Во СДСМ веќе нема место за критичари како Шекеринска, Димитриевски...

Критики за тоа дека треба да се слушаат критики од членови, зошто е разрешен Стојко Пауновски, зошто Максим Димитриевски не е член на Централен одбор, беа искажани на последниот конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата.

Радмила Шекеринска во своето обраќање на 26-от Конгрес истакнала дека е горда, но и за многу работи загрижена од некои одлуки и постапки на нејзината партија СДСМ, осврнувајќи се на тоа дека битни прашања се игнорираат од партиското раководство, а партијата им помага на луѓето кои се дистанцирале од паријата, додека се забораваат оние граѓани кои беа во првите борбени редови заедно со нив. Шекеринска дала остра критика и за начинот на кој партијата ги третира оние кои јавно го искажуваат својот став, одбивајќи да премолчат, додека во исто време има членови и функционери кои ги погазуваат својот став и принципи за остварување на лични цели.

Делегати на последниот Конгрес на СДСМ велат дека ваквото излагање на до вчера заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, дало поттик да се пријават за збор неколку делегати кои пред раководството на партијата искажале револт и незадоволство од одлуката за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, кој како долгогодишен член на нивната партија беше разрешен поради неговиот „пркос” кон премиерот Заев. Тие посочиле дека е неприфатливо само поради почитување на хиерархијата да се газат принципите на транспарентно и одговорно работење почитувајќи ги сите законски одредби во државата, а партијата токму поради тоа да разрешува квалитетни и професионални кадри како Пауновски.

Слично на Пауновски, новото раководство на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го тргна и актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски од новата структура на Централниот одбор на партијата. Имено, Димитриевски убедливо води на сите анкети и важи за најуспешен градоначалник во државата од редовите на СДСМ кој ја ужива довербата на граѓаните.

Зошто Заев и новото раководство се решија да го елиминираат Димитриевски? Дали искажаните ставови од страна на Димитриевски, кои се разликуваат од ставот на партијата се причината зошто тој не беше ставен на листата за членови на ЦО?

Нашите сознанија велат дека делегати побарале од раководството на СДСМ Димитриевски да биде ставен на листата на кандидати за членови на Централниот одбор, а нивниот предлог од страна на претседателот Заев воопшто не бил ни ставен на изјаснување пред делегатите. Заев оваа постапка ја образложил како „предлозите не се вредни за дискусија” и воопшто не биле земени предвид за гласање од страна на делегатите, спротивно од она што партискиот претседател го изјави на прес конференцијата.

Максим Димитриевски во процедурално обраќање, откако претходно бил исфрлен од листата кандидати за членови на ЦО, изјавил дека како член на партијата бил во раководството во опозицискиот период и во најтешките времиња за СДСМ и во време на отпорот на 24 декември, на Шарената револуција, но и на 27 април во Собранието на Р. Македонија и ќе продолжи да се бори со уште поголема енергија. Димитриевски впрочем порачал да се почитуваат и применуваат статутарните измени и заложбите за транспарентност, отчетност и одговорност кои се дел од измените и дополните на статутот на СДСМ од 15-от Конгрес на партијата во 2013 година. Осврнувајќи се на фактот дека денес не сите партиски функционери и членови на партијата го доживуваат или разбираат значењето на слоганот за транспарентност, отчетност и одговорност, Димитриевски смета дека е дадена преголема моќ на претседателот на партијата во спроведување на кадровската политика во изборот на општинските раководства. Овие раководства, пак, се трансформирале во мали интересни заедници на мали и тесно поврзани интересни групи, рече Димитриевски алудирајќи на неговата партиска организација во Куманово.

Според Димитриевски, како што посочил во неговото обраќање, одредени општински организации работат за интересите на мала група луѓе, а добар дел од носителите на највисоките државни функции сѐ повеќе наликувале на поранешниот режим против кој се бореле во периодот на опозиција.

Димитриевски беше жесток борец и близок соработник на Заев во времето на опозициското делување на СДСМ, член на извршниот одбор и претседател на комисијата за одбрана на партијата. По изборот за градоначалник во повеќе наврати отворено реагираше и се спротивстави на одредени владини политики во дел на распределбата на средствата преку Фондот за иновации кога фирмата на поранешниот вицепремиер Анѓушев доби грант, средства од Владата. Тој јавно реагираше на постапката за набавка на реагенси во Министерството за здравство кога Филипче се обиде во уште неразјаснета постапка да набави неколку годишни количини од човек фирма, но очигледно чашата се прелеа во моментот кога отворено се спротивстави на премиерот Заев за неговите изнесени ставови поврзани со македонско-бугарските односи во интервјуто на БГНЕС.

Дали се работи за „пркос” или пак за недостаток на демократски капацитет кај лидерот на СДСМ и елиминирање на сите непослушни ќе покаже времето кое претстои до локалните избори со самата одлука дали Димитриевски ќе добие поддршка за нова партиска кандидатура. Едно е сигурно дека тој е еден од ретките градоначалници од редовите на СДСМ кој високо котира кај граѓаните на сите анкети, а тоа го потврди и последната анкета на МЦМС на ниво на државата во која Димитриевски беше рангиран во топ три градоначалници во државата и најдобро пласиран градоначалник од редовите на градоначалниците на СДСМ.

Од доаѓањето на челната позиција на СДСМ па до денеска, елиминирани се сите досегашни пратеници поранешни пратеници од редовите на СДСМ, особено оние кои беа блиски соработници на Бранко Црвенковски, како што се Георгиев, Данева, Петров, Ивановски, Минчев, Куновска, Ковачев, Прентовиќ, Петар Атанасов, Зоран Јовановски, Станковиќ, Андонов, Велјановски и многу други.

Дополнително изненадува и фактот што само три од вкупниот број на градоначалници од редовите на СДСМ се составен дел на новото партиско раководство, односно Шилегов, Богоев и Костадинов. Се поставува прашањето: Со што само овие тројца градоначалници заслужија да бидат во новиот ЦО, а останатите не? Дали останатите градоначалници покажаа нелојалност и пркос како Димитриевски, па беа елиминирани, или пак ова е најава за целосно елиминирање од кандидатурите на останатите градоначалници на претстојните локални избори. Дали со ова СДСМ признава дека неуспешно како партија менаџира со локалните самоуправи во државата?

Во изминатиот период, партијата одржа голем број конгреси со статутарни измени кои го позиционираа Заев како апсолутен кадровик во СДСМ. Последното несогласување на Црвенковски со ставовите на Заев и барањето за оградување од ставовите на Заев од страна на партијата по однос на ставовите со Бугарија, очигледно дека ја прели чашата внатре во партијата и во партиското членство кое сѐ поочигледно е поделено на старите структури кои го основаа СДСМ и нови кои од позиција на власт се донесени во партијата, како што е случајот со актуелниот министер за здравство Венко Филипче, кој од близок соработник  на поранешниот министер за здравство во Владата на Груевски, Тодоров, денеска е позициониран на потпретседателска функција во СДСМ. Очигледно е дека се отвора простор за нови кадри во СДСМ, но притоа се елиминира во најголем дел сѐ што некогаш имало близок контакт со Црвенковски, или во меѓувреме отворено му се спротивставило на актуелниот претседател Зоран Заев.

Дали формата што Заев ја употребува за отворање на партијата за сите е всушност начин да се елиминира сѐ што не е лојалистички настроено, а од друга страна декларативно од самиот Заев, во третото поглавје на неговото обраќање на Конгресот каде охрабрува различно мислење и почитување на туѓи ставови, сепак се работи за строг легалистички пристап на раководење со партијата и ставање на истата под целосна негова контрола? Дали е ова почеток на крајот на демократијата и поделба на СДСМ?

Димитар Скендеровски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе