Угоре високо, удолу длабоко, а нашиве власти мува не ги лази

Додека во соседството „котелот сериозно зоврива” нашите домашни политички аналфабети на власт и во опозиција мудро молчат и си го гледаат само личниот и партискиот интерес.

Ги гледам и слушам на ТВ Пинк српските провладини политички аналитичари (професори, новинари, поранешни политичари и др.) кои унисоно и гласно велат „САД и ЕУ не могу да обуздају Куртијa. ЕУ је  политички импотентна у односу на Куртија и Косово”… Ваквите глупости се резултат на нивното политичко слепило и неможноста несакањето точно и реално да ги согледаат работите. Овие т.н аналитичари „од многуте дрвја не ја гледаат шумата”. Тие никако да „прогледаат” и до го вперат прстот кон САД и да се изјаснат дека таа велесила не сака да го дисциплинира Курти. Никако да сфатат дека се работи за глумење на добриот и лошиот полицаец. Под влијание на САД, Европската Унија (читај Германија и Франција) се тие кои „под маса” му дозволуваат на Курти безобразно да ја крши и да не ја почитува Бриселската спогодба. Курти е егзибиционист, политичар извршител во функција на реализација за замислените геостратешки идеи и разврски кои во моментов се случуваат меѓу големите сили. Во една моја колумна од месец март 2022 година напишав дека Курти е новиот Зеленски на Балканот. Зад овој мој јавно искажан став и констатација јас цврсто стојам и денес.

 

Денеска во Брисел на тет-а-тет средбата Вучиќ - Курти и да има некое решение, тоа ќе биде само времено. Тензиите ќе траат уште долго време, сѐ додека големите не ги задоволат своите апетити и интереси. Сѐ додека секој не си го добие својот дел од колачот. Српскиот претседател во повеќе наврати изјавува дека не сака да дојде во вооружен судир со Косово, но ако дојде до тоа тие нема да бидат виновни. За да не дојде до војна на Косово потребен е сериозен притисок врз Курти за исполнување на договореното со Бриселската спогодба, а не скриена поддршка за кршење на истата.

По преземањето на контролата врз претставничкиот дом од страна на Републиканците, американскиот претседател Бајден нема да има можност и понатаму неограничено да ја финансира и да ја вооружува Украина. Сакале не сакале, САД ќе мораат да им дозволат на Украинците да преговараат со Путин. Оптимист сум дека за кратко време ќе се склучи примирје со најверојатна поделба на Украина. А потоа на ред се Балканот, Турција и ЕУ.

Никаде ништо не слушнав, ниту видов дека некој од надлежните и одговорните во нашата држава анализираше зошто токму баш сега се случија експлозиите во Истанбул за кои турската влада ги обвини курдските милитанти во Сирија.

Дали некој од надлежните институции и персони воопшто размислува дека ова можеби е дел од сценариото за дестабилизација на Турција како посредник (помирител) помеѓу Русија и Украина?

Дали во функција на овој обид за дестабилизација се и зачестените провокации кон Турција од страна на Грција?

Како тоа токму сега повторно се појавуваат знаци на повторување на мигрантската (бегалската) криза?

Турскиот претседател Таип Ердоган во неколку наврати јавно изјавува дека „поради војната на Русија и Украина цената која ќе треба да се плати ќе биде преголема. Таа цена најмногу ќе ја платат Европа и Полска. Турскиот лидер посебно нагласува дека западот на чело со САД преку Украина ја напаѓа Русија без никакво ограничување и дека руската воена интервенција врз Украина е резултат на неумерената политика на проширување на НАТО алијансата.

Размислува ли некој дека војната помеѓу Русија и Украина е можеби само првата етапа од намерите за слабеење на влијанието на ЕУ, но и чекор кон нејзина дестабилизација?

Во овој контекст треба да се следат и случувањата помеѓу Ерменија и Азербејџан во однос на Нагорно Карабах? Склученото примирје во ноември 2022 година по шестнеделната војна се случи со посредство на Русија. Се работи за кревко примирје. За овој регион освен Русија која ја гарантира безбедноста на Ерменија каде што има своја воена база, свој  интерес покажуваат САД меѓутоа и Турција која го поддржува Азербејџан, но која истовремено сака да ги задржи добрите односи со Русија.

Деветтата држава по големина во светот Казахстан е следната држава за дестабилизација. И покрај победата на вчерашните избори, казахстанскиот претседател Токаев по сѐ изгледа дека не ќе може и понатаму да балансира помеѓу Русија, Западот и Кина и да ја подобри социо-економската состојба во државата. Се на сė, премногу политика и геостратешки комбинации за реализација на целите и интересите на големите.

Додека во соседството „котелот сериозно зоврива” нашите домашни политички аналфабети на власт и во опозиција мудро молчат и си го гледаат само личниот и партискиот интерес.

Државата секој ден сѐ повеќе ни тоне на секој план, посебно на економски и безбедносен.

Во една напната атмосфера во соседството која лесно може да ескалира секој час, ние не слушнавме дека заседаваше Советот за безбедност, што за мене е недозволиво. По сѐ изгледа дека во моментот Пендаровски има други приоритети. Преокупиран е да добие кандидатура за втор мандат, а безбедноста на државата и граѓаните може да причека.

Премиерот Ковачевски се занимава со обезбедување мнозинство за промена на Уставот, а Ахмети да зграби што е можно повеќе државни позиции за своите верни извршители посебно во судството, обвинителството и полицијата. Алијансата на Таравари е прокупирана како повторно да се дограби до власт, поточно и тиа да „штрбнат” нешто од преголемиот државен буџет, зошто надвор не ја бива работата.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ по сѐ изгледа дека се откажа во намерата да го обезбеди долго најавуваното и поскувано мнозинство и сѐ повеќе несвесно се занимава со локални и тривијални работи.

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) заборави дека е самостоен орган на државната управа основана со цел заштита на националната безбедност, независноста и суверенитетот. Исто ми е чувството и за Агенцијата за разузнавање (АР) која е надлежна да собира, обработува, анализира, проценува, разменува, чува и штити податоци и информации од значење за безбедноста, одбраната, надворешно-политичките и економските интереси на Република  Македонија. И двете комплетно се ставени во служба на партиите на власт, а најмалку во функција на заштита на народот и државата.

Никој од сите овие прозвани не посвети сериозно и должно внимание на зборовите на Џо Бајден кој  јасно кажа дека Република Македонија е на линијата на огнот. Јас би додал дека се работи за Плацдарм - територија на (или преку) која се подготвува или разрешува голема геостратешка операција каде последиците поради неспосбноста на политичарите и нефункционалност на системот ќе бидат катастрофални.

Проф. д-р Јове Кекеновски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе