Во овој тежок момент за Македонија имам морална обврска да се спротивставам на сето она што ја руши одвнатре и однадвор.
Не еднаш сум застанала спротивставувајќи се на силата која го отсликува самоволието на која било власт, која смета дека со нашиот глас може да има бесконечен легитимитет и да носи одлуки за кои граѓаните не се изјасниле.
Се изложував долго себеси пред полициските кордони само и само за една цел :
“Да изградиме заеднички држава на сите правдољубиви граѓани, држава која ќе ја врати моќта на носење на политички одлуки во рацете на граѓаните. Правна држава која не го понижува сопствениот граѓанин пред силата со која таа располага. “
Вие немате поддршка за рушење на темелите врз кои почива Македонија и нашиот идентитет.
Вие немате легитимитет за негирање на Македонската борба за слобода.
Вие немате легитимитет фашистите да ги нарекувате администрација!
Зар борбата која ја водеа сојузниците во Втората светска војна против фашистичките злосторници некој денес ги нарекува Хитлерова администрација ?!
Ние сме нација која има своја чест, своја историја и своја гордост.
Целокупниот попустлив тон и начинот на интерпретација кој го има во тоа интервју ги негира горенаведените и нанесува непоправлива штета за државата. Ние не сме нација која почива врз омраза, ние сме нација која го почитува другиот, но време е да се почитува и самата себе.
Ги повикувам сите оние со кои сме ги делеле улиците, не денови, туку години наназад да се спротивстават на ова однесување на премиерот и да се оградат од истото.
Ги повикувам сите оние членови на СДСМ со кои заедно сме спиеле на улица, сме се чувале едни со други, сме делеле заеднички идеали и замисли за поубава Македонија да испратат јасна порака до Зоран Заев.
Вратете ми го мојот глас! Вие го немате добиено тој легитимитет! Снимете ја вашата видео порака: „Јас, (име и презиме) со мојот глас немате легимититет за она што го правите денес.
Вратете ми го мојот глас! Вие го немате добиено тој легитимитет!
Престанете да се однесувате како сеуште да го имате мојот глас!
Ова што во моментов го правите е измама и на сопствените гласачи.
Особено јавно го повикувам претседателот Стево Пендаровски, во согласност со неговата уставна обврска, јавно да настапи и да застане во заштита на темелите на кои почива Македонија, тоа е негова обврска!
Исто така, ги повикувам сите антифашистички здруженија, сите семејства чии баби и дедовци загинаа во борбата против фашизмот, јавно да се спротивстават на пишувањето на оваа негативна бајка дека војувале, не против фашисти и окупатори, туку против „администрацијата на Хитлер“ .
Ги повикувам сите граѓански здруженија, индивидуалци кои години посветија на изградба на ова општество да не молчат, ДОСТА БЕШЕ МОЛК!
Ангела Илиевска
ПС. Иако мојот глас го имаат добиено во 2016-та година чувствувам морална обврска.