Вистината за нашата Рубикова коцка

(Повод: Mакедонска Рубикова коцка (2018-2019-?), Александар Тавчиовски, 1 јули, МКД.мк)

 

Тавчиовски „умешноста“ за  средување на наметнатиот проблем со името ни ја објаснува преку средувањето на коцките според 6-те бои од Рубиковата коцка. Паралелата која тој ја прави меѓу овие две работи е в ред. Меѓутоа не сум сигурен дека коцката сами, со нашето сиромашно знаење, ќе ја сложиме.

За да се расчисти што е поблиску до вистината околу средувањето на оваа коцка, мора да се  повикаме на авторитети кои ја познаваат оваа проблематика. Најпогоден за тоа е пристапот на професорот Сендоул, од Институтот за средување на конфликти на Џорџ Мејсон универизетот, употребен во неговата студија „Мирот и безбедноста во постмодерниот свет“, подготвена за потребите на ОБСЕ, институција во која г-динот Тавчиовски беше наш амбасадор. Пристапот на амбасадорот дека проблемот со наметнатиот конфликт е решен на задоволителн начин, а нѐ очекувале уште неколку други  предизвици - ратификација на спогодбата, уставни промени, референдум... и ако нив ги надминеме коцката ќе сме ја сложеле е погрешен. Него не го интересира каков е исходот и текот од преговарањето, туку како да се реализираат нашите обврски. Пристапот на кој мора да се навалиме не се грижи за историјата/редоследот  на збиднувањата, како што се „бомбите“ на Заев, заклучокот на НАТО од Букурешет во 2008-та, улогата на некаков Клуб на дипломати... на кои Тавчиовски ги базира своите оценки, за да докаже дека СДСМ има целосна заслуга за  надминување на проблемот, а не на суштинита на наметнатиот спор односно каков е и каков треба да биде исходот.  Актерите треба да  бидат оценети според нивните цели, мотивации и агенди за да се дознае што тие подразбираат под значење на нивните погледи и акции за да се дознае нивното внатрешно разбирање на проблемите.

И второ, оној кој размислува и знае што значи преговарање и ги споредува со добиените информации, и потоа цени дали тие кореспондираат со теоријата, со цел да се добијат сознанија со кои ќе се објасни суштината на проблемот. Тука некаде се  разделуваат моите со оценките на г-динот Тавчиовски за  знаењето или незнаењето како да ја сложиме коцката на Рубик.

За „бомбите“ мора да се каже следново. Тие се продолжение на поранешните слични петарди употребени за промена на власта. Освен што се врв на интензитетот на ехото, тие не се адекватна алатка за промена на власта, бидејки не ја изразуваат моќта на една партија со деморатски средства да го убеди народот да му ја довери власта. Не треба да се минимизира суштината на бомбите и ако сето таму изнесено е вистина, казните треба да бидат далеку поригорозни и од оние утврдените во кривичниот закон. Поентата е што некој, без оглед дали е од МВР или од надвор, подметнува неадекватен и лесен метод на промена на власта. Без да нѐ остави да учиме демократија чекор по чекор или преку  нечие друго искуство.

Така и неспособните политичари лесно доаѓаат на власт, што особено е штетно во мала земја, без критична маса на политичари со политичко знаење. Покрај нив, сериозна можност добиваат и некои манипуланти за остварување на своите лукративни цели. Такви случаи кај нас има во секој изборен круг но, од нив не може да се научи ништо во врска со преговарањето, освен што оваа власт немала бомби за другата страна со кои би ја принудиле на поповелен исход. Ако бомбите се  средство за остварување политички цели, тогаш мојата фантазија ми дозволува да бидам креативен и да прашам дали другата страна имала бомби за работењето на оваа власт. Ако се има предвид исходот, тогаш оваа моја фантазија е сосема блиска до релност.

За улогата на нашата дипломатија и посебно на некаков клуб на дипломати јас имам сериозни забелешки на нивното искажано не/знаење, бидејки таа/тие не доведоа во ситуацијата во која пливавме на површина на водата и не нуркаме подлабоко во суштината на проблемите. Тие немаа одговор зошто ни се случи тоа што ни се случи во 1993-та пред и по приемот во ООН. Не ја расчистија дилемата дали наметнатиот спор е правен или политички. А не се гледа и нивниот придонес во процесот на преговарањето за Преспанската спогодба.  

Ако се цени улогата или значењето на СДСМ за споментата спогодба, тогаш за мене тоа се сведува само на желбата конечно овој проблем да се реши. И толку можеже да се очекува од оваа власт, ако се има предвид агендата која сегашниот премиер, пред освојувањето на власта ја најави во Берн, а потоа и со склучениот договорот со Бугарија. Затоа, според исходот, спогодбата не само што не е асиметрична, туку речиси целосно е на наша штета. Можеби намерата е изградба на ново граѓанско општество, но средствата кои се преземаат нема да ги оправдаат целите. Мешањето на целите со намерите/желбите на стартот на преговорите укажуваше на крајно слабата позиција во овие преговори, невидена во преговарањето. Кадебило. Таа губитничка позиција беше предвесник за исходот од Нивичката спогодба. Во преговорите не се решаваше разликата во името, како што е утврдено со Резолуцијата 817 на Советот за безбедност, туку нашата безбедност преку влезот во  НАТО, а не безбедноста на соседот. Но, не е јасно како ние им ја загрозувавме безбедноста на јужниот сосед во изминатите 27 години и кој ја загрозува нашата безбедност: соседите или Русија. Попрво верувам дека тоа се првите, отколку втората страна. Не знам дали оваа страна има намера да го смени нашето име и идентитет заканувајќи се по нашата безбедност. Не сум русофил заради тоа што оваа земја во историјата никогаш не била на наша страна, туку на страната на соседите. Ама не сум и натофил заради тоа што јас сите услови што ни ги постави западната меѓународна ги доживував како недостоинствена уцена, споредувајќи ја со таквиот лажен предлог на еден командант на концентрационен логор, даден на една мајка дека ако избере едно дете од двете деца кое ќе го жртвува, другото ќе го спаси, за што јас веќе сум го изнел својот став на овој сајт.

Значи да потсетам на мојата поента од горниата  паралела. Меѓународната од нас бара да се откажеме од идентитетот (едното наше дете) за да влеземе во тој клуб (второто дете), кои подеднакво ги сакаме. Нема таква мајка. Ако не ми верувате прашајте си ги вашите сопруги, мајки на вашите деца.  Едина придобивка од овие наши пристапувања кон овој или кој било друг клуб јас ја гледам во шансата да учиме, што и досега без членство го правевме. Ете и да ги прифатам аргументите на застапниците, да жртвуваме нешто наше за влез во кој било клуб. Не знам зошто се жртвуваа нашите вредности, како што се редефинирање на нашиот јазик, ознаките МКД и МК, промена на името и тоа ерга омнес, Уставот и др. Најтрагично е што нема информации дали идентитетот бил на преговарачка маса, па СДСМ и нејзините послушници нѐ убедуваат дека со државјанството ни бил загарантиран идентитетот. Ама забораваат на колективниот идентитет кој го избришаа со гума.

Ова се обидува да ни го објасни, ама неуспешно, и угледниот професор на Виенскиот институт Владимр Глигоров, инаку син на нашиот прв претседател. И тој се заплетка во замката на индивидуалниот со колективниот идентитет, па побара тоа ЕУ да го заврши со писмо!? (види интервју во Слободен печат од сабота и недела). Прашањето кое бара одговор гласи: може ли кој било учесник Македонец по род на меѓународна конференција да се декларира како Македонец, припадник на македонската нација. Според договорот таква можност не постои, освен можноста да се декларира како граѓанин на новоименуваната држава. На што упатува ова: на знаење или на неговиот антоним. Така со овој договор меѓународната умешно се извлече од тоа, таа да биде одговорна за промената на нашиот идентитет, а вината ја презеде сегашната власт со поддршка на поединци од нашата научна фела, извршувајќи така политицид врз својот народ. Да бидеме начисто, особено за оние кои креираат нов самоникнат коров на нашата научна и информативна почва, дека погледите тука пласирани, базираат на научните светски погледи на научната фела, не се самоникнати во мојата глава.

Немам информации, ама и не сум сигурен дека и урнекот на договор добиен од САД, на што укажуваат нашите дипломати од нивниот клуб, бил таков каков што е исходот од Преспанската спогодба. А колку би сакал да биде даден на увид тој урнек.  Ама ако некогаш види бел ден, би го потврдил незнаењето на нашите надлежни од областа на преговарањето, за националните интереси, консензусот и сл. Затоа веќе можеби е уништен.

Наметнатиот проблем не е решен компромисно, ниту требаше  да се решава преку интегративниот пристап кај кој исходот секогаш е компромисен. Ама нашите преговарачи тоа не го знаеа, па преговараа за вредности за кои не се преговара: идентитет, јазик, култура и сл. Дури тој процес не го ниту затворија со оваа спогодба, туку го отворија и за него ќе следат преговори со некакво тело на двете влади. Интегративното преговарње е пристап кога треба комромис за интересите на двете страни, а не за вредностите. Затоа јас и не се согласувам со изјавата на Меркел која многу често денес се користи да се оправда штетниот исход. И за тоа имам пишувано на овој сајт.

И ако заборавиме на незнаењето кое го изрази нашата страна во овие преговори и го споредиме исходот со знаењето за тоа како се стигнува до компромис за интереси (материјални добра) според интегративното преговарање, исходот од спогодбата пак не е компромис. Во теоријата за преговарање за да има компромис треба двете страни да имаат интереси и својот влог во питата која треба да се подели. Грција не го вложи името на својата северна покраина во овие преговарања и затоа не само што ги сочува своите национални интереси, туку бараше и доби поголем дел и од нашите „интереси“- читај вредности, а нашите преговарачи многу лесно се согласија на таков пристап. Затоа не знам од каде им е сега задоволството од постигнатиот исход кој уште и некои новинари и дипломатски уредници го величат. Знам дека е целосно морбидно,  ама мора да се каже дека тоа заличува на правење веселба за некој кој требало да се роди, ама немало пород. Така рационализацијата на преговарачите и нивните следбеници води кон губење на рационалниот критериум за разграничување на доброто од злото и наметнување на злото над доброто. Ама и покрај тоа што некого си опоменал дискретно дека, тоа  што мисли не е компромис, а тој и понатаму тврди дека тоа е компромис, упатува на тоа дека си имаме работа со ирационални политичари и пишувачи на текстови кои не ги знаат вредностите и потребите на национално ниво, како што се рационални кон задоволување на своите и потребите на членовите од фамилијата. А можеби има и други мотиви за ова „незнаење“, кои ќе ги дознаеме по извесно време, а можеби по почетокот на скринингот.

Спогодбата не е достоинствена, бидејки колективниот идентитет не ни е гарантиран туку жртвуван заради инклузивноста во евроинтеграциите, што придонесе да се зацврсти сомнежот за нашата самосвесност кои сме и на кој колективитет припаѓаме. Доведена е во прашање и нашата психолошка стабилност заради неправедниот исход од спогодбата со цел да се обезбеди контролата над нашиот живот  и др. И ова не се мои оценки, туку се изведени од моделот за достоинствено преговарање.

Да споменеме нешто и околу сериозниот расцеп меѓу позицијата и опозицијата околу овој наметнат проблем и неговото решение. Мислам дека двете страни немаат доволно знаење за преговарањето. Она што за мене е најбитно да се спомене, тоа е дека отсуствуваше консензус за пристапот, стратегијата, сценариото и  исходот, меѓу двете партии и претседтелот, пред СДСМ да се вклучи во преговорите.

Оттаму целокупната одговорност за исходот го носи партијата на власт. Во демократските општества вакви авантури на власта се неморални и неетички и затоа осудени на пропаст. Токму заради незнаењето како се стигнува до консензус, кај нас царува војната за власт меѓу овие две партии од осамостојувањето, а тоа директно се одразува на делење на македонското национално ткиво. Мене ме загрижува и тоа што на ова оро се фатени и некои професори по уставно право кои велат претседателот  требало да го потпише указот за ратификација на спогодбата. Јас не сум политиколог ниту правник, ама знам дека во развиените демократии претседателот ако знае дека се загрозени националните интереси, не само што не потпишува таков акт, туку јасно става до знаење дека актот нема да го потпише. Очекувам одговор на мојата дилема од тие професори кои на правото му даваат приоритет над политиката и моралните вредности.

За тоа што претставува лепак на националното ткиво, нашите партии треба да учат од албанските партии кои го зацврстуваат својот идентитет преку хомогенизација на својата заедница, најчесто преку Тирана. Јас не гледам такво знаење кај нашите партии и останатите чинители во нашето општество, какви што се науката, секторот за јавно информирање и др., па така ние имаме две македонски заедници, едната на СДСМ, а другата на ВМРО-ДПМНЕ и тие така опстојуваат и кога станува збор за нивен врвен национален интерес. За мене оваа наша политичко-патолошка наклонетост кон тужакање, расправии, дрдорења и попречувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се основниот елемент заради кој ние тешко дека ќе добиеме датум за преговори во наредната година. А кога би добиле датум е неизвесно. Ако консензусот е метод за доаѓање до одлука, а одлуките се израз и мерка на демократијата, тогаш нашата Ахилова петица за влез во ЕУ е тоа незнаење како се доаѓа до него. Не слушнав или прочитав, а очекував,  тоа прашање да се  покрене во процесот „Жан Моне“.

Мојот став е дека ние немаме  политичко, дипломатско и друго знаење како да ја склопиме Рубиковата коцка. Со исходот од спогодбата, во целост се остварени само интерсите на меѓународната и на Грција, а нашите не и затоа може да се оцени дека добивме неразумен компромис.

Разумниот компромис бара задоволување на интересите на сите страни подеднакво. Заради тоа јас останувам на мојот став кој го изнесував повеќе години наназад, дека ова прашање требаше да се реши преку мудар пристап со кој на другата страна требаше да и се препушти решението, како и што го наметна.

                                                                        М-р Ѓорѓи Трипков, економист

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе

Mоменталната правна поставеност на урбанистичкото планирање не обезбедува соодветна судска заштита на граѓаните.

повеќе

А кои се играчите на игрите на среќа? Во огромен број тоа се токму оние лица со просечни примања и пензионери

повеќе