Возможна мисија

Дојде време граѓаните да си го вратат суверенитетот во сопствената држава.

Театарската претстава „Преспа“ ја преспав. Лошо сценарио, лоша режија, лоши глумци. Најлошо помина  публиката која се трудеше активно да ја прати, а да не зборувам за тие што, свесно или несвесно беа статисти во оваа претстава. За жал, во големиот меѓународен театар, оваа претстава се играше подолго време. Бидејќи не ги поознавам газдите на овој театар, ниту пак сценаристите, режисерите и продуцентите на претставата, останувам без коментар.

Но, за домашниот театар има многу што да се зборува. Во изминатите десетлетија, имавме по неколку театарски премиери месечно. Од лоша, полоша. Парламент, Влада, судство, здравство, образование, економија. Бидејќи имаа сѐ помалку публика, си вработија огромен број на луѓе кои сега им се публика. Но театарот чини пари, па мораа да почнат да распродаваат сѐ што останало за продажба. И, така во круг. Но кругот е сѐ помал и товарот паѓа на грбот на публиката која и не оди да ги гледа овие театарски пародии. Ако не се прекине овој круг, овој театар ќе ја уништи целата држава  и граѓаните кои живеат во неа. Некои велат  дека тоа е невозможна мисија. Јас сметам дека е возможна мисија.

Основата  на нефункционалноста и неефикасноста на македонската држава, лежи во изборниот модел. Овој изборен модел во Македонија, креира „партиска демократија“. Граѓаните на избори гласаат за партии, а не за личности. Во Собранието седат  „партиски пратеници“, а не „граѓански пратеници“.  Овие пратеници носат „партиски закони“, бираат „партиски судии“, „партиски обвинители“, „партиска Влада“. Граѓанинот не постои никаде во овој квази демократски систем, освен за плаќање данок. Дури и преку  единствената можна форма на директна демократија, а тоа е референдумот, „партиските пратеници“  донеле закон со кој  граѓаните на референдум  не може да одлучуваат за прашања поврзани со „изборите и буџетот“.

Почетокот на неопходните реформи, прво и безусловно треба да почне со промена на изборниот модел. Во Македонија мора да се воведе мнозинскиот изборен модел и тоа со 120 изборни единици. Секоја изборна единица ќе покрива 15.000 гласачи, кои гласаат за свој претставник во Собранието на РМ. Покрај непосредниот избор, граѓаните мораат да го имаат и правото да го отповикаат избраниот пратеник, доколку не се задоволни од неговата работа. Со овој изборен модел и големите и малите политички партии, ќе мораат да кандидираат личности кои имаат углед и почит кај граѓаните, а не партиски послушници.

Вториот неопходен чекор, е вистинска децентрализација на власта и префрлање на најголем број на надлежностите на општините, вклучувајќи ја и фисикалната децентрализација.

Третиот чекор е повторно враќање на надлежностите на општинските судови. Во овој домен спаѓа и изборот на претседател на судот и на началникот на полицијата на непосредни избори.

Со овие три чекора, граѓаните ќе имаат директна контрола на изборот, работата и отповикувањето на претставниците на трите столба на власта: законодавната, судската и извршната.

Граѓаните се единствениот суверен на државата и тој суверенитет не смее никој да им го одземе. За жал во изминатите 20 години, од страна на неколкуте големи политички партии, тој суверенитет  им е одземен. Дојде време граѓаните да си го вратат суверенитетот во сопствената држава.

Невозможна мисија? Не, возможна мисија.

Ангел Наков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Би било добро роднините да не бидат жртви и да има повеќе повици кон роднините – функционери.

повеќе

Oд човекот кој успеа со сосема нова партија да го наруши целовековниот монопол на ПАСОК и Неа демократиа на грчката политичката сцена, може да се очекува буквално сѐ.

повеќе

Останува да видиме дали овој состав на Судот, кој дефинитивно е кадровски и професионално најслаб во досегашната наша државно-правна историја по осамостојувањето, ќе смогне сили за конечно да го пресече Гордиевиот јазол околу вака шверцуваната двојазичност.

повеќе