Во случајот со Македонија ОН го повреди принципот на „суверена еднаквост“

При донесувањето на резолуцијата 817/1993 на Советот за безбедност и резолуцијата 47/225 (1993) на Генералното собрание повредени се членот 4, став 1, како и членот 2, ставови 1 и 7 од Повелбата на Светската организација, од што произлегува дека грчките ставови во врска со името на Македонија не се правно засновани.

Од фактот дека при приемот во членство на ОН, на Македонија и се поставени незаконити, без правна основа, дополнителни услови за прием, следи дека Македонија неоправдано е доведена во нерамноправна положба во однос на другите држави како во постапката за прием, така и после приемот. На тој начин во однос на Македонија е повреден принципот на  „суверена еднаквост”  на државите, содржан во став 1 од член 2 на Повелбата . Бидејќи правниот идентитет на државата е неодвоив дел на нејзината правна личност, следи дека правото на  поседување на име е инхерентно право на државата (кое таа го стекнува при своето создавање). Од принципот на суверена еднаквост на државите (член 2, став 1 на Повелбата) и принципот на неповредивоста на правната личност на државата, содржан во „Декларацијата за принципите на меѓународното право кои се однесуваат на пријателските односи и соработка меѓу државите, согласно со Повелбата на ОН”, произлегува дека државата има неотуѓиво право на самостоен независен избор на своето име. Спрема тоа, изборот на името на државата  влегува во нејзината строго внатрешна јурисдикција. Со вклучување на дополнителни услови во резолуциите на Советот за безбедност и Генералното собрание за прием на Македонија во членство на ОН, сврзани со името на Македонија, се повредува ставот 7 од член 2 на Повелбата. Во овој член се заштитува внатрешната јурисдикција на државата и од самите ОН.

Правна неоснованост на „аргументите“ на Грција

Од принципот на суверена еднаквост на државите (член 2, став 1 на Повелбата), следи и принципот на раздвоеноста на внатрешната и надворешната јурисдикција. Од овој принцип произлегува дека одлуките врзани за предмети од внатрешната јурисдикција (како што се државно или локално име) не можат да влијаат врз територијалните права на државата, односно не креираат какви било обврски во меѓународното право. Во спротивно, изборот на името би можел да биде инструмент за недопустливо мешање во суверените и неотуѓиви права на другите држави (т.е. да наметнува обврски од меѓународното право, вклучувајќи ги и територијалните). Ова е спротивно на став 7 од член 2 на Повелбата .

Слична аргументација може да се изнесе и во поглед на ексклузивноста на користењето на државно, односно локално име. Од суверената еднаквост на државите, и по причина што правниот идентитет на државата претставува неодвоив дел на нејзината правна личност (односно од неотуѓивото право државата сама да го одредува тој идентитет), следува дека државите имаат еднаква правна слобода при изборот на своето име. Оваа слобода не е ограничена (види Хенкин и др.) со диспозитивни норми на меѓународното право и практика. Одовде следи дека државите немаат ексклузивни права над имињата. Овој заклучок важи и за изборот и користењето на локалните имиња.

Од гореизнесеното произлегува дека ниту грчкиот став за наводните македонски територијални претензии кон Грција (кое името Македонија наводно имплицира), ниту тврдењето дека Грција има исклучиво право на користење на името „Македонија”, немаат заснованост во меѓународното право.

Врз основа на овие аргументи, може да се заклучи дека при донесувањето на резолуцијата 817/1993 на Советот за безбедност и резолуцијата 47/225 (1993) на Генералното собрание се повредени членот 4, став 1, како и членот 2, ставови 1 и 7 од Повелбата и дека грчките ставови во врска со името на Македонија не се правно засновани.

Со кршењето на ставовите 1 и 7 од членот 2 се доведува во прашање почитувањето на став 4 од истиот член кој се однесува на заштитата на политичката независност на државите. Понатаму, од фактот дека со примената на резолуциите 817/1993 и 47/225 (1993), Македонија во системот на ОН се претставува со неуставно/нелегално име. Од ова произлегува дека во ОН се прекршува и принципот на еднаквост на државите - членки при нивното претставување, имплициран во став 1 на член 2 на Повелбата.

Игор Јанев

(продолжува)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Неопходно е да се надминат бариерите кои во моментов се присутни во регулаторната, политичката, финансиската и пазарната рамка и кои го кочат напредокот кон обновливите извори на енергија.

повеќе

За прв пат имаме постапки за амнестија кои не се водат по службена должност (ex officio), туку по приватна иницијатива на засегнатите странки (ex privata).

повеќе

Причината за загриженост не е дали ЕУ успева да создаде функционални и стабилни земји или не, туку тоа што ангажманот на ЕУ во регионот води кон губење на кредибилитетот на Унијата како меѓународен актер и кон неуспех на нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика.

повеќе