Зa антикомунизмот и југофобијата

Две фобии ја оптоваруваат политичката сцена на државите кои настанаа на постјугословенскиот простор, но и во Македонија – антикумунизмот и југофобијата.

И во едниот и во другиот случај станува збор за страв и омраза кон минатото, но и несигурност во она што се нуди како сегашност и иднина. Според хрватскиот историчар Твртко Јаковина (ставови искажани во една дебата во Центарот за културна деконтаминација во Белград) „во земјите во кои одамна нема вистинска борбa околу вистинските политики, ревизијaта на историјата останува единствено оружје на политиката“. Според него Југославија во нашите меѓусебни пресметки намерно се сведува исклучиво на терор. Значи, според него, ако вие кажувате дека во југословенската заедница, во период од 70 години немало ништо друго освен терор, тогаш, покрај тоа што нужно влегувате во лажење и фалсификување, свесно ја создавате посакуваната црно-бела слика во која на една страна се наводните патриоти, а на друга „комуњарите“ и Југословените... „Оној кој во 21 век се бави со Втората светска војна на начин да ги велича четниците и квислинзите, сосема е сигурно дека не може да има јасна иднина, сеедно дали станува збор за формална левица или формална десница“, вели Јаковина.  

Сеништето на „антикомунизмот“, кое се појави во периодот меѓу двете светски војни како повторно да се надвиснува над светот кој се соочува со длабока криза која, по многу свои елементи, е слична на кризата од тој период, а која конечно ја предизвика најкрвавата војна во поновата историја на цивилизацијата. Од длабочината на кризата на неолиберализмот, во која секојдневно тоне светот, сѐ повеќе се појавуваат сеништата на антикомунизмот како алиби за „невиноста“ на алчноста на мултинационалните корпорации и финансиската, предаторска, олигархија.

Во Република Македонија, расправата за алтернативата на капитализмот, а посебно расправата за социјализмот со нов лик како  алтернатива,  е „забранета тема“ како што е „забрането“ да се расправа  и за периодот кога комунистите застануваат на чело на антифашистичката и национално ослободителна војна од која произлезе и државноста на Македонија наспроти оние кои се приклучија како квислинзи или пак апологети на бугарскиот окупаторски режим. Молкот на медиумите за инаку крајно скромното одбележување на Денот на победата над фашизмот, од страна на Сојузот на борците на РМ овие денови, е повеќе од загрижувачки до толку повеќе што станува збор за датум кој е сврзан со создавањето на македонската државност, но и за загрижувачко отсуство на чувство на почит кон огромните жртви.       

Но, зошто тоа сениште е се по присутно во Македонија, што ги мотивирало носителите на таквите идеи и зошто „антикомунизмот“ се сака да се наметне како содржина на политичката борба помеѓу десницата и левицата, ако воопшто може да стане збор за постоење на десница и левица на политичката сцена во Македонија?

Прашањето е исто така актуелно ако се знае дека социјализмот како режим на владеење на еднопартискиот систем, модел кој беше присутен како политички систем од ХХ век е мртов, ако се знае дека комунизмот е идеја, а идеите никогаш не умираат или пак ако се знае дека оние кои по убедување беа комунисти и физички претставуваат само еден грст на старци на чии гради висат избледнетите ордени како обележја кои кажуваат дека, тогаш кога било најпотребно го заложиле сопствениот живот во борбата за национална, но и за социјална слобода? Зошто толку страв и омраза ако се знае дека разбиеноста на работничката класа, нејзиниот страв за гола егзистенција е до толкавa степен, што таа веќе не претставува критична маса која ќе се бори за достоинството на сопствениот труд, ако се знае дека суштината на комунизмот е воспоставување на посправедлив социјален баланс помеѓу трудот и алчноста на профитерите и сѐ поголемата социјална диференцијација како на национален така и на планетарен план?

А, што се однесува до левицата таа е поделена и збунета пред дилемата – како да се изврши социјалната промена на општеството кое е во криза, со реформи или револуција. Се чини она што беше дилема на социјалдемократијата и на социјалистичките партии од првата половина на ХХ век, како повторно да станува актуелно. Но, одговор нема. Одговор нема и  од интелигенцијата како критичка совест на секој систем на владеење, таа е веќе долг период поделена и маргинализирана во бурните процеси на општествената  трансформација.

Прашањето е од каде и зошто толкава нервоза и омраза посебно кај оние кои заговараат „Вартоломејска ноќ“ против комунистите, а само до вчера беа функционери, апологети на комунистичката идеологија, кај носителите на научни звања кои со своите магистерски или докторски трудови и анализи објавувани во периодиката и на научните советувања ја докажуваа иднината на социјализмот, кои беа професори дури на „најкомунистичките“ факултети и институти? Дилемата е кога на таквите „конвертити“ треба(ше) да им веруваме? Тогаш кога научно докажуваа дека социјалистичкото самоуправување е нов, цивилизациски исчекор на отуѓениот човек или пак денес кога, како задоцнети трабанти на неолиберализмот повикуваат на борба против „комунизмот“ како „опасен противник“ макар да тој и не постои.

Борбата со замислен противник е само една од манипулациите која можат да ја понудат политичките партии, како и загрижените историчари кои за добра цена нудат препрочитување на историјата.

Дали тој повик значи дека треба да се запалат  книгите, на плоштадите, зошто, ако тие се задржат, па макар и во магацините на библиотеките „борбата против комунизмот“ не би била успешна. Ќе останат комунистичките идеи кои не можат да се запалат за да некогаш, некоја друга генерација,  ослободена од „вредностите на неолиберализмот“ ќе трага кон некоја нова човекова слобода. 

„Југофобијата“ пак е само еден од изразите на балканскиот синдром на поделби и омрази која се јавува и како србофобија, бугарофобија, гркофобија, албанофобија, македонофобија. Тие се дел на големите националистички проекти за поделба на Балканот и ментален синдром на крвавите војни со цел да се остварат таквите претензии. Наспроти нив, македонското национално движење се раѓаше и развиваше врз принцип на соработка со соседните народи, а не на антисрпска, антибугарска, антигрчка или антиалбанска идеологија. Исто така  СФРЈ се раѓаше и опстојуваше како антипод на таквите фобии спрема соседните народи, но и како пречка за довршување на големо-националистичките проекти, особено кон Македонија бидејќи Р. Македонија беше по два основи конститутивен субјект на таа,  југословенска, федерација, и како нација и како држава.

На македонската политичка сцена, повеќе како израз на страв од минатото не ретко се манипулира и со терминот југо носталгија во неговото погрдно значење. Во секој случај додека фобијата е болест, израз на ксенофобија или пак на политичка манипулација, носталгијата е чувство за нешто или кон нешто. Во дадениов случај тоа е носталгија за времето кога имавме можности бесплатно да студираме, да се лекуваме бесплатно, тоа е времето кога првпат почнавме да учиме на својот мајчин јазик, кога бевме почитувани како граѓанин чиј пасош важеше за сите земји без визи (освен Грција и Албанија); за времето кога трудот се почитуваше и не зависеше  од волјата на „газдата“, туку од законот. Станува збор за вистинити и проверливи вредности, за нешто што нема за цел да го идеализира минатото или пак „за некаква романтична имагинација“ како што сакаше да ја дефинира професорката Ана Мартиноска („Нова Македонија“ од 17. 11. 2011). Станува збор за бунт против сегашноста, за нешто што нѐ потсетува да не се помируваме со сегашноста која „треба да ја зграпчиме без да гледаме во минатото“. Или да ја парафразирам цитираната реченица на Мартиноска,  работата е во тоа да не се подлегнува во очај или летаргија, туку да се спротивставиме на празното постоење, да го откриеме она што во себе го носи слободниот човек. Алтернативата е молкот, а молчењето, „понекогаш е дипломатија, понекогаш стратегија, понекогаш памет, а понекогаш не е ништо друго освен обична подлост“ (изјава на Арсениј Јовков, борец за слободна Македонија пред да замине на „состанокот со смртта“ во Горна Џумаја организиран од Ванчо Михајлов во септември 1924 година). 

Правото на таквата „југоносталгија“ не може и нема право никој да  го одзема, со него да манипулира или пак со него да ја пере сопствената совест. Посебно не оние кои многу лесно ги сменуваат пасошите или пак ги прифатиле туѓите погледи за суштината на постоењето на слободниот човек, односно оние кои многу лесно станале конвертити. Всушност тоа е и причината што „југоносталгијата“ не е национално обоена, и што ќе ја сретнете и кај Словенците, и кај Босанците, кај Македонците и кај Албанците, кај Хрватите и Црногорците и кај Србите. Затоа во, политички инструментализираните, средства за масовно информирање, во сите овие држави, ќе наидете на идентичен пристап кон феноменот на југоносталгијата. По ова прашање постои целосен консензус кај, инаку раскараните структури на власт, во сите држави кои настанаа по распаѓањето на СФРЈ. Заедничко им е стравот и затоа мора сѐ да се стори за да се избрише минатото од колективната меморија на народите која може да ги „зарази“ родените во периодот на транзицијата. Не е битно со кои средства и методи тоа се чини, со вистини, полувистини или лаги, битно е да се стори.

Конечно ќе го цитирам познатиот и меѓународно признат борец за човекот како основна вредност од која произлегуваат сите други вредности - Раде Шербеџија: „На оние кои не знаат дека под Тито се живееше подобро јас не можам да им помогнам“. 

Васко Костојчиноски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Природната и суровата храна се заменува со фабрички подготвени оброци и со обработена храна.

повеќе

Гувернерот, кој и да е, не е ничиј должник. Ниту на предлагачот, ниту на тие што ќе го изгласаат.

повеќе

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе