Високото образование мора да се усогласи со пазарот на трудот

Приоритетна задача стопирање необмислената дисперзија на факултетите како резултат на самоволен чин на Владата детерминиран од интересите на политичките партии.

Високото образование е есенционален сегмент во образовниот систем на секоја држава, затоа што дава профили и продукти во општесвените процеси на дејствување, односно во сите свери во општесвената дејност на делување. Во тие рамки треба да делува високообразовниот систем во нашава држава компатибилно со другите балкански, европски и вон европски земји.

Високостручните и научни кадри претставуваат развоен ресурс за постојан развој и напредок кој не може да се реализира без високостручни и научни кадри.

Од извршените анализи и студии кај нас и пошироко високостручните и научни кадри од нашата земја ја напуштаат систематски својата татковина и се вработуваат на пазарот на трудот во други балкански и европски земји како готов кадар и својот научен-стручен потенцијал мотивирачки го истакнуваат во други земји.

Од наведените анализи констатции по разните меѓународни ранг листи високообразовните институции се наоѓаат на дното од листите и ги нема во првите петстотини на ранг листата. Од тие причини неминовна е потребата од сериозен приод и вклученост на сите чинители во државата за преиспитување и санирање на нашето „болно“ високо образование.

Системот на образование, почнувајќи од предучилишното, основното, средното и високото образование дејствуваат поврзано взаемно по принципот на сврзани садови.

Без стандардизирано и квалитетно предучилишно, основно и средно образование, не може да се очекува да се реализира и квалитетно високо образование. Оттука, неопходна е целосна реформа во сите степени на образованието (предучилишно, основно, средно и високо образование, вклучувајќи ги тука постдипломските и докторските студии). Каков е квалитетот на основното и средното образование го покажуваат резултатите од тестирањето на учениците од Републиката на меѓународни натпревари. Загрижувачки се резултатите од тестирањето на ПИСА-2016 (иста е состојбата и 2017 година) на кои ученици од Република Македонија (15 годишна возраст) го зазедоа претпоследното место во Европа.

Реформите во основното образование треба да тргнат од реафирмација на наставникот, кое е неговото место, улога, значење и интегритет на наставникот, како клучен фактор во образовниот систем, преку модернизирање на наставните програми и нивно приспособување со потребите на новото време и усогласување со возраста на учениците и способноста за апсорпција на знаењата, напуштање на практиката на некритично преземање на наставните програми од други земји, развој на креативно размислување и учење на децата од најмала возраст.

Бројни се проблемите во средното образование. Еден од најургентните проблеми во средното образование е отсуство, односно лоша конципираност на системот на дуално образование, што детерминира негова неусогласеност со пазарот на трудот. Колку е значаен овој проблем (дуално образование) потврдува фактот што во 2016 година нашиот (македонски) пазар на труд побарувал и планирал нови 12.580 вработувања, од кои дури 63,5% се работни места за кои е потребна средна сручна подготовка (иста или слична е состојбата и 2017 година).

Соодветен квалификуван кадар со средно образование, со знаења, умеења и вештини, тешко се наоѓа – тоа е проблем што постојано го истакнуваат менаџерите на странските компании во земјата. За ова тие предлагаат и преземање соодветни мерки за развој на дуални програми во системот на средното образование и посебно во системот на средното стручно образование, односно практична настава што ќе се реализира во самите компании. Компаниите треба јасно да ги изразат и да ги планираат своите потреби за струките и занимањата неопходни за нивно успешно работење и во соработка со средните стручни училишта да изготват флексибилни наставни програми за реализирање на ваквата цел.

Искуствата на некои високо развиени земји (Германија, Австрија, Швајцарија) недвосмислено потврдуваат дека улогата на стопанските комори и на агенциите за вработување во профилирањето на дуален систем на средно стручно образование е посебно значајна – стопанските комори треба да ги анимираат и фирмите и училиштата во изготвувањето и профилирањето на наставните програми, кои ќе осигураат оптимална комбинација на теоретскиот и на практичниот дел на наставата, а агенциите за вработување да им помагаат на учениците да одберат занает (соодветно стручно училиште), да аплицираат и да се запишат во соодветно училиште.

Нашата држава се наоѓа во длабока криза долг временски период кои не се извршени битни промени на оваа сфера со издвојување за образование, наука, истражување и развој да се третираат како инвестиција во иднината на земјата, а не како трошок. Со други зборови кажано да се има предвид иновирањето, трансформирањето и реформирањето на образованието.

За жал, иако се изготвуваат национални програми за развој на образованието (2005-2015, 2015-2020 и сл.) во практиката мошне тешко се изведува. Со право странските експерти даваат критика и сугерираат до Владата на Република Македонија, до ресорните владини институции за состојбите во образованието, во сите степени на образование да се прилагодат програмите на новото време и на големите предизвици и промени што ги носи тоа.

Во Република Македонија, не постои научна институција која го третира, проучува и истражува образованието со исклучок на делумни проучувања и истражувања на поедини високообразовни установи кои преку проекти го истражуваат и вреднуваат. Немаме  конзистентна и научно заснована визија, односно стратегија за развој на високото образование и науката, проследена со програма за среднорочен развој на високото образование и на научноистражувачката дејност, како и со акциски планови за нивно остварување. Евидентен е процесот на намалување на научноистражувачките капацитети, изразени преку стагнација во обновувањето на наставно - научен кадар, замирање на институтската работа, гаснење на истражувачките јадра во стопанството и непостоење на соодветна научна инфраструктура. Примената на Болоњскиот процес не ги дава очекуваните ефекти, поради запоставувањето на некои од неговите суштински компоненти, кои особено се однесуваат на подобрување на квалитетот на високообразовната и научноистражувачката дејност на универзитетите и отсуство на суштински промени во системот на нивното финансирање, организирање и управувување. Високото образование и промените главно се сведени на проширување на опфатот на студенти, преку разграничување и хипертрофија на универзитетската мрежа - 24 универзитети со над 130 факултети и 600 студиски програми и формирање бројни дисперзирани центри, без добро подготвена аналитичко-предвидувачка основа и расправи, посебно од аспект на критериумите и стандардите на квалитет и на потребите на пазарот на трудот. Се формираат високообразовни институции детерминирани (проекти) од интересите на политичките партии. Со овие квантитативни ефекти, изостанува настојувањето за подигање на квалитетот на студиите на високото образование. На јавните високообразовни институции, научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана под неопходниот минимум. Бизнис секторот е сосема маргинализиран во процесот на стратегиското планирање и програмирање, управување и финансирање на обрзованието и науката, што доведува до евидентна неусогласеност на високото образование со потребите на пазарот на трудот;

Јавните вложувања во образованието се одржуваат на ниско ниво. Додека во Европската Унија тие изнесуваат околу 5% од БДП, а во земјите од регионот околу 4%, показателот за Македонија е под просек во регионот. Индикаторот за научноистражувачка интензивност - учеството за вложувањата за истражување и развој во БДП изнесува само 0,22% .

Овие состојби и проблеми условуваат вонредно ниска ефиксност на високообразовниот систем и на пазарот на трудот во земјите на Западен Балкан. Ефикасноста изнесува само 13%, што значи дека од 100 дипломирани студенти само 13 без посебни проблеми можат да најдат добро вработување, соодветно на нивните квалификации, и да се вклучат на пазарот на трудот.

Шангајската листа секоја година ја објавува Универзитетот Џао Тонг од Шангај –Република Кина. Шангајската листа се објавува од 2003 година и се земаат предвид 6 критериуми за да се направи разлика меѓу 500-те универзитети од 1.200 колку се регистрирани во светот, а меѓу критериумите се и бројот на добитници на Нобеловата награда меѓу поранешни студенти, бројот на истражувачи кои најмногу се спомнуваат во своите дисциплини и бројот на објавени трудови во списанијата Science I Nature. Критериумите се претежно фокусирани кон истражувањата и природните науки, каде што се губи видливоста на хуманистичките и општесвените науки. Пласманот на таа ранг листа исто така најмногу зависи од бројот на објавени научни трудови, вработени на универзитетите, нивните влијанија и бројот на цитати.

На Шангајската листа се објавуваат првите 500-тини универзитети во светот. Најдобрите светски универзитети во првите десет на листата се американскиот Харвард и Станфорд, британскиот универзитет Кембриџ, американскиот универзитет МИТ, Беркли, Принстон, британскиот Оксфорд, Колумбија, Калифорнија и Универзитетот во Чикаго.

Универзитети од Балканот кои се наоѓаат во првите 500 на Шангајската ранг листа се Универзитетот во Љубљана, Словенија. На таа ранг листа ги нема универзитетите од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Македонија.

На Шангајската ранг листа за квалитетот на универзитетите оваа година се најдоа 4 универзитети од Србија. Прв пат на листата се Нишкиот, Новосадскиот и Крагуевачкиот. Овие универзитети се наоѓаат на Шангајската листа во областа на математиката, додека Белградскиот универзитет рангиран е во 17 потесни научни области.

Во областа математика Универзитетот во Белград се пласирал на 201-300 место, Нишкиот се пласирал на 301-400, Новосадскиот и Крагуевачкиот на 401-500 место.

Од Словенија во областа математика Универзитетот во Љублана и универзитетот во Марибор се наоѓаат на ранг на листата од 201- 300 место.

Оваа 2019 година, ништо ново, македонските универзитети ги нема во првите 1.000 најдобри универзитети во светот. На Балканот Атинскиот универзитет се наоѓа меѓу 300 и 400 место, солунскиот „Аристотел“, белградскиот, загребачкиот се меѓу 400 и 500 место, љубљанскиот е меѓу 500 и 600 место, мариборскиот и сплитскиот меѓу 700 и 800 место, софискиот и новосадскиот меѓу 900 и 1.000 место.

Нашите македонски универзитети „Свети Кирил и Методиј“ на светската ранг листа е на 1.568 место, универзитетот „Гоце Делчев“ на 3.279, Униврзитетот ЈИЕ на3.881, Универзитетот Тетово на 4.912 и Битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“ на 5.697 место.

Може да се констатира дека македонските универзитети не само што ги нема во првите 500 на Шангајската ранг листа општо, ги нема и во потесните научни области.

Врвен приоритет треба да биде подигање на квалитетот на високото образование и на научноистражувачката дејност. Тоа ќе се оствари со примена на инструменти развиени на водечките европски универзитети согласно Болоњската декларација за европско подрачје на високото образование. Примената на европските стандарди за квалитет имплицира комплетно модернизирање на наставните програми и содржини, на постапките, и содржини, на постапките за евалуација на институциите, и заострување на критериумите за избор во академски и научни звања на јавните и приватните универзитети и слично.

Концептот на високото образование, неговите содржини, програми и цели мора да бидат засновани на принципот на единство на наставната и истражувачката дејност, осовременување на наставните програми и содржини. Неопходно е заострување на критериумите за оцена на научноистражуваката дејност на универзитетските професори и за одлучувањето за нивното напредување во повисоки наставно - научни звања. Неопходно е вклучување на студентите на редовните и на постдипломските студии во научноистражувачката работа, а докторските студии треба да имаат исклучиво истражувачки карактер - застпеноста на ова компонента треба да биде битен предуслов за акредитирање на докторските програми.

Приоритетна задача е преиспитувње на постојната хипертрофирана мрежа на високообразовните институции - универзитети и факултети и нивна необмислена дисперзија не може да биде самоволен чин на Владата, детерминиран од интересите на политичките партии и од теснопартиски апетити и амбиции на луѓе што се стекнале со највисоки научни звања во хипертрофираниот систем на високото образование. Ваквата практика води директно до пад на квалитетот на високото образование (на наставата, научноистражувачката дејност, критериумот на оценување на студентите, на критериумот за напредување на наставниот кадар исл)... Ова ни испорачува далекусежни негативни последици.

Финансирањето на високото образование и науката треба да претрпи коренити промени. Добар е примерот на Словенија каде финансирањето е уредено со посебен закон (Закон за буџети).

Неопходни се потикнувачки мерки за запишување на студенти на факултетите за природно-математичките, техничко-технолошки, биотехнички науки и сл. Во земјите на Западен Балкан постои вишок дипломирани кадри во областите бизнис, администрација и право и недостиг на дипломирани во природните науки, математиката, статистиката, а се појавува и недостиг во сферата на ИКТ. Податоците за бројот на дипломирани студенти во Македонија според областите на студирање за последниве шест-седум години потврдуваат дека меѓу 70% и 73% од дипломираните студенти им припаѓаат на општествените и на хуманитарните науки, меѓу 3,8% и 4,7% на природно-математички науки, меѓу 12% и 15% на техничко-технолошки науки и меѓу 7% и 12% на медицинските и на биотехничките науки. Неопходно е преиспитување на хипертрофираната мрежа на високообразовни институции и нејзина рационализација да се води сметка и за овој критериум, ова од причина што голем број од новоотворените факултети се во областа на општесвените науки, што е резултат на лабавите критериуми на акредитација на новите факултети и што директно води кон уништување на квалитетот на наставата и истражувачката дејност, со прекумерна комерцијализација на високообразовната сфера до нелојална конкуренција.

Неусогласеност на системот на образование со пазарот на трудот во Македонија е една од причините за појава и одржување на структурна невработеност и слично.

 

Ѓорѓи Илиевски

Виш просветен инспектор

.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе