Волерс: Македонци – не треба да има!

Пораката на американскиот амбасадор не може поинаку да се толкува. Тоа е нова потврда дека американскиот прагматизам нема граници. Штом ќе дојде моментот, без скрупули ги отвораат картите.

Добро е кога паѓаат маските бидејќи најстрашно е кога не знаеш а) кој ти е противникот и б) што тој (ти) мисли. Во нашиов случај, беа потребни долги години, Атина, а потоа и Вашингтон, јавно да кажат што сакаат. Тоа е најдобар доказ дека, и едните, и другите, доживееја тежок пораз: не ги реализираа своите намери и интереси да ги прекрстат Македонците. Тоа што сите тие години, по многу што, се практично загубени за Македонија и нејзините граѓани – никого не боли глава.

Но, во никој случај не сме колатерална штета на американските интереси на Балканот. Квалификацијата мора да биде многу попрецизна и пожестока, за да биде реална. На пример: единствената светска супер сила, за да ја постигне својата цел, си поигрува со еден мал, ама вековен народ, како да се тоа искинати кукли кои треба да се фрлат на ѓубриште.

Аргументите дека е така, се бројни и неспорни.

Прво, САД ни го оспорија и суспендираа државното име при приемот во ООН (април 1993). Иако имаа поддршка и од други, нивната улога беше неспорно клучна. Само САД можат флагрантно да ја прекршат Повелбата (Уставот) на ООН, како во случајот со Македонија. Никој друг.

Потоа, ни ја стокмија Привремената спогодба (ПС), во септември 1995, со која, макар за 50 проценти, ни ја девалвираа позицијата која (самите!) ни ја запечатија во ООН. Чекор, по чекор. Се’ што не беше можно да (ни) се спакува во Њујорк, го „надоместија“ со ПС.

Следеше војната од 2001-та кога, со помош на терористи (како, на почетокот, ги нарекуваше генералниот секретар на НАТО, Робертсон), САД се обидоа да ја албанизираат Македонија. Кога се покажавме поиздржливи отколку што очекуваа и проценуваа, ни го наметнаа Охридскиот договор, со кој ја истумбаа државата.

Во ноември 2004 годи, само формално и делумно, САД го прифатија името на земјата со единствена цел да не успее референдумот за спречување на новата административна поделба. Со истата, крајно непотребно, беа албанизирани делови од земјата (Струга, Кичево...) а Скопје стана двојазично. Овој потег на САД беше директна последица на неуспехот во 2001-та и претставува реализација на планот “Б“, олицетворен во договорот од Охрид. Последиците од новата административна поделба, која исто така беше конципирана со американско учество, ќе останат трајно а САД ќе бидат првите кои ќе го користат новото име, кое сакаат со сила да ни го наденат. Така, „признавањето“ од 2004-та ќе биде анулирано и ќе замине во историјата.

Во Букурешт (април, 2008), Македонија мораше да биде примена во НАТО: ги исполнуваше  критериумите и не смееше да биде блокирана. САД, меѓутоа, направија целосен пресврт во политиката на алијансата со воведување на блокада, уцена и ултиматум – прво името (прекрстување), потоа членство. Влегувањето на Македонија во НАТО, иако со референцата, практично ќе го оневозможеше прекрстување и на државата, и на народот. А, Вашингтон - токму тоа го спречи.

Такво нешто во НАТО можат да направат само – САД, и никој друг. Ниту сите други членки заедно, без САД, не можат да воведат такви промени, односно нови политики.

Од сето изложено, јасно се гледа дека систематски, постепено, скоро филигрански, САД ни ја крои капата по нејзин терк и според нејзините потреби. Без да трепнат, ја бришат нашата македонштина. Во целиот галиматијас, улогата на Атина е – маргинална.

И, еве ни го, сега, Волерс. Од каде, ако не од Тетово. Ни кажува дека немаме национален идентитет! Иако можеме да му се лутиме и (со право!) да го плукаме, мораме да му признаеме дека е доследен на своите ставови. Уште пред да (ни) дојде, при распит во Конгресот, јасно кажа дека проблемот со името е – идентитетски! Тоа беше во директна контрадикција на се’ што цело време ни трубат нашиот „докажан пријател“ Рикер и дузина други. Нивниот категоричен став беше, и е, дека се работи само за името на државата и дека тоа нема (никаква!) врска со националниот идентитет на македонскиот народ, што е кардинална измислица и лага. Иако измамата е лесно видлива, бидејќи идентитет без име  – нема, сепак, некои им веруваа(т). Дали причините се од лична, партиска или друга (лукративна?) природа – и не е битно. Факт е дека важни фактори во земјава сметаа(т) дека ќе си го смениме името (за понадвор, нели), ќе се прекрстиме и, пак, се’ ќе си остане по старо. Такво нешто, во праксата, е исклучено, а во политиката – апсолутно не е можно.

Во Тетово, Волерс јавно побара да решиме “како ќе се дефинираме себе и врз основа на кои вредности“?! “Не можете да се дефинирате по својата националност“!? – категорично, и без пардон, ни пресуди тој! И таа, и верата, и културата ни биле различни и не давале (добра!) основа за само идентификување! Тој, се разбира, не покажа со прстот на Македонците. Арно ама, кристално му е јасно и на најзаскитаниот, дека пораката не се однесува на Албанците. Тие не се од никого оспорени како народ а, за да нема никакви недорабирања, Волерс и неговите посветено работаат на решавање на нивната национална кауза. Ако треба и со бомбардирање на главен град, од авиони затскриени недостижно во небото. А, трети, едноставно - нема.

Најпросто речено, тој ни кажа дека Македонци -  и нема, и не треба да има! Нормално, за добробит на сите. Ама, ни остави да одлучиме – што сме? Со дебата, најдемократски. Како да се работи за - улогата на приватниот сектор во развојот на Ресен... Поголема глупост, Волерс, овој народ не чул можеби никогаш до сега. И верник, и агностик, треба да се крстат и да се прашуваат – зарем американската политика кон Македонија е заглавена некаде на крајот од 19 и почетокот на 20 век, кога кулминираа обидите да се затвори “Македонското прашање“?

Е, Волерс, Волерс. Овие  американски небулози се далеку под нивото на бесмислиците дека сме „измислени“ од Коминтерната или Тито. Поголема навреда за македонскиот народ, од оваа – тешко може да се замисли. А, да беше така лесно, Македонците одамна ќе ги снемаше од земјината топка.

Во суштината, Волерс се обидува да манипулира со националноста и државјанството, мешајќи ги двете, за да се избришат и македонскиот национален идентитет, и македонското државјанство. Фактички, тој пледира на градење на ново, заедничко државјанство кое ќе биде во согласност со новото име, од типот – “граѓани на...“! Така, најлесно, ќе се промени македонскиот карактер на државата и, освен аморфните Македонци, кои би отишле курбан, сите други ќе останат тоа што се – Албанци, Турци, Срби... споени во новото државјанство, и сите би биле среќни. Особено Албанците, ама не ќе да е баш така. Нема земја на светот која може да биде просперитетна преку жртвување на мнозинскиот народ. Таквата политика, Волерс, може да води само во – војна.

А, со прекрстување на земјата, и со претворање на Македонците во државјани на новоименованата држава, што американскиот извршител, Нимиц, веќе многу пати ни го стави на маса, Вашингтон ќе ја постигне својата регионална цел: максимално да бидат акомодирани Албанците. А, ако новото име биде Славо-албанска М... - подобро здравје. Таков (или сличен!) исчекор би водел до финализирање и на големоалбанскиот проект, кој Вашингтон студиозно го реализира. Паралелно, ширум ќе биде отворен патот Македонците што побргу да исчезнат.

На Волерс му е предобро познато дека ниту на држава, а уште помалку на македонскиот народ, им е потребно ново дефинирање. Ние сме биле и остануваме Македонци, а дали нашите корени достигнуваат до Александар или се кај Маите, воопшто не е важно. Факт е, меѓутоа, дека соседите се обидуваат да не присвојуваат, со свои „дефиниции“, преку истите негирања кои сега ги користи и Волерс кој, во Тетово, најотворено ги подржа и Софија, и Атина, за кои од поодамна не постоиме или сме неосознаена аморфна маса.

Ова не е никаков дипломатски инцидент, туку невиден скандал. Во прашање е јавен американски геноциден обид за бришење на мнозинскиот македонски народ. Тешко дека вакво нешто се случило во светската дипломатска историја. Ова е силен исчекор напред од тоа што веќе (ни) го наметнаа во Охрид, во веќе прецизно разработената насока. Ако, како држава, го премолчиме и ова, тогаш навистина не сме заслужиле таков статус.

На крајот, мора да му се изрази и лична благодарност на Волерс! Тој излезе најдобар промотор на книгата „Улогата на САД во македонските голготи (1991 – 2013)“. На најдиректен начин, го потврдува сето што е во неа напишано. Прочитајте ја книгата и (скоро!) се’ ќе ви биде јасно. Ова не е маркетинг, туку насока за доосознавање на американска политика кон Македонија. На нашиот „стратегиски“ партнер, де.

 

П. С. Волерс и Рикер, како реализатори, само ја симболизираат американската политика. Не е исклучено тие да имаат и свои симпатии кон македонскиот народ!

 

                                                                             Ристо Никовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе