прогресивни сили за кои идентитетските права претставуваат темелни вредности на човекот. Вреди да се навраќаме на нив, заеднички да ги прославуваме и да им посветиме повеќе простор во медиумите. Зарем треба да ги заборавиме жртвите на македонското ополчение дадени на фронтот во Тракија во Балканските војни по налог на бугарскиот цар Фердинанд за остварување на неговите болни амбиции да го освои Цариград или пак на оние кои гинеа на Солунскиот фронт и по неговото пробивање во налетот на сојузничките војски. Само како потсетување, споменот на тие жртви го негуваат и Франција и Германија, иако се наоѓаа на спротивните страни.

Во овој контекст е и прашањето дали македонските медиуми имаат, пред сѐ материјален капацитет, да го прифатат предизвикот и да остварат присуство на информативниот простор во Бугарија, или пак, имаат ли капацитет македонските научни и стручни институции, преку сопствените гласила или преку научните и стручни гласила во Бугарија и регионот да го пренесат сопствениот поглед за одредени прашања кои секако се од интерес за граѓаните, но и пред сѐ за научната и стручна јавност во Бугарија, а со тоа да ја разбрануваат критичката мисла наспроти инструментализацијата на историјата.

Сето тоа бара не само човечки туку и материјални ресурси без кои ваквата заложба на чл. 9 од договорот ќе остане само декларативна. 

Конечно, имплементацијата на овој договор е интерес на двата народи и затоа тој не е и не смее да биде предмет на историски или пак политикантски надмудрувања зад кои се кријат само политички или како што е веќе речено политикантски интереси, ниту пак со него да се калкулираат краткорочни интереси и манипулации на дадените политички структури чиј интерес е владеењето, газејќи по вредностите на човековото опстојување.

Денес определуваќи се за европските вредности на демократијата се наоѓаме пред историска шанса која не треба и не смее да се пропушти не само во односите со Бугарија. Тоа е основната порака на договорот. Колку побрзо ќе ја сватиме, толку побрзо ќе ги отвориме патиштата кон европската иднина на Македонија и на другите држави  на овие балкански простори на кои дуваат многу загрижувачки ветришта.

                                        Васил Костојчиноски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе

Постојат повеќе административни и технички решенија против плагијаризам што се применуваат од издавачите и универзитетските менаџменти, а понекогаш и државните власти, како што е случајот во Македонија. 

повеќе

И не само тоа, туку квалитет на слободата. „Слободата нема никаква вредност ако во себе не ја вклучува слободата на грешките" - Махатма Ганди.

повеќе