Вака – нема попис

Народот нема доверба во оваа Влада, ниту пак во метродологијата за спроведување на пописот.

Довербата на народот во својата влада е една од круцијалните предуслови за успешност на владините политики и мерки. Довербата на народот во Владата на Заев во најмала рака ја нема и со ваква народна недоверба ние треба да излеземе на попис кој покрај тоа што е статистичка операција, во нашата држава е и политичка операција.

Од пописот и резултатот од него т.е. од структурата на етничкото население зависи политичкото носење одлуки во владата, начинот на носење закони, имплементација на закони и редица други  уредби кои се поврзани со Охридскиот рамковен договор. Мотивацијата на албанскиот политички блок е секогаш да бидат над 20% од населението за да не се отвори прашањето за укинување на  Охридскиот договор и сите закони донесени околу него. Македонците пак, во теорија, би сакале Албанците да бидат под 20%, со тоа да има поголема демократичност во државата, имајќи го предвид фактот дека Рамковниот договор е уникатен договор, за земја која има унитарен, а не  федерален карактер, каде малцинската заедница во одредени области има законски овластувања да диктира правила на мнозинската заедница. Би сакал да грешам со оваа констатација и повикувам да ме демантираат со релевантни факти.

Ваквите наизглед спротивставени позиции на двете најголеми етнички заедници во Републиката  се решаваат со вметнување на контролни механизми во самиот попис. Овие контролни механизми, одобрени од двете страни, заедно со довербата на народот во Владата ќе донесат релевантни пописни резултати.

Во нашиов пописен случај, народот нема ниту доверба во Владата, ниту пак вметнатите контролни пописни елементи се доволно силни да не бидат подложни на политички штелувања. А овие штелувања ќе резултираат со нерелевантни пописни резултати и со тоа ќе се цементира меѓуетничката нетрпеливост за следните 10 години, по потреба, но не значи дека и ќе се оствари.

Има минимум четири аргументи зошто нема да имаме реален попис и имаме потреба од  граѓанска непослушност како демократска форма на изразување незадоволство.

Прво, на следниот попис нема двојна контрола, т.е. двојни попишувачи од различна етничка  заедница, пред сѐ од македонска и албанска, како контрола на изјавите на граѓаните што се попишуваат. Во овој попис попишувачите се претставници од локалното население кои ќе ги попишуваат сограѓаните. Ова влева сомневање кај Македонците дека Албанците ќе ги пумпаат своите резиденцијани сограѓани и ќе имаме ситуација нешто слична како што имаше на последните претседателски избори во САД, кога Фокс њус јави за гласање во Невада на мртви граѓани во корист на Бајден и Џорџија. Во нашиов случај не би ме изненадило мртви албански сограѓани да се најдат на списокот на резидентно население, да не зборувам за Албанците кои живеат надвор од Републиката повеќе од шест месеци, а ќе бидат попишани како резиденти.

Погледнете ја изјавата на бившиот премиер Груевски во емисијата на Миленко  Неделковски од 25 март 2014, во која тој ги појаснува нерегуларностите кои резултираа со прекин на пописот во услови кога имавме двојна контрола на терен. Сега немаме двојна контрола.

Второ, попишувачките податоци дирекнто ќе се складираат на т.н. „клауд“ (Cloud), т.е. ќе бидат  складирани во дигитална форма од зачетокот на попишувањето и нема да имаме податоци во хартиена форма. Немањето податоци во хартиена форма е всушност проблем имајќи предвид  дека не постои дигитална форма на заштита на податоци која штити 100% од хакерски напади.

Постои можност трета страна да ги манипулира податоците на т.н. „клауд“ серверот каде што пописните податоци ќе бидат сместени, а притоа нашиве од Државниот завод за статистика да немаат поим за тоа. Или пак да знаат дека некој манипулирал со бројките, но да не знаат како и колку податоци се сменети. Во отсуство на хартиена форма на внесување на податоците, дигиталната форма е подложна на промени кои можеби нема да се откријат. Нормално од Владата и од статистика ќе не уверуваат дека податоците се заштитени и дека никој не може никој ништо да им направи...

Впрочем ваков став имаше и британската влада пред нивните сервери и податоци на серверите да бидат хакирани минатиот септември. Истите хакирани документи прикажаа дека има индиции дека Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство преку Bellingcat ја има помагано изборната кампања на Заев во 2019 (податок од The Greyzone).

Трето, самиот Заев е гарант дека нема да имаме реален попис. Тој покажа дека е спремен на исполнување на странски агенди, да делува послушно кон албанските барања и кога тие барања се противуставни и го нарушуваат меѓуетничкиот соживот меѓу Албанците и Македонците. Заев е спремен да исполни секакви желби само да остане на власт, а Али Ахмети и неговите пописни барања се гарант дека Заев ќе остане на власт.

Откако статистика ќе ги вкрсти податоците од разните датабази и ќе се види дека резултатите од пописот на терен и на оние во разните владини датабази се драстично различни во средините каде што претежно живее албанско население, доволен е само еден краток телефонски повик од Али Ахмети за да Заев прифати бројка која ќе може да ја продаде кај народот.

Убедувањата на директорот на Државниот завод за статистика, господинот Симовски дека сѐ ќе биде изведено според законоот во услови кога ама баш секоја одлука во државата е политичка нема да ја коментирам.

Четврто, го прифаќам аргументот и иницијативата на госпоѓа Олгица Трајковска, која не ја познавам, поднесена до директорот на статистика и до Уставниот суд на Републиката. Таа ја оспорува методологијата на пописот во кој Македонците се сведени на етничка заедница наместо народ, што е спротивно на Уставот. Земајќи го предвид систематското кршење на човековите права на Македонците во дел од ЕУ и негирањето на нацијата од страна на официјална Грција и Бугарија, ова е сериозен исчекор кон додатно деградирање на македонската нација од страна на т.н. матична држава.

Само врз оваа основа, која може да се образложи во друга колумна, е доволно да не излеземе на попис сѐ додека Уставниот суд не ја утврди уставноста на методологијата за пописот или пак  додека не се поправи таа методологија.

Врз база на овие аргументи, јас нема да се попишам, а мојата фамилија нема да отвори врата и повикувам на сите Македонци да не отворат врата на попишувачите и да спречат потенцијален фалсификат на пописот. Во овој контекст, ја поздравувам иницијативата ‘Не отворам врата’, на неколку здруженија и политички партии. Во принцип се согласувам со нивните заложби за неотворање врата на попишувачите. Мојата фамилија ќе залепи нивен плакат на врата.

Но, сметам дека нивниот аргумент за неотворање врата, пандемија со ковид, заштита на своето здравје, иако е многу релевантен, но недоволен аргумент што допира во сржта на проблемот со пописот. Истиот аргумент му остава простор на Заев, кој е способен да биде единствениот политичар на свет да спроведе попис во време на пандемија, наместо да го одложи пописот за година до две, додека не се стиши пандемијата, да ги матира дечките од, ‘Не отворам врата’, и пак да спроведе фалц попис во иднина.

Сашо Маневски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе