Во ЕУ дозволената брзина на автопатиштата е 130 км/час

Пребрзото возење носи жртви, штети, казни, невнимателност... И во политиката треба малку да се внимава на брзината.

1. Во јануари 2014 година тогашниот премиер на РМ, Никола Груевски, на новинарско прашање, објави дека македонскиот министер за надворешни работи подолг период комуницира со неговите колеги од Србија, Турција, Словенија, Црна Гора и најверојатно Хрватска, во врска со идејата, односно можноста за споделување заеднички дипломатски објект - амбасада со некоја друга земја во рамки на заштедите во македонската дипломатија. Додаде дека тука нема никаква политичка заднина, туку чиста финансиска заштеда, односно заеднички простории, а не да имаме заедничка дипломатија. 

Таа информација предизвика реакции во политичката јавност, особено што првите разговори биле направени со Белград. Кај одделни политичари се јави страв од „србизација и на надворешната политика“ (лидерот на ВМРО-НП Лубчо Георгиевски).

Аналитичарот, пак, Мерсел Биљали смета дека со сегашниот предлог се создава регионален и политички дисбаланс и порача во иницијативата да се вклучат, пред сѐ, Албанија и Косово.

Портпаролот на (и) тогаш владеачката партија ДУИ, Бујар Османи за Дојче веле изјави дека министрите Албанци веќе дале зелено светло за оваа иницијатива: „Тоа е принципиелен предлог кој не прејудицира со која соседна држава би се здружиле логистичките ресурси на дипломатските претставништва, конзуларните претставништва и во функција на новиот дух на регионална соработка која доминира во последниот период, како подготовка на регионот за влез во ЕУ“.

Од политички аспект гледано, дисонантните ставови со кого (во 2014 година) да делиме простор во ДКП-та, со цел да се заштеди, веднаш ми ги вратија во сеќавање (во пост - Глигоровата ера) критиките кон политиката на Глигоров и Владата (во почетокот на 90-те) за „еквидистанца“. Можам само да замислам какви ќе беа реакциите доколку таква иницијатива се јавеше тогаш.

Кога е прагматичниот аспект во прашање (заштеда), апсолутно се согласувам со ставот искажан од првиот министер за надворешни работи на независна РМ, Денко Малески, дека пред да се пристапи кон таква иницијатива, постојат многу други елементи со кои би се извршила заштеда, и наведува конкретни идеи („и тоа е скандинавско искуство“).

Доколку се докажат како точни информациите од Владата, неодамна објавени, дека големи износи на пари се злоупотребени во набавките на објектите на ДКП-та, цинично делува изјавата на тогашниот премиер дека се работи (само) за финансиска заштеда.

2. Согласно медиумското информирање (м.з. лично не сум видел или слушнал официјална македонска изјава), бугарскиот премиер на средбата со неговиот македонски колега Зоран Заев во Рим предложил Бугарија и Македонија да отворат заеднички дипломатски претставништва каде двете земји сѐ уште немаат свои амбасади. Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева за БНТ изјави  дека „можно е Бугарија да ѝ дозволи на Република Македонија да ги користи бугарските дипломатски претставништва во странство, каде што нашиот сосед нема свои. Ова вчера неформално го разгледаа премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев. Ова ќе биде уште еден знак за зближување“. 

Оваа информација не доби посебна гласнот во РМ, освен од  претседателот на ГДУ, Петар Колев, кој за истата изјави дека: „Револуционерна е идејата за заеднички дипломатски претставништва на Македонија и на Бугарија“. Имаше и одделни лични негативни ставови од одделни „аналитичари“.

Во недостаток на поконкретна концепција за што е разговарано (или ќе се разговара), останува да се толкува од пренесените изјави, а тие укажуваат на „ексклузивност“ на Република Бугарија со која Република Македонија би делела простор на ДКП-а. Патем, веќе сега РМ „издава“ простор на Црна Гора во Париз, а користи простории на амбасадата на Турција во Казахстан.

3. Виенската конвенција за дипломатски односи, а и востановената практика, јасно прецизира дека кога една држава бара од друга држава согласност за именување на (свој) амбасадор, додека не се добие согласност од државата на приемот, името на лицето не се спомнува (поради можност државата на прием да не е согласна со предложеното лице). Истиот принцип, согласно на Виенската конвенција за конзуларни односи, важи и за почесни конзули (особено што тие се државјани на државата каде се поставени или се бара нивно поставување).

Во таа смисла првично бев изненаден од „протекувањето“ во медиумите на информацијата за предлогот на Р. Бугарија за именување на македонски бизнисмен за почесен конзул. Не знам дали претходно било и на кое ниво разговарано за предлогот. Верувам дека било. Владата на РМ е таа која дава согласнот. И сѐ додека таа не донесе одлука, лицето би требало да биде „анонимно“, како и самата иницијатива.

Оттука, денеска дополнително сум изненаден од изјавата на МНР на Република Бугарија, Е. Захариева, дадена за бугарската агенција „Фокус“, со која експлицитно и јавно бара лицето да добие согласност (од Владата на РМ).

Изненаден, бидејќи Захариева се покажа како исклучително способна дипломатка која сега е и во столицата на претседавач на ЕУ М.С.

П.С.

1. Целосно ја поддржувам политиката на градење на добрососедски односи со сите држави.

2. Во својата кариера сум имал исклучително добри и коректни односи со бугарските дипломати.

2. Критичката опаска за изјавата на МНР на Р. Бугарија е токму во насока на заложбата за добрососедски односи и при тоа воопшто не навлегувам во изборот на кандидатот, туку е во насока на почитување на конвенциите и узансите.

Александар Тавчиовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе