Водно моли, престанете, боли!

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

Навистина е чудесна земја оваа наша Македонија. Еве пред некој ден бев на лекар во Клиничкиот ни центар и таму, на влезот на една од клиниките,  гледам една шарена табла со димензии 30 на 20 сантиметри отприлика, а на таблата двојазично, на македонски и на англиски, пишува дека се изразува благодарност до Јапонската влада за реновирањето на таа клиника.

Тогаш си го вратив филмот па ми текна дека разни странски влади на нам пријателски земји ни донираат амбулантни возила, ни реновираат училишта, градинки, амбуланти... па дури и ни подарија 700 пара чизми за армијата и полицијата ...(!??).

Си велам, како е можно да дозволиме пријателските ни земји да се грижат за основните работи потребни за наше функционирање, затоа што ние, нели, сме сиромашни и хронично немаме пари за такви ситници, а во исто време, такви сиромашни какви што сме, имаме 700 и кусур милиони евра да фрлиме по проектот Скопје 2014, на пример!??

Да не ги споменувам  неколкуте стотини привилегирани во државава кои успеаја да заработат милиони терајќи бизниси врзани со одговорните од власта (ФЕНИ е последен пример од многуте во низ), па сега се шепурат со лимузини од по 150 илјади евра пред затворите и раскажуваат јавно дека нивните татковци не биле криминалци, ами биле професионалци! Замислете какво  безобразие и нечувствителност е тоа.

Слушам новата власт ќе ги прекинала сулудите проекти на луксузно трошење предвидени од претходната небеска власт (рајска градина во населбата Аеродром, ски центар на Водно...) и тоа е многу добро, но сепак гледам дека умот до крај не им доаѓа. Имено, во буџетот за догодина, на пример,  предвидени се 50 милиони денари за изградба на жичарница од градот до Средно Водно. 

Прво што ми падна  на памет е фактот што Водно толку многу срамно и глупаво го оптоваривме со градби од сите страни, што навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

Втората работа што ми падна на ум е фактот дека Водно треба да биде и остане рај за аматерските планинари и велосипедисти, а на нив, ќе се сложите, не им треба жичарница за да се качат на планината и да уживаат во она малку природа што недопрена остана во близина на главниот ни град.

И третата работа што ми падна на ум е дилемата – од каде тоа надлежните стручњаци планираат да тргнува таа несреќна жичарница за Средно Водно? Читам планираат стартот ќе бил некаде кај белодробната болница во Козле. Па се прашувам, дали некој од проектантите на ова чудо невидено знае дека на почетокот на секоја кабинска жичарница насекаде во светот (вклучувајќи ја и онаа единствената што ја имаме од Средно Водно до неговиот пренатоварен со објекти врв ), мора да има голем паркинг за барем 200 – 300 автомобили и барем 10-тина автобуси. Инаку постоењето на секаква кабинска жичарница нема никаква смисла. И уште се прашувам, дали тие наши генијални умови (инвеститори и проектанти) знаат дека околу белодробната болница во Козле нема место игла каде да се фрли, а камо ли да се направи сериозен паркинг за оние што ќе доаѓаат со намера да се качат лесно и без мака на Водно.

Да, да, има многу неверојатни, но вистинити работи во чудесната ни земја Македонија. Една од тие работи е секако третманот на богатството што ни е дадено во вид на блиската ни планина Водно. Наместо сѐ да направиме за да ја сопреме сулудата изградба на планината, ние и понатаму непотребно и расипнички сакаме да инвестираме во градби во нејзината утроба, вклучувајќи ја тука и сосема излишната жичарница до Средно Водно.

Ќе им дадам бесплатно еден совет на одговорните ни власти – 50-те милиони денари предвидени во буџетот за жичарницата на Водно да ги пренасочат за преасфалтирање на пропаднатата делница од горе-долу добро проектираниот пат од Куманово до Ранковце, што е дел

од сега славниот Коридор 8. За овој Коридор во последно време многу се зборуваше. Имаше нашата Влада заедничка седница со

бугарската Влада, имаше деновиве во Софија и средба со одговорните од Светска банка, но никој не спомена некакви конкретни пари за подобрување на патиштата по Коридорот 8 и тоа навистина е трагично. Затоа што ако во најскоро време не се најдат пари за со нив да се обноват постоечките или изградат нови делници по тој Коридор, сегашните патишта таму сосема ќе пропаднат и патувањето кон Бугарија и Албанија ќе стане своевидна голгота која сигурно нема да допринесе за стопански и пријателски развој на односите помеѓу нас и овие две нам драги соседни земји.

Да, сосема е точно, Македонија навистина може да биде чудесна земја! Но, како сега стојат работите, сѐ помалку имаме основи за да може во чуда да веруваме. Понајмалку во врска со нашата Македонија и со нејзината блиска околина!

 

Емил Анастасов

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Албанците сакаат да се поврзат со Илирите, Бугарите со Траките, а според нашите политичари и гласните негатори само ние немаме такво право, а за тоа има најмногу доказателства во македонскиот јазик, но и во фолклорот, носиите, архитектурата, музиката...

повеќе

Мухамед Али Џина ѝ приговараше на соседната земја зошто се нарекува себеси Индија, а не Хиндустан.

повеќе

Откочувањето на политичките кризи со помош на форматот на лидерските средби не е најдобриот начин, но засега е најуспешниот за излез од повремената политичка кратковидост.

повеќе