Колумна

Вклучувајте го разумот во кавгите со Бугарите

Мислам дека Европа нема ни да дозволи полемика за македонскиот јазик затоа што тоа е строго научна работа. Освен нашите политичари-шупелки, никој друг не би посегнал по таа светост.

Со оглед на тоа што Македонија била и, верувајте, останала романтичен дел од бугарската традиција, односно историја и културна меморија, пожелно е да не согориме во кавги и ароганција со нив и против нив. Како што Европа ја испрати Хрватска да се договори со Словенија, така и Македонија со Бугарија. И по евентуалните кавги така ќе кулминира спорот.

Прво да видиме зошто и по 75 години од нашето официјално прифаќање како нација во светски рамки, тоа нивно поведение останало толку загрижувачки агресивно и неповолно за нас. Дали можеби е генерирано од самите нас? Познавам многу образовани „чисти” Бугари кои се восхитени од брзата еманципација на македонската нација. Затоа и ние треба да ги почитуваме нивните вредности.

Моето петдецениско искуство во оваа многу чувствителна сфера ми вели дека при освојување на своите национални права ние често војувавме самите против себе. Во исто време се конституиравме и драматично се роневме како народ. Афирмација и декаденција истовремено, тоа е ретка појава меѓу народите.

Ќе илустрирам со примери. Секој знае дека Војдан Чернодрински, авторот на „Македонска крвава свадба”, родум од малото Селце меѓу Струга и Дебар, го вреднуваме како  основоположник на македонската драмска литература. Е, ама неговиот син Стојан, едно високо мажиште, ме посети во 1971 година и ми рече: „Јас се пензионирав како бугарски офицер со највисок чин, и, да ми ставиш нож под грло не можам да се декларирам поинаку освен како Бугарин”.

Го прашав: „И зошто дојде кај мене?”

„Затоа што соништата не ми даваат мир. Може да си умрам без да го исполнам аманетот на татко ми”, ми одговори.

Го прашав: „Каква желба требаше да му исполниш?” на што тој си ја отвори душата: „Пред да умре ме замоли сите негови ракописи да ги донесам во Македонија”.

Така и се случи. Целата заоставнина на Чернодрински потоа си дојде во Државниот архив на Македонија. И беше објавена во книги.

А кога му отидов во гости на тој Стојан, Бугарин од татко Македонец, имав што да видам. Куќата му беше накитена со македонски реликвии, од грамофонот ечеше само нашиот фолклор. Дома сите зборуваа како вчера да заминале од Струга, а не пред седум децении.

И не само тоа. За да ме увери дека не е изрод од родот свој, тој Стојан ме шеташе заедно со мојата сопруга по старите делови на убавата Софија, ми покажуваше цели улици со фамилии што потекнуваа од: Битола, Лерин, Воден, Ресен, Струга, Охрид, Крушево, Смилево. Прилеп, Велес, Ново Село, Штип... На моето чудење дека толку многу луѓе потекнуваат од Македонија, тој малку на шега, рече: „Третина од Софијанциге се Шопи, третина Македонци, останатите Татари”.

И не само тоа. Ме одведе Стојан во посета на државни архиви, на институти и библиотеки за да видам колку грижливо се чува македонското духовно наследство. И се води како дел на бугарската ризница. Но сите кадри што работеа во тие установи со македонските артефакти беа од македонско потекло. Многу од нив со докторати за бугарскиот карактер на Македонија. Веќе близу сто години бележеше таа нивна „посебна љубов” за нашата убава земја.

Како круна на тоа, Стојан ме однесе и во Бугарската академија на науките, која само што ја имаше дадено во јавност книгата „за вештачката” македонска нација. Научникот што го измислил циничното мото во книгата: „Македонската нација се појавува на секои илјада години” беше од Охрид. Испивме кафе сожаливо загледани еден во друг, си подадовме рака на разделбата. Судбини.

Илјадници образовани Бугари од македонско потекло оствариле убава кариера застапувајќи се за оваа теорија. Еден од големите наши пријатели, Жељу Желев, ми тврдеше дека бројот на Бугарите од македонско потекло не е помал од два милиони жители. Многу од нив и денес се активни во културниот, образовниот и особено политичкиот живот на соседната земја. Не очекувајте политичарите да ги прифатат нашите теории пред да ги задоволат нивните. Се разбира дека тоа е болно, дури и премногу болно за нас. Но, тоа е патот што води во Европа. Уште еднаш сме задоцниле во историјата која скапо ги наплаќа грешките. И  мислам „не е греда” што може заедно да славиме нешто со македонските Бугари. Како со македонските Американци, Канаѓани, Швеѓани, Австралијанци. А пак заедничкото поклонение на гробот во Рим потврди извесен шарм за соживот.

На сите тие страдалници што бегале од разни војни и погроми во Македонија, Бугарија им обезбедила социјално згрижување. Иднина за нивните поколенија. Со што можеле тие да се оддолжат? Се разбира, со лојалност. А таа лојалност понекогаш може да биде јаничарска. Да се усвити како жар црвена. Како самата крв. Ние сега, по договорите со Грција и Албанија, кои се многу неповолни, по малку личиме „на расчепатена” девојка. Не е исклучено врховизмот во Бугарија да мисли „дека сега му е мајката”.

Мислам дека и македонските Бугари, за кои политичарите ги бараат сите тие отстапки од нас, се по малку исплашени дека ние во Унијата ќе ги загрозиме нивните теории. Демек си дошол вистинскиот газда на македонските традиции и ќе изгуби вредност нивната теорија за бугарскиот карактер на Македонија.

Сите тие што направиле кариера, било мртви преку своите дела, или живи како гласачи на изборите, имаат свое влијание во овој нов хаос. Мислам дека Европа нема ни да дозволи полемика за македонскиот јазик затоа што тоа е строго научна работа. Освен нашите политичари-шупелки, никој друг не би посегнал по таа светост.

Што се однесува до прашањето „кој кого треба да слави” најверојатно обете страни ќе ги упати на поука од светските енциклопедии. Да речеме на „Енциклопедија Британика” во која за миг се наоѓа формулата. Ако древните цивилизации се светска цивилизациска придобивка и може да ги слави секој што ќе открие артефакти на својата почва. Без грижа следува аналогија за целиот смртен живот.

Според мене, нека слават што мислат дека треба да се слави. Нека играат македонски ора и нека пеат наши песни. Тие никогаш не криеле дека тоа е македонски фолклор, но и дека тоа е најромантичниот дел на бугарската душа. И не можат да се излечат од таа слатка болест затоа што третина од нацијата има македонско потекло. Дали ова е и наша шанса да се запознаеме подобро, затоа што ретко кој од нив го има заборавено дијалектот на својот роден крај, само Господ знае.

Импресивна бројка наши луѓе станале великани што се вградиле во бугарската традиција. Од Димитар Благоев, основачот на модерна Бугарија, до Георги Димитров и наваму. Имав задоволство да се дружам со нивните потомци. Еден од нив, Благој Васов, капетан на долга пловидба, на памет ја знаеше македонската жална историја. Не им се знае бројот на славните писатели, научници од македонско потекло. Дојдено ли е времето да се гордееме и со нив, како што се гордееме со еден Стојан Христов во американската книжевност? Затоа што монолозите на еден Димитар Талев се на чист бугарски јазик, но дијалозите на јазикот од неговиот роден град Прилеп. А самиот тој е книжевна галаксија.

Во односите меѓу нашите народи имало и светли мигови. За нив треба да се живее. Сигурно знаете дека најголем експерт кај нас за дејноста и делото на Гоце Делчев беше професорот Полјански, нека му е лесна земјата. Поминаа веќе четири децении откако се објавија петте тома на Делчев. Треба да ми верувате дека при подготвувањето на тие дела на нашиот врвен научник му помагаа негови истакнати колеги од Бугарија. Со тие дела потоа одевме на саемите во Софија. И не можевме со примероците што ги носевме да ги задоволиме сите купувачи на тие дела.

Божин Павловски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Државата Бугарија ги исцрта своите позиции, а државата Македонија не. Сега сме во финалната фаза – за овие прашања да зборуваат партиските водачи – Заев, Мицкоски, а поретко нивните статисти – пратениците и претседателот на Републиката.

повеќе

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе