Урбанистички помор во Кисела Вода

Никој упорно не менува со години, туку моделира во правец на ненаситниот бизнис сектор во градежништвото.

Последниот предлог ДУП за градска четврт Ј14 – Расадник, претставува  кулминација на урбанистичкиот помор во Македонија. План кој го дефинира поразот на Скопје како град кој многу внимателно се планираше до 90-те години на XX век. Значи заокружуваме 30 години, одење наназад, особено за Кисела Вода, која нема друг простор за дефинирање на својот локален центар.

Планот нуди загушување, губење на сите термини кои по лекциите од часовите по Урбанизам  ги слушавме постојано (во текот на студирањето), како на пример: градежна линија, габарит, висина, осончување, проветрување, организирање на функции, проектирање визури, зеленило, паркирање, сообраќајници… Сите овие точки  кои го дефинираат урбанизмот се применети во својата негативна конотација.

Делувањето на урбанизмот според некои формули кои правилниците ги наложуваат без слободата на проектантот да создаде слика во контекстот на просторот,  микро и макро во поглед на градот и нивно спроведување, претставува слепо работење и потценување на професијата, поткрепено од легислативата. Но, никој упорно не ја менува со години, туку ја моделира во правецот на ненаситниот бизнис сектор во градежништвото.

Планот е дефиниран во втората димензија. Бидејќи тоа е многу далечно за окото на читателот, создадовме наједноставен 3Д  модел според максимите запишани во планот. Резултатот е повеќе од очаен.

Тоа што можеме да заклучиме, без посебни анализи е дека ова личи на случајно расфрлани тела  низ просторот наместо планско делување со конкретен концепт, иако погледот одозгора одлично лаже.

Густото ткаење со овие височини е еднакво на создавање „кањони“ во кои светлината секако ќе биде еден од главните проблеми.

Овој план по верзијата од 2016-та,  каде исто така реагиравме на густината на објектите, излегува дека е многу подобар во однос на проветрување и ориентација на објектите и изедначената градска слика.

Таму недостасуваше официјална паркова површина, повеќето беше зеленило кое ги опркужува станбените објекти, но во компарација со сегашниот предлог,  прашање е – што е подобро?! Најдобро е ништо од сето ова, стопирање со заеднички напори на државата, градската и општинската власт, вклучување на фелата и организирање јавен архитектонско урбанистички конкурс со времетрање од најмалку 6 месеци, како би се продуцирале квалитетни решенија (на кој би претходеле 3 месеци собирање анализи и податоци за креирање на соодветна конкурсна задача).

Урбанизмот е вовед во архитектурата, што значи за да бидеш урбанист, пред сѐ треба да си архитект, да размислуваш каков објект габаритите може да продуцираат.

Во планот има безброј чудно дефинирани површини за градба, за кои очигледно „визионерот“ се однесува како да не е во тек со случувањата во Скопје, и какви „ремек дела“ од објекти може да произлезат. Замислете кога овие површини ќе ги зафатат секакви инвеститори, згора на тоа ќе бидат и секоја зграда своја приказна. Е па може ли тоа да се нарече  план на делување?!

Ние имаме дузина примери на несовесни инвеститори, кои продаваат станови на 1 км од плоштад „Македонија“, а велат со поглед на плоштадот, потоа инвеститори кои се жалат на заработката од 11 % (тешка лага), инвеститори кои немаат доблест да не градат врз културно наследство или онаму каде пречат на соседите.

Во таков случај ни треба многу сериозен закон и план кој нема да дозволи безредие за нечие богатење. Најголемата лага е дека ако се постапи според моралните и етичките начела, инвеститорите би биле во загуба. Тоа е блам кој постојано го дозволуваме да се провлекува. Не може да загубите нешто, што не сте го направиле, може заработката да ви биде помала, но истовремено и влогот. Тоа се повлекува паралелно.

Да не ја отвораме темата дека тие најчесто ги користат најефтините материјали, а ги наплатуваат становите еднакво како и оние кои градат чесно. Значи постојано ова општество овозможува на несовесните, да стекнуваат сѐ поголема капиталистичка моќ. Правилата на игра не смеат да бидат на штета на граѓанството!

Кулите како објекти, се смета дека се поента во просторот, ориентир, тие креираат визури и идентитет, но пред сѐ за нив важи образложението – растење во височина со цел ослободување на повеќе простор за јавни содржини околу.

Во планот можете да пресретнете 6  петнаесеткатници на растојание од 10 – 20 метри. Објектите се со височина од 49 метри, значи најмалку меѓусебно треба да се на исто толку растојание. Овие правила,  во времето на претходниот систем биле внесени како пропис за безбедност – во случај на колапс на некоја од зградите, при падот да не може да повлече со себе некој од околните објекти.

Овој пример укажува на ограниченоста во планирањето, условено со поседот, обликот на парцелата, но и слободата на нехумано организирање на просторот преку законите. Но, да не се лажеме, притисокот е обостран, сопствениците сакаат од земјоделци да се претворат во милионери преку ноќ, додека општината сака да обезбеди комуналии, на сметка  на општото добро, градот и жителите на оваа нова населба.

Урбанизмот препознава различни типологии на обликување, но во контекст на слободна површина која била земјоделско земјиште, да продуцирате план кој создава ваква разединета слика на објекти кои не  како еден комплекс, е вистински пораз.

Ние не заостануваме зад светот, ние заостануваме зад самите себе. Пред неколку децении во општество кое денешниот капитализам сака целосно да го оцрни, сме продуцирале достојни концепти, кои не заостанувале зад светските движења.

Значи мора неодложно да застанеме и да промениме сѐ од корен. Мора да се сменат законите и правилниците и проектантите да добијат слобода во креирањето на просторот, додека општината треба да прерасне во менаџер меѓу сопствениците и инвеститорите. Тој труд, општината од целиот процес секако ќе има можност како да го наплати, а ќе стане креатор на својата иднина.

Тука е секако и  поголемата болка на Скопје, а тоа се градските паркови. На оваа позиција просторот побарува парк со сериозна површина, од типот на Градскиот парк кој треба да направи рамнотежа на градската слика и еднакви услови за живеење.

Знаеме дека не е возможно да се реализира на целата слободна површина, но треба да се избориме за најмалку 40-50 % од неа, во која ќе се инкомпорираат и јавните пјацети, плоштадки, игралишта и слично. Од тука остатокот треба да се организира во кули, на соодветно растојание, обезбедувајќи проток меѓу себе, струење на воздухот и дополнително зеленило.

Иницијативата за Расадникот, треба да стане борба на сите жители на Скопје, не само на локалците. Градот мора да ја препознае оваа локација како клучна за промена на правецот на движење и создавање пример кој потоа сите ќе го следат!

Филип Конески

(Преземено од Македонска архитектура)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе