Воената интервенција во Сирија претставува флагрантно кршење на меѓународното право

Состојбата во Сирија повторно на површина ги изнесува прашањата за адекватноста на меѓународното право денес и способноста на Советот за безбедност на Обединетите нации во сегашната политичка клима ефективно да одговори на хуманитарни кризи.

На 14 април, САД, Велика Британија и Франција извршија напади во Сирија како одговор на неодамнешниот напад со хемиско оружје во Дума (предградие на Дамаск) наводно спонзориран од Сириската влада. Во меѓувреме, лидерите на овие земји (освен Тереза Меј) во своите изјавине дадоа кохерентен правен аргумент во одбрана на својата позиција. Ваквата состојба заслужува подлабока правна анализа: дали воена интервенција, без претходна согласност од Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), е дозволена во рамките на меѓународното право?

Забрана за употреба на сила без претходна согласност на Советот за безбедност

Појдовната точка во разгледувањето на законитоста на воена интервенција мора да бидат принципите содржани во Повелбата на ОН. Повелбата воспоставува суверена еднаквост на државите (член 2 став 1); обврска за мирно решавање на споровите (член 2 став 3); забрана за употреба на сила (член 2 став 4); и начело на не-интервенција во домашна јурисдикција на државите (член 2 став 7). Овие принципи се утврдени и разработени во Декларацијата за пријателски односи од 1970.

Бидејќи употребата на сила против суверена држава, дури и од хуманитарни причини, во принцип го крши чл. 2 (4) од Повелбата на ОН, таа мора да биде оправдана како еден од утврдените исклучоци од општото начело за забрана за употреба на сила: (1) интервенција по претходно овластување од Советот за безбедност според Поглавјето VII од Повелбата на ОН, или (2) интервенција во согласност со начелото на самоодбрана според чл. 51 од Повелбата на ОН. Во вака утврдената правна рамка, САД, Велика Британија и Франција немаат правна основа за интервенција. Прво, Советот за безбедност нема донесено резолуција за овластување на било каква интервенција во Сирија. Второ, правото на самоодбрана е применливо само во случај на директна и неизбежна опасност за граѓаните или интересите на државите кои интервенираат.

Освен самоодбрана или овластување на Советот за безбедност, не постојат други универзално прифатени исклучоци од забраната за употреба на воена сила во член 2 (4) од Повелбата на ОН. Државите немаат право еднострано да ги спроведуваат договорите или резолуциите на ОН со воени средства, без разлика дали нивните постапки се одговор на наводното кршење на обврските на Сирија според двете конвенции за забрана на хемиско оружје (од 1925 г. и 1993 г.) или прекршување на Резолуцијата 2118 на Советот за безбедност која и забранува на Сирија употреба на хемиско оружје.

Не постои право на хуманитарна интервенција

Владата на Велика Британија, во своето правно мислење, го понуди аргументот дека таа во Сирија дејствува за да спречи хуманитарна катастрофа. Според неа, државите имаат право самостојно да употребуваат сила за да запрат, одвратат или да казнат прекршувања на меѓународното хуманитарно право или меѓународното кривично право, вклучително и употребата на хемиско оружје.

Точно е дека „хуманитарната интервенција“ постои како политички принцип, но не и како правна норма. Интервенцијата на НАТО врз СР Југославија во 1999 година која исто така не беше одобрена од Советот за безбедност, се` уште се толкува како преседан за меѓународна интервенција во Сирија. Оние кои сакаат да оправдаат воена интервенција велат дека интервенцијата на НАТО беше нелегална, но легитимна. Сепак, легитимноста на интервенцијата на НАТО остана сомнителна за многу држави кои не се членки на НАТО алијансата. Според Извештајот на Независната меѓународна комисија за Косово, за многу држави интервенцијата на НАТО е нелегитимна токму поради тоа што ја прекршила Повелбата на ОН.

Како обид да се премости јазот меѓу спротивставените визии за легитимитет кои произлегоа од дебатата за Косово, се разви концептот „Одговорност за заштита“. Како што е зацртано во Резолуцијата од Светскиот самит во 2015 год., дефиницијата на концептот претставува компромис на позициите на двете страни од дебатата. Од една страна, дефиницијата ја прифаќа позицијата дека ако една држава очигледно не успее во задачата да го заштити своето население од геноцид, воени злосторства, етничко чистење или злосторства против човештвото, одговорноста да се стори тоа и припаѓа на меѓународната заедница. Од друга страна, многу држави беа загрижени за потенцијалните ефекти од таквото делегирање на широки овластувања на трети држави и ефектот на милитаризација на меѓународните односи што би можеле да произлезат од тоа. Така, во финалната верзија за дефиницијата за „Одговорност за заштита“ е потенцирана неопходноста ваквата широка одговорност за заштита да ѝ биде доверена на меѓународната заедница, но таа да дејствува преку ОН, а во случај на употреба на сила, во координација со Советот за безбедност.

На следните состаноци на Генералното собрание на ОН државите јасно ја изразија својата подготвеност да ја поддржат употребата на концептот „Одговорност за заштита“ преку ОН само доколку тој не се злоупотреби од страна на моќните држави за да се оправда интервенција надвор од рамките на Повелбата. Според нив, важно е кој одлучува дали ситуацијата е таква што населението е изложено на ризик од масовно злосторство, дали одредено однесување претставува легитимен обид да се обезбеди територија или е нелегитимен напад врз цивили, како заштитата на цивили најдобро да се реализира во одредено време и место и кои држави би биле најсоодветни да обезбедат ефикасна заштита. Доктрината „Одговорност за заштита“, која ја поддржаа земјите-членки на ОН, не создава нови законски основи за воена интервенција, но бара сите инстанци на употреба на сила да бидат одобрени од Советот за безбедност на ОН.

Интервенцијата за спроведување на забраната за употреба на хемиско оружје е нелегална

Секој од лидерите на трите држави кои интервенираат во Сирија во своите изјави до јавноста го понудија аргументот дека интервенцијата е неопходна за спроведување на забраната за употреба на хемиско оружје. Проблемот со овој аргумент е дека Конвенцијата за хемиско оружје од 1997 година - централен меѓународен правен инструмент на оваа тема, обезбедува систем за спроведување кој трите сили вклучени во воздушните напади во целост го заобиколија. Конвенцијата предвидува, прво, истрага од страна на експерти од Организацијата за забрана на хемиско оружје и второ, во ситуации со „посебна тежина“ Конференцијата на државите-членки може да достави прашање до Генералното собрание и Советот за безбедност на ОН. Никаде Конвенцијата не предвидува унилатерална употреба на сила како одговор на кршење на Конвенцијата.

Понатаму, вооружени репресалии за да се казни Сирија за употребата на хемиско оружје и да се спречи во идни такви обиди се нелегални во меѓународното право. Едноставно објаснето, репресалии се мерки преземени од страна на еден субјект со цел да се присили друг субјект на меѓународното право да ги почитува своите правни обврски. Иако репресалиите не се спомнати во Повелбата на Обединетите нации, праксата на државите од усвојувањето на Повелбата до денес ја потврдува нелегалноста на вооружените репресалии. Прво, Советот за безбедност во 1964 година ја усвои Резолуцијата 188 во контекст на британската воена акција во Јемен, каде „ги осудува [репресалиите] како неспоиви со целите и принципите на Обединетите нации“. Декларацијата за пријателски односиод 1970 на Генералното собрание на ОН одредува дека „државите имаат обврска да се воздржат од репресалии кои вклучуваат употреба на сила“. Трето, Меѓународниот суд на правдата во неколку случаи (Nuclear WeaponsCorfu ChannelNicaraguav United States) даде недвосмислена изјава за нелегалноста на вооружените репресалии. Четврто, Комисијата за меѓународно право при ОН востанови дека забраната за репресалии има статус на обичајно правило во меѓународното право.

Алтернативи секогаш постојат

Владите на трите држави кои интервенираат, инсистираат на тоа дека употребата на сила е единствениот одговор на недозволената употреба на хемиско оружје. Но, употребата на сила сама по себе е прекршување на најфундаменталното меѓународно право што ризикува крах на самиот систем кој ја создаде самата забрана за употреба на хемиско оружје. Не постои cомнеж дека за времетраењето на конфликтот во Сирија се направени флагрантни прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучувајќи и употреба на хемиско оружје. Но, вооружената интервенција како одговор на овие прекршувања нема законска основа според меѓународното право, било како самоодбрана, хуманитарна интервенција или во форма на присилни репресалии.

Состојбата во Сирија повторно на површина ги изнесува прашањата за адекватноста на меѓународното право денес и способноста на Советот за безбедност во сегашната политичка клима ефективно да одговори на хуманитарни кризи. Поточно, прашањето се однесува на тоа дали и штокога Советот за безбедност е навистина „спречен да ги исполни“ своите должности. Имено, одлуката на Советот за безбедност да не дејствува во конкретната ситуација може да биде квалификувана дека (а) Советот не може да дејствува; или дека (б) Советот всушност ја извршува својата примарна одговорност, со тоа што не дал согласност за употребата на сила во одреден случај. Но, доколку се смета дека Советот за безбедност е спречен да постапува, праксата на ОН дозволува институционално решение. Имено, станува збор за процедура каде Генералното собрание на ОН може да одговори на заканите за мирот кога Советот за безбедност не може да дејствува поради употребата на вето. Ова е постапка утврдена со Резолуцијата за Обединување за мир (1950). Во случај Советот за безбедност да не може да дејствува, државите кои се залагаат за хуманитарна интервенција може да го достават ова прашање до Генералното собрание пред да размислат за унилатерална интервенција.

м-р Викторија Јаќимовска

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Не е во прашање само Русија VS Западот. Има нов играч на масата.

повеќе

Ако на референдумот на 30 септември македонските гласачи изгласаат да се смени името на нивната држава во Северна Македонија, НАТО треба да ја покани нивната влада во Алијансата.

повеќе

Паметам како вчера да беше: пред самиот распад на Југославија, по локалните пазарчиња на таа земја нагло се расшетаа сомнителни типови што шиткаа лажњаци на статусниот симбол на мојата генерација - славните фармерки „петсто кец”. 

повеќе