Колумна

Власт (политичари) и народот

Народот е тој што треба да кажува дали политичарите се умни, знаат, ќе одлучи или пак ќе бара нивна смена.

Не сум застапник ниту поддржувач на централизирано (автократско) владеење. Во изминатиот период владееше еден човек (или двајца) и видовме каква „корист“ државата имаше од тоа. Но, исто така, не сметам дека најодговорниот човек во парламентарната демократија ги препушта сите ингеренции на „локалните шерифи“ - во многутте институции во државата. Потребен е деликатен баланс, онака како што тоа се прави во вистинските демократии. Постојат механизми и методи како тоа може да се спроведе – ако се сака. 

Денеска, сведоци сме на еден интересен феномен во нашата политичка реалност. За првпат, само после неколку месеци владеење, имаме состојба каде „нашите“ отворено и остро го критикуваат „нашиот“. Оние „другите“, пак, ќе одржат „реда ради“ некоја прес-конференција, со критики до власта, за да, ми се чини, народот слушне дека постојат (а, можеби и поради чекање да добијат и предлог за брак). Конечно, и тие, „другите“ неформално, се и натаму дел од власта. Засега критиките (јавни) доаѓаат од „нашите тешкаши“. Народот, главн, си разменува во муабети ставови меѓу себе. Би кажал: мрморат. И некој ќе каже дека „ете, тоа е добро“. Но, дали е тоа така? Тука веднаш ми паѓа на ум една позната изјава на српскиот принц Милош Обреновиќ кој во периодите 1815 – 1839 и 1858 – 1860 владеел (автократски) со Србија и кој е заслужен што Србија после првото и второто востание добила автономен статус во рамките на Отоманската империја. Имено, кога ги прашал своите советници „што народот кажува?“, советниците му одговориле дека народот молчи (како утеха), на што мудриот Милош веднаш им се развикал (во оригинал): "Popuštaj kajase,'lebac vam jebem! Dok raja ćuti nešto muti!" (кајаси се синоним за узди - н.з.). Милош Обреновиќ го има добиено епитетот „велики“ (the Great). Националното собрание (составот избран од негова страна и во кое доминирале неучени и од него зависни земјоделци) го има прогласено за „татко на татковината“. Инаку, се смета дека во тоа време бил најбогатиот човек во Србија, но веројатно и на Балканот.

За разлика од М. Обреновиќ, кој демонстрирал мудрост и добро познавање на психологијата на народот (спротивно на неговите советници - тема која заслужува посебна колумна за нашите советници – формални, неформални и тие во „сенка“), во јавноста, како антипод, често се користи изјавата (за која никогаш не е цврсто утврдено дека е нејзина) на Марија Антоанета (родена 1755 и погубена 1793): „Ако народот нема леб, нека јаде колачи“ – како синоним за арогантност на владетелите кон (својот) народ.

Односот владател (власт) – народ е стар колку што и цивилизацијата. ДЕМОКРАТИЈА, односно владеење на народот потекнува од античка Грција, односно од поимот dēmokratiā е кованица од два збора: „dēmos“ (народ) и  „kratos“ (владеење) и се појавува некаде во средина на 5-от век п.н.е. како израз за политички систем кој тогаш постоел во градовите – држави во античка Грција и особено во Атина. Постојат (непотврдени) индиции дека „демократија“ била практикувана и пред тоа, во Индија. Околностите во кои била воведена и практикувана демократијата биле во голема мерка ограничувачки: градови – држави, племиња… односно, мали заедници, и не ја овозможувале демократијата во денешна смисла на зборот. Дури во 18-от век кога почнуваат да се формираат нации – држави, директната демократија го отвори патот за еволуција кон претставничка демократија (и создавање на мрежа на политички - демократски институции и пракса).  

Демократијата во историјата доживувала разни фази и разни облици. Во средниот век идејата за демократија скоро и да се изгубила – освен во некои градови во кои постоела самоуправа, како и во делови на Швајцарија. Мошне значаен чекор кон денешната демократија ја има воведено Монтескје, во 18-от век, со промовирањето на концептот на „поделба на власта“. Самиот демократски политички систем има свои различни видови. Најчестата и најважна разлика се однесува на 1. Директна демократија и/или, 2. Претставничка демократија. Современата демократија е, главно, претставничка демократија. Постојат и застапени се определени форми на директна демократија: референдум; плебисцит; анкетирање на граѓаните...

По дефиниција и традиционално, целта на демократијата е да спречи тиранија (концентрација на моќта во рацете (или главата) на еден или неколку лица). Односно, демократијата сама по себе не гарантира најдобро владеење. Но, таа ја има примарната цел да ја ограничи моќта и владеењето на поединци и да осигура дека лошата власт може да се смени по мирен пат. Во 19-от век демократијата станува универзална идеја и мантра во политичкиот живот, а во 20-от век истата станува политичка реалност. Иако не може со сигурност да се потврди, сепак многу често се цитира и (наводната) изјава на Винстон Черчил дека „Демократијата е налошиот вид на владеење, освен сите други видови на владеење кои веќе биле користени“. Подоцна е констатирано дека во својот говор во 1947 година Черчил, само се повикал на изјава на некоја друга (непозната) личност.  

Во денешно време поимот демократија претставува универзален поим кој (иако не постои универзално прифатено толкување на поимот, а уште помалку практикување) властите и политичарите често, дури и пречесто, го спомнуваат. Така е и во нашата држава.

Иако и во рамките на поранешната федерација (СФРЈ) постоеше, по мое мислење, во споредба со другите држави од кампусот на т.н. „социјалистички држави“ определена доза на демократија во РМ, што денеска често се заборава или целосно негира, сепак вистинските чекори кон воведување на замислената демократија почнаа со осамостојувањето на РМ и нејзината трансформација во „европска држава“. Да не заборавиме на сите негативни околности во кои тој процес почна и се одвиваше – како отежнителни.

Постојат (најмалку) четири главни елементи кои ја дефинираат демократијата како систем на владеење: 1. Политички систем за избор и смена на власта преку слободни и фер избори; 2. Активно учество на народот, како граѓани, во политичкиот и цивилниот живот; 3. Заштита на човековите права и слободи на сите граѓани; 4. Владеење на правото во кое законите и процедурите се применуваат подеднакво кон сите граѓани.    

Секоја од наведените четири точки, навидум, се јасни и даваат можност секоја пристојна држава да се изјаснува дека е демократска. Но, како велат (и) во дипломатијата: „Ѓаволот лежи во деталите“.

Да ја земеме само првата точка во предвид. За да имаш „слободни и фер избори“ на ниво на држава, потребно е, како минимум, како предуслов, да имаш и демократија во политичките фактори кои учествуваат на изборите – во политичките партии. Обично „демократски процеси“ во политичките партии имаме само кога се најавува или извршува смена на раководството на партијата. Тогаш сме сведоци дека одделни личности искажуваат ставови кои не се на линија на нивната партија (кандидатите). И тука завршува. Со изборот на новото раководство повторно се воспоставува унисоност. Сите гласаат, на секоја предлог одлука, со „ЗА“. Не се дозволени (можеби со некои мали исклучоци) фракции во партијата. Сите размислуваат исто! Сите тие се предложени и избрани од страна на членството на партијата, а всушност, со големо влијание од „централата“. Ако ја продолжиме оваа логика, и пратениците во Собранието кои зад себе имаат околу 10.000 гласови од народот, скоро по правило гласаат унисоно. Не дека го делам неговиот став или сум против, но како позитивен пример би го истакнал пратеникот кој неодамна во Собранието гласаше различно од сите негови со-пратеници на владеачката коалиција. Таквата демократска промена во РМ можеме да ја очекуваме кога ќе се смени изборниот систем и кога пред граѓаните ќе бидат отворени листи – со можност граѓаните да избираат за пратеници лица со интегритет и со лични ставови. Посебна приказна е составувањето на владата. Ако половина од кандидатите после изборите заминат во министерски фотељи или, пак, како министри се назначат лица кои претходно не биле ставени на проверка дали народот има во нив доверба, тогаш реално избирачите се ставени во заблуда. Затоа пред изборите или ќе се објави „влада во сенка“ или, пак, министри ќе бидат именувани само од редовите на избраните пратеници (како во В.Б.).  Уверен сум дека тој принцип е многу близок до вистинската демократија.

Сѐ погоре напишано е само гласно потсетување и размислување околу демократијата.

Сега доаѓам на поенатата која, всушност, ме натера да ја пишувам оваа колумна. Ако  се држиме до дефиницијата (владеење на народот) како е можно секој ден, и особено изминатите неколку години, да слушаме како политичарите  - од тогашната и сегашната власт и опозиција - го „фалат народот“: народот (македонски) е умен; знае да одлучи; nародот ќе одлучи... народот, народот, народот...!

Лично мислам дека тоа е непромислено (освен за придобивање на народот за кого да гласаат) и навредливо и не е во согласност со базичните принципи на демократијата. Народот е тој што треба да кажува дали политичарите се умни, знаат, ќе одлучи или пак ќе бара нивна смена (ако згрешиле на изборите). Дали сме слушнале на пример дека дански (холандски; германски....) политичар постојано повторува дека „Данците се умни, знаат што сакаат...“.

Од друга страна, пак, од лидерот на најголемата, после македонската, заедница во државата, не сум слушнал, или сум пропуштил да слушнам, дека се повикува на „народот“. Обично слушам дека се повикува (само) на Албанците и нивните права. А тие се само еден дел од народот на РМ (со целосна почит за рамноправност и еднаквост на граѓаните и нивните права). 

Нашите политичари, разбирливо, не се единствените кои се повикуваат на „народот“. Меѓутоа, постои разлика во тоа обраќање и третманот на народот. Така, да го споменам говорот на Абрахам Линколн (од 273 збора) одржан во 1863 година во кој се повикува на основните принципи на Декларацијата за независност и идеалите на Унијата: „...влада на народот, од народот, за народот...“. Достоинствено и со почит кон народот.

Кога веќе цитирам изјави на светски познати лидери кои се однесуваат на „народот“, не можам, а да не спомнам, како завршница, и една изјава која потекнува од нашиот простор и која ја доживувам како спонтана, односно искрена. После еден (тенок пораз на) изборен процес, тогашниот лидер на денеска владеачката партија (и поранешен премиер и претседател РМ), г-динот Б. Црвенковски изјави: „Народот секогаш е во право, и кога греши“. Ваквата изјава, дадена спонтано (и тоа по изборен пораз), ја доживеав како автентично разбирање на поимот „демократија“.  

Александар Тавчиовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ова повеќе не е „бегалска криза" ниту „криза за управување со бегалци". Сега веќе е хуманитарна криза по сите дефиниции.

повеќе

Али Ахмети на средбите со Тачи и Харадинај изразил уверување дека македонските Албанци се подготвени да имаат блиска соработка со Косово во насока на проширување на влијанието на албанскиот фактор.

повеќе

Сега треба лидерите во Скопје, Атина, Брисел, па дури и во Вашингтон да осигурат дека храброста што ја покажаа македонските граѓани нема да биде залудна.

повеќе