Вaрдар тече... ум одвлече...

Наместо некој да се сети и да реши да воскресне барем дел од проектот Вардарска долина, се најавува инвестиција на повеќе од една милијарда евра во изградба на пруга по Кородорот 8.

Го гледам Вардар деновиве. Лут, силен, полн со енергија, го преполнил убаво регулираното корито и ита кон центарот на Скопје да ги излечи  сите рани што така глупаво  последниве години му ги нанесоа директно во утробата.

Сепак, помалку важно е дали нашата прекрасна река ќе успее да се одмазди за раните што му ги нанесоа, многу поважно е сите да видат дека со него нема шега. Ако тој се налути, сите направени глупости лесно ќе ги збрише. Се надевам дека ќе извлечеме поука од тоа што деновите се случува и во иднина ќе го оставиме Вардар мирно и непречено да тече.

Гледајќи го сето ова, веднаш се сетив на еден убав проект од пред дваесетина години. Го нарекоа – Вардарска Долина! Француското електростопанство направи идеен проект и се понуди да го финансира овој колосален зафат на Вардар и сите негови притоки. Се предвидуваше да се направат десетина хидроцентрали и комплетна регулација на практично сите речни корита во Македонија. Не само што ќе станевме енергетски независна држава (а ќе имаше струја и за извоз!), туку и со собраната вода во многутте езера, богато во сушните лета ќе се наводнуваше плодната македонска земја и со тоа ќе добивавме и по две жетви од многу земјоделски производи.

Но, нашите мудри политичари, по долги и јалови дискусии, го отфрлија проектот без некое убедливообразложение. Изгледа дека во државава немаше маж што може да се зафати и го реализира ова големо дело. За жал!

Наместо регулирана Вардарска долина добивме прескапи и презагадувачки термоцентрали на неквалитетен јаглен, а добивме и енергетска зависност и годишно стотици милиони евра даваме за увоз на електрична енергија. И плус на сето тоа, енергетската иднина ни е сосема неизвесна – централите загадувачи остареа, пропаднаа, а нови такви или поубави и почисти нема на хоризонтот...

А добивме и огромна зависност од увоз на храна и пред сѐ на житни и фуражни растенија. Замислувате ли дека Македонија после 26 години независност, со ваков потенцијал на земјоделството, половината од сточната храна ја увезува и годишно троши 500 милиони евра за увоз на храна воопшто!?? Чудо невидено!

И сега што? Сега наместо некој да се сети и да реши да воскресне барем дел од проектот Вардарска долина, на сите ѕвона глупаво и  јалово се ѕвони дека ќе се инвестирало повеќе од една милијарда евра во изградба на пруга по Кородорот 8.

Повторно прашувам – кому ќе му треба таа пруга по 15-тина години изградба!? Дали таа конечно ќе чини повеќе од една милијарда и 500 милиони евра и кој и од каде ќе ги враќа тие огромни пари!?

А најстрашно од сѐ е што целата парична акумулација на Македонија ќе отиде на овој налудничав проект. И тоа значи дека нема да има пари ни за нови патишта по Коридорот 8 и другаде низ државата (кои се толку неопходни сега и веднаш, ни изгинаа малкутте млади што останаа во Македонија возејќи се по турските џадиња насекаде околу нас...!),  а нема да има ниту пари некоја нова и убава хидро централа да се направи. Кога ја гледам сета енергија на нашите реки што така нескротено и неискористено тече на југ кон Егејот, просто не можам да верувам дека сме толку будали...!??

Очигледно е дека овде некој презема нешто само ако има сопствена и лична корист. Општото добро никого не го интересира. Илјадниците (поточно, ги има 3.500 избрани и именувани!) слабо платени функционери, по неколку месеци од стапување на власт, единствено мислат како лично да се офајдат. Еве, последен пример во низа, видовме што се случи со ФЕНИ – успеаја да го урнисаат полнејќи ги своите приватни џепови, пари кои таму се прелеваа од неразумните  задолжувања кон две-три големи банки (онака патем, очигледно е дека во ФЕНИ има голем криминал, недостасуваат 60 милиони Евра, ќе треба обвинителството сериозно да го разгледа случајот бидејки опљачканиот комбинат на улица ќе остави неколку иљади луѓе!). Да, да, Вардар тече ли тече, но за жал, и умот со себе го одвлече!

Крајно време е во оваа држава да се отвори дискусија за вистинските прашања што живот значат. Мислам дека ни е доста дискусија од утро до вечер да се води за политиката и политичарите. Станавме зависници од јаловите зборови и дела на нашите политичари, експерти и аналитичари. А од тоа малку фајде има. Дајте да видиме кога во оваа држава ќе ја надминеме огромната сиромаштија и огромната нееднаквост која владее и сите не носи во дупка. Дајте да видиме што треба да се направи Македонија да доживее силен развиток и со тоа барем на половина ги скрати 60-те години потребни да ја стигнеме развиена Европа.

Верувам повеќето од вас ќе се сложат дека немаме време 60 години да чекаме пристојниот живот да дојде овде. За тие 60 години сешто ќе се случи и ако не се освестиме и започнеме брзо да се развиваме кој знае што не чека, кој знае дали овде ќе има парче земја што ќе се нарекува Македонија...!? Вака сиромашна и неразвиена сигурно нема да опстане. А и да опстане, ќе биде населена со половина од сегашниот број жители – овде ќе останат само пензионери и инвалиди од секаков тип! Навистина трагично, но за жал, многу извесно!

 

Емил Анастасов

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

повеќе

Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. 

повеќе

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 се носи во екс-пост заробена држава каде тензиите помеѓу администрацијата, економските агенти, клиентите и општеството се големи.

повеќе