Вардар е ракометен џин што не смее да умре

Чувајте го Вардар, потребен ни е на сите.

Ракометарите на Вардар испишаа уште една неверојатна приказна, која никогаш нема да се заборави. Лавовски се издигнаа над сите проблеми, го направија она што се чинеше невозможно и покажаа зошто овој клуб треба да се негува како национално богатство.

Македонците се народ што знае како да ги прослави големите успеси и да ги величи вистинските херои, но како земја немаме шанса да го правиме тоа често. Вардар овозможи македонската нација за краток период да има денови на општо лудило, позитивна екстаза што никого не може да го остави рамнодушен.

Вардар втор пат во три години стана европски шампион, овој пат титулата беше потешка, иако во 2017 беше подраматично изборена. Црвено-црните имаа сезона со многу маки, неисплатени плати, повредени ракометари, најави за црна иднина, кои требаше да го распарчат тимот, но спротивно на тоа, како одминуваше сезоната, тие стануваа сè посилни и посилни.

Момците на Парондо ги победија сите негативни прогнози и трета година по ред дојдоа до завршниот турнир во Лигата на шампионите, а во Келн магија.

Вардар на мегдан најпрво излезе со Барселона. Каталонскиот тим беше значително посилен од оној во 2017 година. На страната на Барса беше квалитетот, имаа страшни ракометари, имаа седум гола разлика по првите 30 минути, но го немаа тоа што го одлучи победникот, срцето Вардарово.

Црвено-црните за 30 минути успеаја да направат нешто во кое речиси никој не веруваше, но веруваа само оние што беа најважни, Вардаровите ракометари. Направија луд пресврт и ја фрлија Барса на колена. Вардар уште еднаш беше кошмарен за Каталонците. Со сета таа самодоверба собрана на мечот со Барселона, Вардар буквално го газеше Веспрем во финалето. Имаше и период на пад во вториот дел, но се издигна над него и без голема неизвесност го покори унгарскиот тим и втор пат за три години седна на европскиот ракометен престол.

Во Скопје Вардаровите ракометари беа пречекани како вистински херои, фешта се случуваше на аеродромот, бакли палени, песни пеени од навивачите на Вардар ги дочекаа креаторите на незаборавната бајка.

Луѓе наредени крај автопатот, луѓе на сите мостови од аеродромот до големата бина ги поздравуваа вардарци, плоштадот изгледаше претесно да ги прими сите што сакаа да им дадат аплауз на црвено-црните. Течеа и солзи, но од оние убавите, радосниците. Социјалните мрежи беа само под знакот на Вардар, ракометарите направија честопати поделениот народ да дише како едно, сè беше црвено-црно.

Вардар потсети дека треба да биде третиран како национално богатство, во изминатите години тој прерасна во ракометен џин, кој треба да се негува и не смее да се дозволи да загуби од својот сјај. Кога ќе се најде еден модул што го прави населението среќно, сите треба да се стават во погон за тој да се одржува, а тоа кај нас без сомнение е Вардар. Ако некој помислил дека 2017 е среќен инцидент, оваа година беше демантиран. Вардар треба да биде константа што ќе трае долго.

Власта и бизнисмените, оние што имаат повеќе отколку што им е реално потребно, треба да го препознаат својот интерес во Вардар, да вложат и да најдат механизам овој џин никогаш да не падне.

Ова беше магична сезона, но овие ракометари не заслужуваат несигурна иднина. Чувајте го Вардар, потребен ни е на сите.

Ристе Ѓорѓиевски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе